Џорџ Орвел е еден од најпознатите писатели на сите времиња, неговите книги како „Животинска фарма“ и „1984“ никогаш не ја губат својата релевантност, напротив, се чини дека како што минуваат годините, тие добиваат уште поголемо значење. Освен преку своите книги, Џорџ Орвел често пишувал есеи, колумни и анализи преку кои ја анализирал состојбата на англиското општество во тоа време.
Еден од тие текстови, кој Орвел предложил да биде предговор на „Животинска фарма“, првпат бил објавен во „Книжевниот додадок на Тајмс“ во 1972 година, со вовед на сер Бернард Крик.
Во овој текст, односно есеј, Орвел зборува за пристрасноста на медиумите, и како тоа влијае на нивната слобода, како и нивната самоцензура, која уште повеќе ја ограничува слободата на печатот, дури и без поголема интервенција на власта.
Најверојатно бил поттикнат од фактот дека едвај успеал да ја издаде „Животинска фарма“, откако 4 пати бил одбиен од 4 различни издавачи (на блогот веќе имам пишувано за едното одбивање од страна на Т.С. Елиот).
Со оглед на тоа дека ова е многу важна и интересна тема, решив да го споделам овој есеј на блогот, но имајќи предвид дека се работи за навистина долг текст, го поделив на два дела, едниот дел можете да го прочитате подолу, а вториот дел ќе имате можност да го прочитате утре.

„Помислата за оваа книга, во поглед на главната идеја, се случи во 1937 година, но не беше запишана сѐ до крајот на 1943 година. Додека да дојде времето да биде напишана, беше очигледно дека ќе биде многу тешко да биде објавена (без оглед на моменталниот недостиг на книги кој самиот по себе гарантира дека сѐ што може да се опише како „книга“ ќе се продава) и на крај навистина беше одбиена од 4 издавачи. Само една од овие издавачки куќи ја одби од идеолошки мотиви.
Две од нив веќе со години објавуваат анти-руски книги, а последната немаше некоја очигледна политичка обоеност. Еден издавач всушност најпрво ја прифати книгата, но откако ги направивме првичните договори, одлучи да се консултира со Министерството за информации, кои наводно го предупредиле, или во секој случај силно го советувале, да не ја објавува. Еве еден извадок од неговото писмо:
„Ја спомнав реакцијата која ја добив од важен официјален претставник од Министерството за информации, конкретно за „Животинска фарма“. Морам да признаам дека ова негово мислење ме поттикна на сериозно размислување… Сега можам да видам дека се гледа како нешто што не е баш препорачливо да биде објавено во овој момент.
Ако бајката се однесуваше општо на диктаторите и диктатурите ширум светот, тогаш објавувањето ќе беше во ред, но како што сега јасно гледам, бајката толку целосно го следи прогресот на Советските Руси и нивните два диктатори, што може да се однесува само на Русија, а останатите диктатури да се исклучат од приказната.
Уште една работа: би било помалку навредливо ако доминантната каста во бајката не беа свињи. Мислам дека изборот на свињи како владеачка каста без сомнежи ќе навреди многу луѓе, особено оние кои се малку чувствителни, како што без сомневање се Русите.“

Ова не е добар симптом. Секако дека не е посакувано оддел на Владата да има каква било моќ да цензурира (освен безбедносна цензура, за која никој не се буни во време на војна) книги кои не се официјално спонзорирани и поддржани од истата. Но, главната опасност за слободата на мисла и говор во овој момент не е директното мешање на Министерството за информации или кое било друго официјално тело.
Ако издавачите и уредниците се овластат себеси да држат одредени теми надвор од печат, тоа не е затоа што се плашат дека ќе бидат прогонувани, туку затоа што се плашат од јавното мислење. Во оваа држава, интелектуалниот кукавичлук е најлошиот непријател со кој писателот или новинарот треба да се соочи, и мислам дека овој факт воопшто не ја добива дискутијата којашто ја заслужува.
Секој човек со отворен ум и новинарско искуство ќе признае дека за време на оваа војна (Втора Светска војна, м.з), официјалната цензура не беше нешто посебно непријатна или иритантна. Не бевме подложени на оној тип на тоталитарна „координација“, каква што беше разумно да се очекува. Медиумите имаа некои оправдани жалби и поплаки, но генерално и општо земено, Владата се однесуваше добро и беше изненадувачки толерантна кон мислења кои беа спротивни на мнозинството. Морничавиот факт во врска со книжевната цензура во Англија е тоа што во голем дел е доброволна.

