Што можеме да научиме од „Чума“ на Албер Ками во време на пандемија на коронавирус?

Најчесто ваквото прашање е чисто теоретско: Како би било кога би се соочиле со фактот дека вашиот град или држава се целосно отсечени од остатокот од светот, а граѓаните во нив се заробени во своите домови, додека заразата се шири, заразувајќи илјадници, додека приморува уште илјадници повеќе да се повлечат во карантин? Како би се справиле во ситуација ако епидемија би го нарушила вашиот секојдневен живот, би се затвориле училишта, би се натрупале болниците, одложувајќи ги на неодредено сите друштвени случувања, спортски настани, концерти, конференции и планови за патување?

Во 1947 година, кога Албер Ками имал 34 години, францускиот писател роден во Алжир во својата книга „Чума“ дал неверојатно детален и длабок одговор на овие прашања. Книгата го следи брзото и неочекувано пристигнување и бавното заминување на фиктивна зараза на бубонската чума во еден крајбрежен алжирски град Оран, во април, некаде во 40-тите години на 20 век. Еднаш кога ќе се вгнезди, епидемијата се задржува, влегувајќи во животите и умовите на жителите на градот сѐ до следниот февруари, кога си заминува исто толку бргу и неочекувано како што и доаѓа, „ползејќи назад кон непознатата јама од која скришно се појави.“

V0042005 The dance of death: the careless and the careful. Coloured a

Без оглед на тоа дали сте ја прочитале „Чума“ или не, оваа книга дефинитивно треба да се прочита, или препрочита, особено сега, во периодот на владеење на коронавирусот или „КОВИД-19“. Откако новиот коронавирус се појави при крајот на минатата година, во кинескиот град Вухан (градот е во карантин од јануари), истиот започна вртоглаво да се шири во повеќе од 100 држави и создаде неверојатна паника помеѓу луѓето и финансиските берзи, и доведе до тоа цели градови, региони и држави да бидат под целосен карантин.

Оваа недела, многу бизниси, училишта и универзитети во многу американски градови решија да ја прекинат работата и наставата, многу настани се откажани и сите патувања кои не се неопходни се целосно забранети. Епидемијата веќе прерасна во пандемија. Можеби сега ќе се најдете во ситуација да имате повеќе време за читање. Овој роман на Ками има некаква свежа релевантност и итност, но може и да ни даде неколку лекции.

Пред да ја земете книгата во рака, бидете уверени дека без оглед на тоа колку страшен ви се чини коронавирусот, истиот не е ни одблизу толку деструктивен како чумата на Ками. Во 14 век, бубонската чума, позната и како „Црната смрт“, покосила речиси 1/3 од луѓето на територијата на Европа. Кога беснеела низ Лондон во 1665 и 1666 година, убила речиси 1/4 од жителите на овој град.

Во случај да не знаете, бубонската чума сѐ уште постои, не само во Азија и Африка, туку и во јужнозападниот дел на Америка. Се пренесува преку болви од заразени стаорци и предизвикува високи трески, повраќање и болни отоци наречени „бубои“ (оттаму и името „бубонска“). Дури и ако се лечи со антибиотици, има стапка на смртност од 10%, а ако воопшто не се лечи, тогаш стапката е 90%. Коронавирусот не е ни одблиску толку смртоносен.

quote-but-what-does-it-mean-the-plague-it-s-life-that-s-all-albert-camus-45-5-0560
(„Но, што значи тоа, таа чума? Тоа е живот, тоа е сѐ.“)

Кога Ками го напишал овој роман, немало епидемија на чума во Оран. Но, таа значително го намалила бројот на населението во градот во 16 и 17 век. Но, додека „Чумата“ буквално и клинички ги опишува симптомите и последиците од заразата, бактериите кои се под лупата на авторот не се толку физиолошки колку социолошки и филозофски. Иако неговиот роман ја следи прогресијата на специфична епидемија во точно определен град, држава и временска рамка, вистинскиот предмет на Ками ги надминува и временските, но и географските рамки.

Неговата намера е метафоричка: тој всушност навлегува во која било зараза која би можела да надвладее во кое било општество: од болести како колера, шпански грип, СИДА, САРС или во нашиот случај КОВИД-19, па сѐ до корозивни идеологии како фашизам или тоталитаризам, кои можат да го заразат целото општество. Ками сведочел кога нацистите го освоиле Париз во 1940 година, за време на Втората Светска војна. Додека го пишувал романот „Чума“, тој бил главен уредник на „Борба“, авангардно списание на францускиот Отпор, во кое свои статии и објави имале луѓето како Андре Молро, Жан-Пол Сартр и Рејмон Арон. Тој видел поврзаност помеѓу физичката и психолошката зараза, кои оваа книга ги спојува.

Како што почнува приказната, стаорците се прикрадуваат во сенките на Оран, прво еден по еден, а потоа и во групи, гротескно освојувајќи ги имотите и улиците. Доктор Риу е првиот кој го забележува овој феномен, кој потоа го повикува својот чирак Мишел да се справи со оваа непријатност и е вчудоневиден кога Мишел е збеснат, а не згрозен. Мишел е убеден дека некои млади неранимајковци ги подметнале овие штетници во неговиот ходник како невкусна шега.

