Романот „Тоа“ на Стивен Кинг, кој првпат беше објавен во 1986 година е познат по својата должина и како мултигенерациска хорор сага. Благодарејќи на последната филмска екранизација, овој роман повторно се врати во центарот на вниманието кај љубителите на хорор книги. Ова е втора екранизација на книгата, по телевизиската мини-серија од 1990 година.

Ако не сте многу запознаети со приказната, ќе мислите дека се работи само за приказна за еден кловн-убиец. Но, тука има нешто многу подлабоко од тоа. Еве неколку работи кои можеби не сте ги знаеле за книгата (а ако воопшто не сте запознаети со неа, можеби токму ова ќе ве поттикне да ја прочитате).
Инспирацијата за романот доаѓа од една норвешка бајка
„Трите јариња Груф“ е класична норвешка бајка за три хаотични јариња кои успеваат да надмудрат еден трол кој стои на еден мост. И можеби тоа делува како нешто многу чудно што нема никаква врска со хорор приказна со повеќе од 1000 страни, но самиот Стивен Кинг тврди дека оваа приказна е првичната инспирација за книгата. Мостот од приказната тој го преобразува во цел град, тролот е ужасното демонско суштество наречено „ТОА“.
Кинг на својата веб-страна напишал: „Одлучив дека мостот може да биде градот, ако има нешто под него. Што има под градот? Тунели, канализации… Мислев на тоа како би можела да биде изградена приказната, како би било возможно да се создаде ефект на куршум кој се одбива, испреплетувајќи ги приказните на децата и нивниот живот како возрасни луѓе. Некаде во периодот во летото 1981 година, сфатив дека морав да пишувам за тролот под мостот или да го оставам ТОА засекогаш.“
Му биле потребни четири години за да ја заврши книгата
Кинг е познат по тоа дека е многу продуктивен и плоден автор, кој има издадено повеќе од 50 книги. Кога „Тоа“ првпат излегла на пазарот, таа била дел од бран од четири книги кои Кинг ги објавил во период од само 14 месеци. Во периодот помеѓу 1986 и 1987 година, Кинг ги објавил „Тоа“, „Очите на змејот“, „Мизерија“ и „Томинокерс“. Имајќи ја предвид неговата продуктивност, би било лесно да се претпостави дека Кинг ги пишува книгите за само неколку месеци. Но, нека не ве залажува тоа, бидејќи му биле потребни четири години за да го напише романот „ТОА“.

„Тоа“ не е најдолгиот роман на Стивен Кинг
Човек би помислил дека 1138 страни дефинитивно се премногу и дека ретко кој автор би можел да се надмине себеси во поглед на должина, но не: „Тоа“ е вториот најдолг роман на Кинг. Најдолгиот роман на Кинг е „Борбата“ кој брои неверојатни 1153 страни и тежи околу два килограми.
Најконтроверзната сцена во романот е претешка и преморничава за која било екранизација
Во овој роман се наоѓа една од најозогласените секс сцени на сите времиња. Децата од таканаречениот „Клуб на осаменици“ успеваат привремено да го победат „Тоа“ и за да можат да го најдат излезот имаат секс со едно од девојчињата од групата како еден вид ритуал. Подоцна Кинг ги објаснил своите намери кога ја пишувал контроверзната сцена. „Додека пишував воопшто не мислев на сексуалниот аспект на сцената. Сексот беше начин да се поврзе детството со преминот во светот на возрасните. Оттогаш времињата се променија и сега ова е многу почувствителна тема.“
Тој го пишувал романот под дејство на кокаин
Кинг е трезен повеќе од три децении, но во неговата младост се борел против зависноста од дрога и алкохол. Неговата продуктивност не сопрела во овој период, тој само продолжил да пишува додека бил под дејство на дрога и алкохол. Во едно интервју со списанието „Ролинг Стоун“, тој изјавил: „Јас бев тежок зависник од кокаин во периодот од 1978 и 1986 година, нешто така.“ Според Кинг, „Томинокерс“ била последната книга која ја издал како зависник.

„Тоа“ се појавува во градот Дери на секои 27 години – екранизациите на „Тоа“ исто така се појавиле со разлика од 27 години
Во романот, суштеството познато како „Тоа“ не е кловн, туку зло суштество кое има различни облици и се прилагодува на личноста која ја тероризира. Иако неговиот најчест облик е кловн, „Тоа“ било и вампир и врколак, создавајќи хаос и терор во измислениот град Дери, појавувајќи се на секои 27 години. Она што е интересно е дека првиот дел од филмската екранизација се појави 27 години по мини-серијата од 1990 година. Секако, ова е само случајност, но е навистина интересна случајно.
Инспирација за измислениот град Дери е вистинскиот град Бангор во Мејн
Дејството на „Тоа“ се случува во измислениот град Дери во Мејн. Според Кинг, инспирација за Дери е вистинскиот град Бангор во Мејн, во кој Кинг живее од 1979 година. Кинг и неговата сопруга дебатирале дали да се преселат во Портланд или во Бангор. Кинг претпочитал да се преселат во Бангор затоа што мислел дека Портланд е град во кој живеал кремци и разгалени снобови, додека Бангор бил „град во кој живее работничката класа, луѓе кои работат напорно и чесно… и мислев дека приказната, големата приказна која сакав да ја напишам е токму таму… сите мои размислувања за чудовиштатата и детската приказна „Трите јариња Груф“.
„Тоа“ добива облик на кловн затоа што Кинг смета дека децата најмногу се плашат од кловнови

Кинг има изјавено дека неговата цел со „Тоа“ била да ги измеша сите страшни чудовишта во еден пакет. Подоцна тој објаснил: „Но, потоа почнав да размислувам: треба да има едно ужасно, одвратно, гадно суштество, нешто што човек не сака да го види, да ти доаѓа да вриштиш само кога ќе го здогледаш. И си реков: „Што е она што ги плаши децата повеќе од што било друго на светов? И одговорот беше: Кловнови.“
Кинг еднаш имал морничава средба со кловн и тоа со Роналд МекДоналд
Во интервју од 2005 година, на гостување кај Конан О’Брајан, Кинг го споделил неговото сопствено морничаво искуство со кловн, конкретно со Роналд МекДоналд. Кинг бил во авион и Роналд МекДоналд седнал до него, облечен во целосна кловновска униформа. Кинг рекол: „И си мислев: „Што ако се сруши авионов?“ Ќе умрам седејќи до кловн.“
Кинг го смета овој роман како негово „последно истражување“ на хорор жанрот
Иако Кинг со години се смета за „мајстор за хорори“, тој претходно има кажано дека нема одговор на прашањето што е она што го мотивира. „Тоа“ било одговорот на неговите анализи и распити. Во интервју за списанието „Тајм“ во 2009 година, Кинг рекол: „Јас си велев: „Зошто не напишеш едно „последно истражување“ во овој хорор жанр и во него да ги ставиш сите чудовишта од кои секој човек некогаш се плашел?“ И потоа си реков: „Е па ако го правам тоа, ќе го направам како бајка. Ќе измислам еден град каде сите овие работи се случуваат и сите ги игнорират.““
