Предлог серии за љубителите на книги! (1)

Во ова време-невреме, во кое сите се чувствуваме несигурно, затворено и заробено, физички, но и психички поради неизвесноста која со себе ја носи коронавирусот, потребни ни се најразлични алатки за пополнување на вишокот време кое обично гo минуваме во извршување на најразлични обврски.

Секако, не мора да ви кажувам дека конечно сите имаме повеќе време за да им се посветиме на книгите, но доколку имате желба да направите кратка пауза помеѓу две книги, денес на блогот ви предлагам три интересни и одлични серии кои особено ќе им се допаднат на љубителите на книги.

Ова се сериите кои јас неодамна ги изгледав (со исклучок на последната од оваа листа која ми е омилена и која на секои неколку месеци одново си ја гледам) и кои ми оставија впечаток, па сега ги споделувам и со вас. Оваа листа со текот на време ќе ја проширувам, па така и во иднина ќе има слични вакви објави со предлози, без оглед на тоа дали самоизолацијата ќе потрае или не.

Во меѓувреме, доколку барате инспирација за читање, секогаш можете да ја ѕирнете рубриката „Кафе и книги препорачува“ во која има многу предлози за книги, заедно со линкови до издавачките куќи на изданијата, па можете и да си ги нарачате онлајн.

„З: Почетокот на сѐ“ (Amazon Prime)

ml1008_1024x1024

„З: Почетокот на сѐ“ е серија која особено ќе биде интересна за обожавателите на „Големиот Гетсби“ и ликот и делото на Ф. Скот Фицџералд. Иако серијата повеќе се фокусира на Зелда, која и самата била исклучително талентирана и интересна личност, која била во голем дел заслужна за неговиот успех, сепак дава интересен приказ на нивната врска, предизвиците, љубовта и сѐ измеѓу. Оваа серија се обидува да ја покаже и перспективата на Зелда и како таа се чувствувала во нејзината врска со Скот.

Доколку ја сакате американската сцена од 20-тите години на 20 век или сте љубител на Фицџералд, па дури и ако само сакате интересни драми, сигурно ќе ви се допадне оваа серија. „Амазон Прајм“ ја откажаа серијата после една сезона, па така ќе ја изгледате за краток период, бидејќи има 10 епизоди кои траат околу 30 минути.

„Мојата генијална другарка“ (HBO)

mybrilliantfriend_s2_coverimg.png.2020-02-11t1450141300

Оваа серија е всушност екранизација на истоимениот книжевен серијал на Елена Феранте. Серијата засега има две сезони и ги покрива првите две книги од серијалот („Мојата генијална другарка“ и „Приказна за новото презиме“, за кои пишував тука и тука) и е во соработка на „РАИ“ и „ХБО“. Серијата е на италијански јазик (како што се и оригинално книгите, со оглед дека главното дејство се одвива во Неапол).

Стилот на пишување и раскажување на Елена Феранте, која истовремено е и дел од сценаристите на серијата, ме маѓепса на прво читање, а серијата е исто толку добра и навистина ви ја препорачувам, особено на оние кои веќе ги прочитале првите два дела. Сценариото е одлично, а и изборот на актери и актерки е исто така полн погодок!

Приказната следи две другарки кои растат во едно сиромашно маало во Неапол и кои имаат соништа и желби за својот живот, но истовремено и многу комплициран однос. Како што растат, така и нивните патишта полека се раздвојуваат, но и секогаш се испреплетуваат на одреден начин. Одлична приказна и јас со нетрпение ја чекам и третата сезона, а во меѓувреме со нетрпение  чекам третата книга од серијалот да биде издадена на македонски јазик!

„Гордост и предрасуди“ (BBC)

pride-and-prejudice_wedding

Мислам дека не е тајна и дека често велам дека „Гордост и предрасуди“ е мојата омилена книга, а Џејн Остин е мојата омилена писателка. Па оттаму, овој предлог и не доаѓа како изненадување. Иако серијата е од 1995 година, сепак делува толку модерно и свежо, како да е вчера снимена. Серијата има една сезона и шест епизоди, па така тоа ја вметнува во категорија „мини-серија“, но како и да е, вреди секоја секунда. Иако јас сум голема обожавателка и на филмот од 2005 година, сепак оваа објава е посветена на сериите.

Верувам дека повеќето од вас ја знаат оваа безвременска приказна за Елизабет Бенет и нејзиното патешествие со господин Дарси, арогантниот и надмен маж кој мисли дека сите се под него, кој од друга страна е најдобар пријател на господин Бингли кој се заљубува во нејзината сестра Џејн. Оваа е една неверојатно топла, хумористична, но и поучна приказна за првите впечатоци (како што впрочем Џејн Остин првично сакала да ја именува книгата), за предрасудите, за тогашното општество, но и за тоа како љубовта нѐ приземјува и нѐ менува на подобро.

 

 

Leave a comment