Како и Мишел, повеќето од граѓаните на Оран не ги забележуваат раните „збунувачки предзнаци“, промашувајќи го нивното пошироко значење. Во одреден период, единствената мерка која ја преземаат е осудувањето на локалниот санитарен оддел и тоа што се жалат од властите. Нараторот на приказната вели: „Во овој поглед, нашите граѓани беа како и сите други, стуткани во себеси. Тие беа хуманисти: тие не веруваа во помор“. Ками покажува колку е лесно да се помеша епидемија со непријатност.

stupidity-has-a-knack-of-getting-its-way
(„Глупоста секогаш има начин како да си го истера своето.“)

Но, потоа Мишел се разболува и умира. Додека доктор Риу го лекува, тој ги препознава препознатливите симптоми на чумата, но првично се убедува себеси и си вели: „Јавноста не смее да биде вознемирена, тоа нема да донесе ништо добро.“ Бирократите на Оран се согласуваат со ова. Префектот (нешто слично како градоначалник) „лично е убеден дека се работи за лажен аларм.“ Еден бирократ со низок чин инсистира на тоа дека заразата не смее да биде идентификувана официјално како чума, туку треба да се нарекува само како „посебен вид на треска.“ Но, како што се зголемува темпото и бројот на смртни случаеви, Риу го отфрла овој еуфемизам и лидерите на градот се приморани да преземат одредени дејства.

Ками навестува дека властите се трудат да ја минимизираат заканата од епидемија, сѐ додека станува неспорно дека непреземањето дејства и млаката рекација е многу поопасна од прекумерена реакција. Тој пишува дека повеќето луѓе ја имаат и споделуваат таа тенденција и дека тоа е универзална човечка слабост: „Секој знае дека чумите наоѓаат начин да се повторуваат во светот; а сепак некако ни е тешко да веруваме во оние што ни паѓаат врз главата од ведро небо“.

Наскоро портите на градот се затвораат и се наметнува карантин, а граѓаните на Оран се отсечени и едни од други, но и од надворешниот свет. Нараторот на приказната вели: „Првата работа која чумата ја донесе во нашиот град беше егзил.“ Еден новинар по име Рамбер, кој заглавил во Оран по затворање на портите, го моли Риу за здравствен сертификат за да може да се врати кај својата жена во Париз, но Риу не може да му помогне. Тој му вели: „Има илјадници луѓе во овој град кои се во истата состојба како и ти. Како и Рамбер, граѓаните наскоро сфаќаат дека нема никаква поента да се држат цврсто за нивните лични маки и тешкотии, бидејќи чумата ја брише „уникатноста на животот на секој човек“, иако ја зголемува свесноста на секој човек за неговата ранливост и беспомошност да ја планира иднината.

gettyimages-478439554

Оваа катастрофа е колективна: „да се чувствуваш нормално како човек, додека болката од разделувањето со оние кои човек ги сака, стана чувство кое сите подеднакво го чувствуваа“, пишува Ками.  Оваа болка, заедно со стравот, станува „најголема мака во долгиот период на прогонство кој претстои“. Секој што во последниот период мораше да откаже службено патување, час, забава, вечера, одмор или повторно среќавање со некој близок, може да ја почувствува вистинитоста на она што Ками го потенцира како емотивна последица во време на чума: чувствата на изолација, страв и губење на моќта и преземањето дејства. Токму оваа „историја низ која обичниот историчар само прелетува“, а неговиот роман ја опишува, е историјата која новиот коронавирус сега ја впишува во моменталниот граѓански живот.

Ако веќе сте го прочитале романот пред извесно време, можеби како задолжение додека сте биле во средно училиште или на факултет, сигурно најмногу ви оставиле впечаток физичките маки кои нараторот на Ками ги опишува сосема рамнодушно, но навистина живописно. Можеби сте обрнале повеќе внимание на „бубоите“ и јамите од вар отколку описите на нараторот околу „хаотичната возбуда“ на обичните луѓе заробени во епидемиски меур, кои се борат со чувството на изолација преку дотерување, бесцелно шетање низ булеварите на Оран, распрснувајќи се по ресторани, подготвени да се разбегаат доколку му се слоши на некој придружник на вечерата, фатени во „избезумената желба за живот која неверојатно се развива во срцето на секоја несреќа“: утехата на заедницата.

Граѓаните на Оран ги немале ресурсите кои денешните глобални граѓани ги имаат, во кој и да било град: да побараат заедница во виртуелната реалност. Како што се смести моментална пандемија во ова дигитално доба, таа му додава нов живописен филтер на акутната визија на Ками за емоционалните последици од заразата.

806_4_31_16__22__11_2016chuma

Денес, егзилот и изолацијата на Чумата 2.0 си добиваат свои облици, свои карактеристики, одново обојувајќи го портретот на Ками. Како што чекориме по нашите улици, одиме во маркет, ние рефлексивно ги прифаќаме претпазливите навики кои ги читаме на социјалните мрежи: миење раце, ракувањето го заменуваме со потчукнување со лакти и применуваме самоизолација или „социјално одалечување“. Можеме да работиме од дома за да избегнеме да заразиме други луѓе или да се заразиме себеси; можеме да избегнуваме забави, концерти и ресторани и да нарачаме храна преку достава. Но, колку долго можеме да го правиме тоа? Ками го имал и знаел одговорот: не можеме да знаеме.

Како и мажите и жените кои пред еден век живееле во нарушени околности, кои Ками се обидел да ги реконструира за да ја наслика неговата неискоренлива тема, сѐ што знаеме е дека ова нарушување нема да трае вечно. Ќе си замине, „без никаква одговорност“, кога ќе сака да си замине. И некогаш пак, ќе се случат други вакви нарушувања. Кога ќе се случат, како што уште многу одамна предупреди неговиот роман и сега уште појасно ни го покажува тоа, мора да се погрижиме навремено и точно да ги читаме „збунувачките предзнаци“. Ками пишува: „Во историјата имало чуми исто онолку колку што имало и војни. Сепак, и чумите и војните секогаш подеднакво ги изненадуваат луѓето и ги фаќаат на препад.“

 

Статијата е напишана од Лизл Шилингер, а е преземена од страната „Literary Hub“

Линк до оригиналната статија.

Leave a comment