Во понеделник ќе се случи промоцијата на „Трчањето ме учи“ на Кокан Ајановски!

Кафето секогаш оди одлично со книги, но, иако ние љубителите на книги обожаваме да пиеме кафе и удобно да бидеме сместени во нашите кревети или троседи, сепак одвреме-навреме уживаме и во убавината на трчањето и спортските активности. Впрочем, еден од најпознатите писатели на денешницата, Харуки Мураками, е познат страствен вљубеник во трчањето.

84111779_10157952741154817_974837523266142208_o

Исто како што и писателите трчаат, така и трчачите пишуваат. Најсвеж и најдобар пример за тоа е Кокан Ајановски, неколкукратен државен шампион на Македонија во различни атлетски дисциплини, човек кој со години е на пиедесталот на македонската атлетика. Една од најголемите причини за неговиот успех е неговата посветеност, страст и љубов кон трчањето и таа страст и љубов ја преточи во книга со кратки раскази насловена како „Трчањето ме учи“.

Во оваа книга Кокан Ајановски се труди да ни ја долови љубовта кон трчањето и како трчањето е повеќе од спорт, трчањето е начин на живот и состојба на ум. Трчањето е најубав одраз на животот и нашата борба да најдеме смисла во него, а Кокан преку оваа книга на најубав начин ни ја претставува поврзаноста меѓу животот и трчањето.

Промоцијата на книгата ќе се случи во понеделник, на 24 февруари, во 19:00 часот, во „Јавна соба“ (Public Room). На промоцијата, освен што ќе можете да си набавите примерок, ќе имате можност директно од авторот да слушнете повеќе за инспирацијата зад книгата, но и за магијата на трчањето и како трчањето му ги дало највредните животни лекции, и како можете и вие да ги пронајдете своите животни лекции и цели токму преку трчањето.

Дури и ако не сте љубител на трчањето, оваа книга и оваа промоција ќе ви дадат поттик и инспирација да размислувате за следните чекори како да го збогатите вашиот живот. Како читателка вљубена во трчањето, исклучително ви ја препорачувам оваа промоција и трчањето како активност, бидејќи преку трчањето, целата магија на читањето се материјализира на еден поинаков начин, а оваа книга прави одличен мост меѓу овие две прекрасни активности и има за цел да ве поттикне да читате за една активност која иако не ви е позната, сепак можеби ќе ја засакате, најпрвин преку страниците на книгата, а потоа и на кеј.

Се гледаме и на промоција, но и на кеј!

За повеќе информации, следете го официјалниот настан на Фејсбук.

 

Leave a comment