Непопуларните идеи можат да бидат замолчени и непогодните факти можат да се држат во темница, без да мора официјално да се забрануваат. Секој кој подолго време живеел во странска држава знае за различните примери за сензационалистички делови од вестите – работи кои врз основа на својата заслуга би ги добиле големите наслови – кои тивко се држат надвор од британскиот печат и тоа не затоа што Владата интервенирала, туку поради генералниот премолчен договор дека „не би било добро“ да се спомне тој конкретен факт.
А што се однесува до дневните весници, ова е лесно да се разбере. Британскиот печат е екстремно централизиран, и поголемиот дел од него го поседуваат богати мажи кои имаат мотив да бидат неискрени за одредени важни теми. Но, истата затскриена цензура исто така оперира и во книгите и периодичните весници, како и во претставите, филмовите и радиото.
Во секој момент постои една ортодоксност, тело на идеи за кое се претпоставува дека сите разумни луѓе ќе го прифатат без поговор. Не е баш забрането да се каже ова, она или тоа, но не е „пристојно“ да се каже, исто како што во Викторијанско време не било „пристојно“ да се спомне зборот „панталони“ во присуство на дама. Секој кој ја предизвикува моменталната ортодоксност ќе биде замолчен со изненадувачка ефективност. Искреното мислење кое е немодерно, речиси никогаш не добива фер однос и никогаш не е навистина слушнато, ниту од популарниот печат, ниту од висококотирачките периодични весници.

Во овој момент, она што се бара од доминатното јавно мислење е некритичко воодушевување на Советска Русија. Сите го знаат ова и сите се однесуваат во согласност со тоа. Секоја сериозна критика на советскиот режим, секое откривање на факти кои советската власт би сакала да останат скриени е речиси неподобно за печатење. И овој национално распространет заговор да му се ласка на нашиот сојузник, постои, за некое чудо, напоредно со искрена интелектуална толерантност.
И иако не ви е дозовлено да ја критикувате советската влада, барем сте во голема мера слободни да ја критикувате нашата. Речиси никој нема да испечати критика за Сталин, но сосема е безбедно да го напаѓате Черчил, без оглед на тоа дали е во книги или периодични списанија. И низ текот на петте години за време на војната, од кои во две или три се боревме за национален опстанок, без никакво мешање беа објавени безброј книги, памфлети и статии кои се залагаа за компромисен мир. Тие дури беа објавени без да се разбуди и испровоцира некое големо негодување.
Сѐ додека престижот на СССР не е допрен и вклучен во тоа, начелото за слобода на говор беше навистина одржано и почитувано. Постојат и други забранети теми, и моментално ќе споменам само неколку од нив, но доминантниот став кон СССР е најсериозниот симптом. Тој е, како што и беше и претходно, сосема спонтан и не беше поради некаков притисок од некоја страна.

Сервилноста со која поголемиот дел од англиската интелигенција ја проголта и повторува руската пропаганда од 1941 година наваму, ќе беше навистина запрепастувачка доколку тие не се однесуваа слично во неколку претходни случаеви. Се редеа едно контроверзно прашање по друго, кога рускиот светоглед беше прифатен без никаква анализа и потоа беше распространето во јавноста со целосно занемарување на историската вистина или интелектуалната пристојност.
Еве да наведам само еден пример, кога Би-Би-Си ја одбележа 25-тата годишнина на Црвената армија без воопшто да го спомене Троцки. Ова е точно исто како да се одбележи битката кај Трафалгар без да се спомене Нелсон, но ова воопшто не предизвика никаков протест кај англиската интелектуала.
Во внатрешните борби во неколку окупирани држави, британскиот печат речиси во сите случаеви застана на руската страна и ја клеветеше спротивната страна, понекогаш дури и прибегнувајќи кон криење материјални докази за да го направат тоа. Особено очигледен пример за ова беше примерот со генералот Михајловиќ, југословенски четнички лидер.
Русите, кои имаа свој југословенски штитеник во Маршал Тито, го обвинија Михајловиќ дека соработувал со Германците. Овие обвинувања веднаш беа раширени и објавени од британскиот печат: на поддржувачите на Михајловиќ воопшто не им беше дадена шанса да одговорат на обвинувањата, а фактите кои беа во спротивност на ова едноставно не беа воопшто спомнати во весниците.
Во јули 1943 година, Германците понудиле награда од 100.000 златни круни за заробување на Тито и слична награда за заробување на Михајловиќ. Британскиот печат насекаде пишуваше и цело време објавуваше за наградата за Тито, но само еден весник ја спомна (и тоа кратко и речиси невидливо) наградата за Михајловиќ: па така обвинувањата за соработката со Германците продолжи.

Многу слични работи се случуваа и за време на Шпанската граѓанска војна. Таму, оние кои беа на републиканската страна, која Русите сакаа да ја скршат, беа немарно клеветени од англиските лево наклонети медиуми и одбиваа да објават каква било изјава во нивна одбрана, дури и во форма на писмо.
Во моментот, не се смета за неподобна и штетна само сериозната критика кон СССР, туку и самиот факт дека таква критика постои се крие и се чува како тајна. На пример, кратко пред смртта, Троцки напишал биографија на Сталин. Човек секако дека би претпоставил дека не се работи баш за објективна книга и дека сигурно има пристрасност во неа, но секако дека била подобна за продавање.
Еден американски издавач работел на нејзино издавање и книгата веќе била пуштена на печатење, мислам дека одреден број примероци веќе биле дадени на критичари, а тогаш СССР влегла во војната. Книгата била веднаш повлечена. Ниту еден збор за ова не се појавил во британскиот печат, иако очигледно е дека постоењето на таква книга и нејзиното поттиснување, било вест за која вредело да се напишат неколку пасуси.“
(продолжува)
