Емили и Шарлот Бронте се едни од легендарните имиња во светската книжевност, а нивните романи „Оркански височини“ и „Џејн Ер“ се едни од најпознатите романи на сите времиња кои одново и одново се препрочитуваат, екранизираат, анализираат.
Но, иако многумина знаат за нивната трета сестра Ен, сепак малкумина се вистински запознаети и со нејзината работа и нејзините дела. Денес на блогот ви пренесувам една одлична статија од Кетрин Тејлор за веб-страната на издавачката куќа „Пенгвин“, во која таа малку подлабоко навлегува во творештвото на Ен, која иако не достигна популарност како своите сестри, сепак придонела многу со своето пишување.

Нејзините несентиментални романи истражуваа теми како емотивна злоупотреба и манипулација, векови пред ова да стане валидна тема за дискусија. Со оглед на тоа дека поминаа 200 години од нејзиното раѓање, време е повторно да се навратиме на „третата сестра Бронте“.
„Кога мора да се справуваме со пороци и порочни ликови, стојам на тоа дека е подобро да ги прикажеме онакви какви што се навистина, отколку онакви какви што сакаме да бидат.“
Ова го напишала Ен Бронте, под нејзиниот псевдоним Актон Бел, во предговорот на нејзиниот втор роман „Станарката на замокот Вајлдфел“. Иако овој роман често е прескокнуван од читателите, сепак малкумина знаат дека првично се продал во повеќе примероци од „Оркански височини“, романот на нејзината сестра Емили, и бил растргнат од страна на критичарите во 1848 година.
Еден осврт во списанието „Шарпс Лондон“ најмногу се фокусирал на фактот дека „Станарката на замокот Вајлдфел“ ги претставува жените како „супериорни во однос на мажите во секој аспект, морален и интелектуален“ и дека ликовите „истовремено се груби, брутални и презриво слаби, одбивни и будалести“.

(„Изгрејсонце над морето“, цртеж на Ен Бронте од 13 ноември 1839 година)
Мала е веројатноста дека Ен би отстапила од овој пристап, бидејќи во истиот предговор, таа вели: „Да се претстави лоша работа во најмалку навредливо светло без сомнение е најприфатливата насока која еден писател би можел да ја прифати: но дали е најискрената, или најбезбедната?“ Но, не би можеле да знаеме со сигурност, затоа што таа никогаш повторно не напишала друг роман, бидејќи починала од истиот вид на туберколоза како и нејзината сестра Емили и нејзиниот брат Бранвел.
Постојано потценувана и нарекувана „третата сестра Бронте“, Ен долго време била занемарувана од критичарите и истражувачите и како последица на тоа, била занемарувана и од страна на многу читатели. Јас, самата, пораснав читајќи ги „Џејн Ер“ и „Оркански височини“, а „Станарката на замокот Вајлдфел“ ја фатив во рака кога наполнив 29 години, возраста на која Ен починала.
И тоа беше откровение. Има одреден стоицизам и цврст поглед во делото на Ен, како и во нејзиниот живот (наводно, нејзините последни зборови биле: „Имајте храброст“). Нејзиното дебитантско дело од 1847 година, насловено како „Агнес Греј“, дело кое е напишано пред „Џејн Ер“, но издадено подоцна, брилијантно ги опишува ужасите и омаловажувањата од нејзиното време додека работела како гувернанта во едно богато и влијателно семејство.
Но, „Станарката на замокот Вајлдфел“ е делото кое најцврсто стои и се издвојува како длабоко, слоевито е неверојатно претскажувачко истражување на домашно насилство и принудувачка контрола. Приказната за Хелен Грахам, „станарка“ која бега од брутален брак, била прогласена за толку скандалозна, што дури и Шарлот, која била единствената жива сестра, се воздржувала од повторно објавување на книгата сѐ до 1854 година, велејќи дека книгата била „грешка“.
Но, сега можеме да ја гледаме со вистинските очи, онакца каква што е навистина: феминистичко дело кое е во линија со денешните дебати околу согласноста, манипулативноста и тешкотиите на општеството да им верува на искуствата на жените.

За време на нејзиниот период како гувернанта, живеејќи со богатото семејство Робинсон од Торп Грин Хол, во близина на Јорк, нејзиниот брат Бранвел, кој бил тутор на најмалото дете во семејството Робинсон, но и истовремено бил и алкохоличар и зависник од опиум, отворено се впуштил во катастрофална љубовна афера со нивната манипулативна работодавачка госпоѓа Лидија Робинсон. Ен уште од младоста ја видела грдата страна на човечкото однесување и тоа го применила во нејзиното пишување.
За разлика од нејзините сестри, кои биле толку опседнати со оштетените херои од готската книжевност и кои тие ги преработиле и одново ги обликувале во сомнителни „главни мажи“, како садистичкиот Хитклиф и лажливиот господин Рочестер, Ен одбивала да ги романтизира работите.
Таа во „Станарката…“ напишала: „Секогаш има „но“, во овој несовршен свет“, откривајќи ја дилемата на жена која во тоа време сѐ уште се сметала за „легален посед“ на својот маж. Позната е и ситуацијата кога критичарот Меј Синклер во 1913 година искоментирал дека кога Хелен Грахам му ја треснала пред нос вратата од спалната соба на својот сопруг, тресокот „одекнуваше низ цела викторијанска Англија“.
Во делата на сестрите Бронте, не е само до жестокоста на јокширските мочуришта која се протнува во нивните книги, туку и длабокото навлегување во физичкото и психичкото насилство кое е вкоренето и вдомено во луѓето. Малтретирањето на мали животни, изгладнувањето деца, машката доминација врз жените се само мал дел од работите кои нивните книги ги анализираат. Коренот на ова не е само во непријателската околина во која тие пораснале, или нивните кратки „излети“ во општеството, туку и во нивниот фантазерски свет.
Минијатурните книги кои ги содржеле фантастичните приказни за измислените Гондал и Ангрија, со кои децата Бронте поминувале часови замислувајќи ги овие светови и го одбежелале нивното детство, поттикнале искри во возрасните умови и фантазија на Шарлот, Емили и Ен. Разликата меѓу Ен и нејзините сестри е тоа што таа го подбутнала радикализмот на приказните напред, без да се заплетка во романтичните илузии.
Време е, 200 години по нејзиното раѓање, конечно да ја признаеме храброста и далековидноста на Ен Бронте. Многу работи за променија и подобрија за жените од тоа време, но сепак и денес гледаме дека многу приказни на жените остануваат премолчени. Како што таа самата вели во „Станарката на замокот Вајлдфел“: „Дали е подобро на младиот и неразумен патувач да му се откријат стапиците и замките на животот или да се покријат со гранки и цвеќиња?“
Статијата е преземена од веб-сајтот на издавачката куќа „Пенгвин“.
