Јануари беше одличен месец за читање книги и за уживање. Празниците ни овозможуваат да поминеме повеќе време со нашите сакани, но и да си одвоиме време за себе и за нашите задоволства. Февруари започна со полн сјај и одлично време, па доколку се мислите што да читате, можеби некој од овие наслови кои јас ги прочитав во јануари ќе ве поттикне и инспирира за да биде ваше следно четиво.

Еве што читаше Кафе и книги во јануари:
Девојката од мочуриштето – Дилија Овенс

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4.5/5
Осврт: Ова е одлична книга за сите љубители на добар трилер/крими-роман. Сместена е во периодот од 50-тите и 60-тите години на 20 век и ја раскажува необичната, но потресна приказна за Каја, која живее сама и е принудена да преживува во малата трошна куќичка покрај мочуриштето.
Паралелно додека се запознаваме со суровиот живот на Каја и сведочиме на нејзиното растење, книгата се фокусира и на „сегашниот“ момент кон крајот на 1968 година, кога токму во околината на мочурштето е пронајдено телото на еден популарен младич, почитуван и сакан од заедницата од градот во кој живее.
Ова е навистина одлична книга, освен што се работи и за мистерија, има и една длабока човечност и анализа на човековата состојба и нашата потреба да бидеме сакани, допрени и прегрнати и како напуштањето остава длабока трага врз срцата на луѓе. Топло ја препорачувам оваа книга!
Ова завршува со нас – Колин Хувер

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт: Оваа книга е одличен пример како може да се навлезе длабоко во тешка тема и да ве натера да размислувате дури и ако веќе имате (или мислите дека имате) цврст став по спомнатата тема. Преку ликот и приказната на Лили Блум влегуваме во тешката тема за семејно насилство.
Лили пораснала во насилен дом, со татко кој психички и физички ја малтретирал мајка ѝ со години и таа си ветува на себе дека никогаш нема да дозволи некој да се однесува така со неа. И така таа го запознава Рајл, млад, згоден и амбициозен неврохируг, кој многу ја привлекува, ама истовремено е и свесна дека тој е фраер кој не сака да се смири.
Но, сепак одлучува да му даде шанса и таа започнува да живее живот од бајките, сѐ додека еден немир од нејзиното минато не ѝ се појави случајно во нејзиниот живот… Одлична книга, се чита во еден здив, но истовремено не може да ве остави рамнодушни…
Филмски клуб – Дејвид Гилмор

Издавачка куќа: ИЛИ – ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт: Во оваа книга дефинитивно најмногу ќе уживаат филмофилите, страствените љубители на филмови, но и ако не сте некој голем обожавател на филмови, оваа приказна ќе најде начин како да ви се пикне под кожа. Се работи за автобиографско дело на Дејвид Гилмор кој го опишува периодот кога неговиот син живеел со него и се откажал од училиште.
Тој се согласува на тоа, но само под два услови: Не смее да се дрогира и мора секоја недела да гледа три филмови заедно со него. Преку заедничката страст кон филмот како уметност, оваа приказна носи една подлабока порака за воспитувањето, за односот помеѓу родителот и своето дете, за грижите и двоумењата кој секој родител ги има во однос на тоа дали ја прави вистинската работа.
Преку филмските класици и нивниот домашен кауч, гледаме како се развива трансформацијата на нивниот однос, но и како таткото го сведочи болното растење на неговиот син и неговата преобразба во возрасен младич.
Минхен – Роберт Харис

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4/5
Осврт: Ако сте љубител на историја и историски драми, оваа книга ќе биде полн погодок за вас. Она што најмногу ми се допадна околу книгава е што дејството се случува пред самиот почеток на Втората Светска војна.
Обично историските драми кои ја истражуваат Втората светска војна се случуваат по почетокот на војната, а оваа книга навлегува во еден период кој не е толку истражуван од белетристиката, односно на конференцијата во Минхен во септември 1938 година.
Користејќи реални историски ликови (Хитлер, Мусолини, Чембрлен) и мешајќи ги со измислени ликови (Легат и Хартман), оваа книга ќе ве држи до неизвесност до самиот крај. Почетокот е малку бавен и на приказната ѝ е потребно повеќе време да се развие, но имајте трпение и верувајте дека вреди за она што следува во подоцнежниот дел од книгата.
Олива Кетриџ – Елизабет Страут

Издавачка куќа: АРС СТУДИО
Оцена: 4/5
Осврт: „Олива Кетриџ“ е збирка на раскази која беше наградена во 2009 година со Пулицерова награда за белетристика и тоа со право. Одличен стил на раскажување.
Сите раскази раскажуваат различни приказни на различни луѓе, но сѐ некако се сведува и се врти околу приказната на Олива Кетриџ. За некои луѓе таа е бесчувствителна и груба, но сите приказни се толку прекрасно испреплетени, што едноставно не може да не се согласите и сфатите дека секој човек е составен од многу различни слоеви и дека може да биде повеќе работи одеднаш.
Олива е повеќедимензионален лик и во неа има многу повеќе нивоа отколку што луѓето гледаат. Сите имаме некакви етикети кои им ги лепиме на луѓето, без да ги погледнеме работите од повеќе агли. Тука не станува само збор за животот на Олива, туку и на сите други животи кои се испреплетуваат на одреден начин со нејзиниот. Одлична книга, со задоволство ви ја препорачувам!
