Со оглед на ситуацијата со коронавирусот и мерките кои ни препорачуваат и наложуваат да седиме дома за доброто на сите, сега сите имаме повеќе време за читање книги. Денес на блогот, можете да прочитате еден транскрипт од одлично видео за тоа зошто треба да го читаме Чарлс Дикенс, па можеби тоа ќе ве инспирира да фатите во рака некое од неговите дела или повторно да ги препорачитате романите како „Оливер Твист“, „Големите очекувања“, „Приказна за двата града“, итн. Најпрво прочитајте го текстот на македонски јазик, а најдолу можете да го погледнете и одличното анимирано видео кое е на англиски јазик.

„На Земјата има темни сенки, но светлините се посилни во тој контраст.“ – Чарлс Дикенс
Изгладнетото сираче кое бара уште една порција чорба. Немажената која си го троши времето во нејзината искината венчаница. Бесчувствителниот мизерен богаташ кој е прогонуван од духот на Божиќ од минатото.
После повеќе од еден век по неговата смртта, овие впечатливи описи остануваат препознатливи моменти од делата на Чарлс Дикенс. Неговото творештво е толку впечатливо, што почна да добива свои сопствени придавки. Но, кои се главните карактеристики во неговото пишување што го прават толку посебно?
Фикцијата на Дикенс е полна со исчекување преку длабоки и меланхолични сцени, пресврти и мистерии.
Овие карактеристики на неговото творештво ја примамуваа неговата публика да сака повеќе. Кога неговите приказни биле првично објавени, тие биле серијализирани, што значи дека во одреден временски период биле објавувани само по неколку поглавја во пристапни книжевни списанија, а дури подоцна биле препечатени и издадени како книги. Ова предизвикувало неверојатни шпекулации околу прествртите и откритијата кои ги создавал.

Серијализацијата не само што ја направила неговата фикција достапна за пошироката публика и ги привлекувала луѓето да ги читат приказните, туку и ја зголемила целата помпа околу самиот автор. Дикенс станал особено популарен за неговата остроумност, која ја внесувал и искажувал преку забавните ликови и сатиричните сценарија.
Неговите ликови ја искажуваат целосната и чистата апсурдност на човечкото однесување и нивните имиња често се огледало на нивниот карактер или општествена положба, како угнетениот Боб Кретчит, подмолниот Урија Хип и веселиот Сптимус Криспаркл. Дикенс ги поставува овие шаренолики ликови наспроти сложените општествени околности, кои го одразуваат и сатиризираат општеството во кое живеел.
На пример, тој често размислувал и ги земал предвид промените предизвикани од Индустриската револуција. За време на овој период, пониските класи се соочиле со ужасни и бедни услови за работа и живот. Дикенс самиот ги искусил овие тешкотии кога бил дете, кога бил приморан да работи во фабрика за боење чевли, откако неговиот татко бил испратен во затворот за должници.
Ова многу влијаело на неговиот опис на затворот „Маршалси“ во „Малата Дорит“, каде главниот лик се грижи за нејзиниот осуден татко. Затвори, сиропиталишта или сиромашните маала можеби делуваат како депресивни поставки за една приказна, но тие му дозволиле на Дикенс на привлече внимание за тоа како живеат најневидливите луѓе во неговото општество.

Во „Николас Никлби“, Николас добива работа кај директорот Векфорд Сквирс. Тој наскоро сфаќа дека Сквирс води измамничка операција, во која тој ги зема несаканите деца од нивните родители за одредена сума пари и потоа ги подложува на насилство и злоупотреба. Оливер Твист исто така се справува со злоупотребата и малтретирањето на децата за кои државата се грижи, прикажувајќи ги суровите услови во работната куќа во која Оливер го моли господин Бумбле за храна. Кога ќе избега во Лондон, тој се вплеткува во криминалното подземје.
Овие приказни постојано го прикажуваат викторијанскиот живот како морничав, тежок, корумпиран и суров. Но, Дикенс исто така го гледал неговото време како време во кое старите традиции изумираат. Лондон почнувал да станува инкубатор за модерниот свет преку нови шаблони во индустријата, трговијата и социјалната мобичност. Дикенсиновиот Лондон е дуалистички простор: суров свет кој истовремено е полн со чуда и можности.
На пример, мистеријата на „Големите очекувања“ се фокусира околу потенцијалот на Пип, сираче кое излегува од мизеријата благодарение на анонимен добротвор, и влегува во високите општествени кругови. Во неговата потрага по некаква смисла и повик, Пип станува жртва на амбициите на другите луѓе во врска со него и мора да преговара со различна палета на ликови. Како и многу други протагонисти на Дикенс, позицијата на Пип е постојано дестабилизирана, а тоа е една од причините поради кои читањето на Дикенс е најдобро време за читателот, а најлошо време за неговите ликови.

Дикенс обично секогаш давал јасни разрешувања на крајот на неговите книги, со исклучок на „Мистеријата на Едвин Друд“. Романот го раскажува исчезнувањето на Едвин под мистериозни и чудни околности. Но, Дикенс починал пред да го заврши романот и не оставил белешки во кои би изнесол некакви насоки за разрешување на мистеријата. Читателите и до ден денес страстно дебатираат околу тоа кој требало да биде убиецот и дали Едвин Друд воопшто бил убиен.
Низ многуте екранизации, книжевни почести, но и низ страниците на неговите романи, блескавиот јазик и панорамскиот светоглед на Дикенс продолжуваат да одекнуваат. Денес, придавката „Дикензиски“ често укажува на неквалитетни услови за работа или живот.
Но, да се опише роман со придавката „Дикензиски“, тоа значи дека се дава неверојатен комплимент, бидејќи се однесува на тоа дека се работи за приказна во која вистинска авантура и откритија се случуваат на најнеочекуваните места. И иако тој често истражувал и собирал мрачен материјал, пробивачката остроумност на Дикенс никогаш не доживеала неуспех во тоа да најде светлина и во најмрачните агли.
