За омилените книги на Коби Брајант во 2019 и неговата несудена книга со Пауло Коељо…

26 јануари 2020 година ќе се памти како еден од најтажните денови во поновата историја, ден кога целиот свет ќе го помни како денот во кој во хелихоптерска несреќа загинаа 9 луѓе, меѓу кои и легендарниот кошаркар Коби Брајант, заедно со неговата 13-годишна ќерка Џиана Брајант.

Коби Брајант беше еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, човек со кого повеќето од нас пораснавме гледајќи го на малите екрани, човек кој имаше неверојатен талент и љубов за кошарката. Овие неколку денови сите жалиме за човекот кој инспирираше милиони деца да започнат да тренираат кошарка или едноставно да се заљубат во овој спорт. Тој беше семеен човек, кој ја обожаваше својата сопруга Ванеса и неговите четири ќерки.

kobe-bryant-favorite-books

Откако се пензионираше од кошарката, Коби Брајант работеше напорно на различни проекти, доби и Оскар за неговиот краток анимиран филм „Драга кошарко“, а и дополнително ја создаде неговата мултимедијална продукциска компанија „Гранити студиос“, која создаваше книги и филмови наменети за мотивирање млади спортист(к)и да го достигнат нивниот целосен потенцијал.

Тој, во соработка со Весли Кинг, имаше објавено три книги за деца/млади. Покрај тоа, тој ја имаше објавено и автобиографијата „Менталитетот Мамба: Како играм“. Во поглед на пронаоѓањето на неговата страст во пишувањето, тој кажал: „Најдобар начин да научиш некого нешто, не е преку попување, туку преку споделување приказни.“

По трагичниот настан од неделата, покрај милионите пораки полни со љубов кон легендата и неизмерна тага за загубата, на Твитер се огласи и познатиот писател Пауло Коељо, кој во Македонија е најпознат по неговите книги „Алхемичарот“ и „Вероника реши да умре“.  Тој напиша: „Ти беше повеќе од одличен играч, драг Коби Брајант. Јас научив многу во мојата интеракција со тебе. Веднаш ќе го избришам ракописот, оваа книга ја изгуби својата смисла.“

Потоа, во кратка изјава за „Асошиејтед Прес“, изјави:

„Го избришав ракописот затоа што повеќе нема смисла да се објави тоа без него. Нема да додаде ништо релевантно за него или неговото семејство. Ова не ме спречува еден ден да пишувам за работите кои ги научив од Коби и за тоа дека беше човек поголем од животот. Но, оваа книга за деца, повеќе ми немаше смисла.“

kobe-bryant-wizenard-books-featured-image-love-comic-books-featured

За жал, никогаш нема да дознаеме каква книга планирале да издадат (освен дека била за млади), но затоа засекогаш во наследство ќе останат книгите кои веќе ги објави. Освен пишување, Коби сакал и да чита. Некаде при крајот на 2019 година, тој ги споделил своите омилени книги за 2019 година со уредниците на „Амазон Букс“, изборот на Брајант опфаќа различни теми како: образование, лидерство и моќно раскажување на приказни. Во продолжените прочитајте ги неговите препораки:

Црн леопард, црвен волк“ од Марлон Џејмс

Што кажал Коби: „Јас сум голем обожавател на епски фантастични серијали, а светот кој Џејмс го создава е одличен и длабок и тоа е она што води кон обликување на моќна приказна.“

Опсег“ од Дејвид Епстајн

Што кажал Коби: „Оваа книга навлегува во тезата дека фокусирањето врз специјализирање, може да ја попречи или забави нашата способност да бидеме одлични во нешто. Тоа оди во линија со она што јас се обидувам да го правам на тренинзите кои ги водам, во моите приказни, и во она што го правиме со „Спортската академија Мамба“: да создадам обликувани спортист(к)и кои можат критички да размислуваат и да прават проценки во реално време и да ја збогатуваат својата игра наместо да се фокусираат на мал и ограничен сет на вештини.“

Понеделникот нема да дојде“ – Тифани Д. Џексон

Што кажал Коби: „Книгата на Џексон е одлично истражување за тоа како се гради карактерот, силата и важноста на пријателството. Одлично пишување. Тензична е како хорор приказна, а сепак е многу реална и неверојатно привлечна.“

Лидерство: Во турбулентни времиња“ – Дорис Кернс Гудвин

Што кажал Коби: „Ја обожавав „Тим од ривали“ и „Лидерство“ е книга која навистина се надоврзува на работите кои јас ги понесов со себе од таа книга. Преоѓајќи од кошарка во создавање и развој на компанија, морав да научам нови и различни лидерски вештини, а Гудвин ги прикажува различните вештини на Линколн, двајцата Рузвелти и Линдон Џонсон и тоа го прави на многу достапен начин.“

10-lovely-photos-of-the-late-kobe-bryant-and-daughter-gianna-bryant-he-was-quite-some-father-750x375-1

Тешко е да се верува дека никогаш повеќе нема да го видиме насмеаниот Коби кој ни порачува да веруваме во себе и да се бориме и напорно да работиме за нашите соништа да се остварат. Никогаш нема да видиме како Џиана ги остварува своите соништа да биде одлична кошаркарка, следејќи ги стапките на нејзиниот татко.

Сега Коби и Џиана се заедно таму горе со ангелите. Никогаш нема да бидат заборавени.

Збогум Мамба.

Збогум Џиана.

Почивајте во мир!

Извор 1.
Извор 2.

 

 

Leave a comment