По повеќе од 10 години, Маргарет Атвуд годинава ќе издаде збирка поезија!

Маргарет Атвуд е една од најпознатите писателки на денешицата. Нејзиниот роман „Приказната на робинката“ стана своевиден културен феномен, а последниве години постојано е во фокусот на вниманието благодарејќи и на истоимената серија која повторно ја актуелизираше оваа книга и поради која, една цела нова генерација млади читатели повторно ја открија оваа неверојатна дистопија. Освен тоа, романот допира до многу чувствителни општествени теми кои сѐ уште се релевантни и важни и поттикнуваат дебати и дискусии.

Како последица на тоа, таа минатата година повторно се искачи на врвот на најпродаваните книги благодарение на „Сведочења“, нејзиното продолжение на „Приказната на робинката.“

margaret-atwood

Но, малкумина знаат дека Маргарет Атвуд ја започнала својата книжевна кариера како поетеса, пишувајќи прекрасни поеми, а подоцна се префрлила на пишување проза. За својата проза таа има добиено многу важни награди како на пример „Букер“, но нашите Струшки вечери на поезијата во 2016 година решија да ја наградат со највисокото признание „Златен венец“ токму за нејзиното богато, плодно и одлично поетско творештво.

Се чини дека Маргарет Атвуд реши да се наврати на нејзините книжевни корени и есенва ќе ја издаде својата прва збирка поезија по повеќе од 10 години! Нејзината издавачка куќа „МекКлеланд и Стјујарт“ објавија дека наесен ќе излезе нејзината збирка „Драгоцено“ (Dearly). Од издавачката куќа велат дека долгогодишните читатели на делата на Атвуд, како и нејзините понови читатели, веднаш ќе го препознаат нејзиниот препознатлив стил на пишување.

Според најавите, збирката ќе биде полна со размислувања за „отсуствата и краевите, стареењето и ретроспекцијата, но истовремено и за подароците и обновите.“

Од издавачката куќа најавија дека Атвуд исто така ќе биде наратор на аудио-книгата која ќе излезе заедно печатеното издание на збирката што ќе се случи на 10 ноември.

Ова се навистина одлични вести! Јас едвај чекам да излезе оваа збирка и многу ми е драго што и помладата генерација ќе има можност подлабоко да се запознае и со поетската страна на Атвуд!

Извор.

 

Leave a comment