Печатот кој Франц Кафка го оставил на книжевноста и воопшто во уметноста не може да се види на маргините на страниците. Печатот на творештвото на Кафка се забележува на целата хартија на модерната книжевност, неговиот печат е онака „кафкијански“ замачкан во бројните текстови на писателите кои твореле по него, а и во многу филмови во кинематографијата, па дури и во архитектурата.
Токму во тоа огромно влијание на Кафка се крие и етимологијата на придавката „кафкијански“, која денес, често и неправедно, се припишува на многу дела од светската книжевност, а се користи и при многу животни ситуации. Синтагмите „кафкијанска ситуација“ и „кафкијански простор“ многу добро им се познати и на оние кои никогаш не го читале Кафка, иако самата есенција на овие поими знае да им се провлече и на многу од неговите обожаватели и читатели.

Понекогаш се чини дека голем број читатели се згрчуваат пред делото на Франц Кафка, како да се исплашени од невозможноста на целосното разбирање, фантастичните елементи во раскажувањето или недостатокот на причинско-последичен тек на случувања, т.е нижење на мотиви, па затоа е неопходно да се занимаваме со „проблемот“ на поетиката на Кафка, како и да се обидеме да дадеме одговор на прашањето: „Како (и зошто) да ја читаме потресната книжевност на Кафка?“
Проблемот на поетиката на Франц Кафка
Книжевните теоритичари долго време се обидувале да го стават Кафка во одредена стилска формација, нарекувајќи го експресионист, надреалист и слично. Фактот дека е невозможно Кафка насилно да го ставите во некаков шаблон најубаво се гледа и во неговиот однос кон книжевната традиција. Со оглед на тоа дека основата на пишувањето на Кафка се наоѓа во превртување на книжевните традиции или со други зборови, бегање од неа, постои и одреден број на теоретичари кои го нарекуваат и писател без претходник, писател кој е претходник самиот на себеси.
Секако, со читање на дневниците на Кафка би можело да најдеме и имиња на писатели на кои Кафка им се воодушевувал, како на пример: Достоевски, Дикенс, Хамсун, Стриндберг и други. Во таа линија, неговото дело, содржински, тематски и мотивски може да се поврзе со нив, но и со филозофите Кјеркегор и Ниче. Но, сепак не може да ги гледаме овие автори како негови претходници или идоли, затоа што Кафка во нив барал само потврда, истомисленици или како што тој самиот ги нарекува во одредени делови во својот дневник – браќа.

И покрај тоа што делото на Кафка е надвор од сите „изми“, она што е најблиску до неговото творештво, кое од сликарството се пренело во книжевноста, е магичниот реализам. Тоа е она „зачудувачко нешто кое никого не зачудува“, реален свет, а сепак преполн со фантастични елементи. Слично како и во бајките, фантастичните елементи на магичниот реализам не предизвикуваат чудење и изненадување ниту кај протагонистите во делата, ниту кај читателите.
Бесконечните можности за толкување, проповедна техника на доживеаниот говор, параболичното пишување, нужноста за интеракција на читателите со делото се само некои од карактеристиките на стилот на пишување на Кафка. На тоа да ја додадеме и фрагментираната структура на делата (тука треба да се нагласи дека не се работи за недовршеноста на делата, туку за „довршеност во недовршеноста“) и честото релативизирање на речениците, со што станува јасно дека писателот поставил тешка задача на своите читатели.
Како да се чита едно дело на Кафка?
При перцепирањето на делата на Кафка, важно е да се обрне внимание на тоа дека сѐ она што се прикажува во нарацијата е одраз на внатрешниот свет на неговите јунаци. Таков е случајот со неговото најпознато дело, „Процес“ (случајот на Јозеф К. се одигрува во неговата глава, а сите временско-просторни одредници и сите споредни ликови во делото се содржани внатре во него), одредени делови од „Америка“ и „Замокот“, а истото се случува и во голем дел од неговите раскази („Селски лекар“, „Пресуда“, „Преобразба“, се само дел од нив).
Логиката на сонот во приказните на Кафка не треба да се зема здраво за готово, туку во неа треба да се бара спознавањето на метафорите, да се спознае она што ликовите го мислат и чувствуваат, она што и ние би го почувствувале во слична ситуација.
Покрај сите отежнувачки околности, секогаш мораме одново да им се враќаме на делата на Кафка. После првото читање секогаш следи и второто, а потоа и третото, а дури и во фазата на просветлување многу често може да се дојде до точката кога сѐ ќе добие своја смисла, која ќе нѐ потресе и ќе нѐ натера да размислуваме.

Зошто треба да го читаме Кафка во денешно време?
Со своето творештво, Кафка не се обидувал да одговори на прашањата кои го мачат поединецот во модерното општество. Па затоа, не треба ни да се обидуваме да ги пронајдеме, она што по коешто треба да трагаме се заострените прашалници, чија намера е да го натера читателот да се преиспита себеси и самата поента на постоењето.
Неретко, Кафка во своите приказни ни прикажува едноставни и мали животни ситуации (чисто како пример, препорачливо е да го прочитате расказот „Една мала жена“) кои нам може да ни изгледаат неважни на прв поглед. Откако тој негов текст ќе нѐ упати на една таква ситуација, ние можеме да ги проучиме и нашите односи со другите, да се обидуваме да трагаме по можни решенија.
Делата на Кафка се наменети за сите оние кои се подготвени да гребат и копаат под својата површина, да ја истражат својата душа и да ја спознаат вистината зад ситните конфликти во себеси. Таквото читање на Кафка неминовно води кон промени и освестување.
