Мобилни апликации кои ви овозможуваат читање книги на македонски јазик!

Доколку ги прочитавте сите книги дома или барате нешто ново за читање додека сте во самоизолација, денес на блогот можете да погледнете неколку предлози за онлајн страници и апликации кои ќе ви овозможат да читате книги на македонски јазик.

Она што ми падна во очи изминатите денови откако започна периодот на самоизолација е дека еден од најпребаруваните и најчитаните текстови е текстот „Четири најдобри веб-страници за читање книги“. Овој текст е постар и се однесува само на книги на англиски јазик, па решив да понудам неколку предлози и за оние кои можеби не го владеат толку добро англискиот јазик.

Дури и ако не сте некој голем љубител на е-книги и претпочитате традиционално печатени книги, сепак можеби ќе сакате да им дадете шанса особено во овој период, или пак можете да ги препорачате овие платформи на луѓе кои сакаат е-книги.

Beautiful girl is reading e-book in the hammock

Ова се дел од платформите кои ги пронајдов, а доколку пронајдам нови, ќе ја  надополнам оваа објава.

Книготека.мк

Книготека е првата македонска дигитална книжарница за продажба на е-книги каде може да се најдат изданија на голем број македонски издавачки куќи. Како што велат на нивната страница, „читателите можат да ги купуваат и читаат книгите преку своите мобилни уреди во било кое време, каде и да се наоѓаат во светот.“ Можете да си купите е-книга од повеќе различни жанрови од изданија на повеќе издавачки куќи од Македонија, и од странски, но и од домашни автори.

Бокси

„Бокси“ е македонска апликација за читање и слушање книги во Македонија. Со месечна претплата од 399 денари, добивате пристап до цела библиотека од илјадници книги за возрасни и деца на вашиот мобилен или таблет. Над 40.000 наслови за возрасни и деца на македонски и англиски јазик достапни во секое време. Апликацијатa е наменета за сите возрасти. Во неа има голем број книги на македонски, англиски и на албански јазик од македонски и странски издавачки куќи кои ќе можат да се читаат или слушаат како аудиокниги на мобилните уреди. Покрај книги, апликацијата содржи и многубројни едукативни квизови, дневни и неделни предизвици, креирање сопствени аватари, како и можност за натпреварување и освојување уникатни награди за оние што најмногу читаат, а има и посебен детски профил на дофат со магичниот свет на илјадници аудио и е-книги.

Апликацијата можете да ја преземете на Google Play и App Store.

Македоника

„Македоника“ беше првата апликација за преземање и читање книги на македонски јазик. Повеќе информации околу оваа платформа можете да прочитате и на овој текст на блогот кој беше објавен кога апликацијата беше промовирана кај нас. 

Ова се трите платформи на кои можете да читате книги преку вашиот мобилен телефон. Доколку сѐ уште сте цврсто убедени дека сакате само печатени книги, тогаш ви препорачувам да ги следите нашите издавачки куќи на Фејсбук или посетете ги нивните веб-страници, бидејќи поголемиот дел од нив нудат интересни постави за онлајн порачки (со бесплатна достава). И не заборавајте, секогаш можете да им даде шансите и на аудио-книгите, кои благодарение на „Самоглас“, сега се достапни (и бесплатни) на македонски јазик. 

Во меѓувреме, доколку барате нешто на англиски јазик, Њујоршката јавна библиотека ќе овозможи бесплатен пристап до 300.000 книги, за повеќе информации како да пристапите, прочитајте го овој интересен линк.

Повеќе од нас имаме и еден куп книги кои сѐ уште не сме ги прочитале, па можеби ќе ја изберете и таа можност. Заедно со помош на магијата на книгите и нивната способност да не префрлаат во магични светови ќе ги надминеме и овие моменти!

Срдечен читателски поздрав и секако, #ОстаниДомаЧитајКнига.

последна промена на 13/01/2026, за дополнување на содржината

Leave a comment