Вил Смит е еден од најуспешните актери во Холивуд. И после две-три децении, тој е подеднакво сакан и од новите, но и од постарите генерации, кои не го помнат само како актер, туку и како рапер. Како и сите успешни луѓе (за тоа веќе имам пишувано на блогот) и тој сака да чита и во неколку наврати зборувал за неговите омилени книги кои значително влијаеле и го мотивирале за да успее. Прочитајте кои три книги му помогнале во тоа.

„Алхемичарот“ – Пауло Коељо
„Алхемичарот“ е можеби и најпознатиот роман на Пауло Коељо, кој е еден и од најпродаваните романи во Македонија и голем дел од македонската читателска публика постојано му се навраќа на овој роман, поради тоа што пораките во него се универзални и мотивирачки. Овој роман допрел и до Вил Смит, кој во едно интервју зборува токму за оваа книга и меѓу останатото, додава: „Јас верувам дека можам да го создадам она што сакам да го создадам. Јас цврсто верувам дека ние сме она што одлучуваме да бидеме.“
„Поинакви: Приказна за успехот“ – Малком Гладвел
Ова е книга која суптилно го менува начинот на кој се гледате себеси и другите. Оваа книга е збир на факти, анегдоти и се работи за шармантна приказна каде авторот навлегува во вистинските причини зошто најуспешните луѓе се посебни. Во интервју за списанието „ЈуЕсЕј Тудеј“, Вил Смит истакнал еден концепт од книгата кој особено му оставил впечаток: „Ја читав книгата на Малколм Гладвел и тој зборува за концептот на 10.000 часа. Фактот дека човек не може да се смести на ниту едно ниво на мајсторство додека не посвети 10.000 часа“.
„Богат татко, сиромашен татко“ – Роберт Т. Киосаки
Ако вашата главна грижа е да станете финансиски независни, тогаш ова е одлична книга за вас, книга која ќе го промени начинот на кој гледате на парите и инвестирањето. Авторот Киосаки зборува за неговото лично искуство со неговиот вистински татко (кој бил сиромашен) и таткото на неговиот најдобар пријател (кој бил богат) и како и двајцата мажи му помогнале да ја обликува својата перспектива околу парите.
Во интервју со Опра Винфри, Смит зборува за тоа дека постојано се грижи за својата финансиска иднина, додека неговите синови, кои пораснале добро ситуирани, сѐ уште не размислуваат околу тие работи, затоа што имале сѐ. За да им даде поинаква перспектива, ги замолил своите синови да ја прочитаат оваа книга за да им даде подобро разбирање околу парите.
Зошто и вие треба да им дадете шанса на овие книги?
„Алхемичарот“ може да ве научи за тоа колку е важно никогаш да не се откажеш од своите соништа. „Поинакви“ ќе ви покаже цел нов свет каде успехот може да биде и ваш. „Богат татко, сиромашен татко“ може да ви создаде финансиска совест која ќе ве води во вашите идни инвестирања.
Секако дека овие три работи не се сѐ што ви е потребно за успех, но и тоа е добро за почеток. Иако, многумина не ги сакаат книгите за самопомош, можеби е добро да им дадете шанса.
