„Карантински приказни“: Пишувачки предизвик на „ТРИ“!

Бидејќи постојано слушаме само негативни вести, а и постојано сме затворени дома, ајде да се концентрираме на позитивни работи и интересни и креативни предизвици кои ќе ни го олеснат периодот во кој се наоѓаме (и кој ќе трае уште некое време).

Издавачкиот центар „ТРИ“ вчера објави дека започнува со еден предизвик наречен: „Карантински приказни – Антологија на изолацијата“. Целта на предизвикот е да ги поттикнат луѓето да пишуваат и да им ги испраќаат своите приказни и да ги соберат најоригиналните и најинтересни раскази настанати во времето на самоизолација.

90846499_10158096011414817_2860710177781317632_o


Како што и самите наведуваат во објавата на Фејсбук: „Во овој период на лоши вести, на социјално дистанцирање и почитување на разно-разните препораки, покрај читањето, голема смисла на нашето секојдневје му дава и пишувањето – како еден од начините да се справиме со големата промена, но и да создадеме траен запис за еден од најдраматичните периоди од нашите животи. „КАРАНТИНСКИ ПРИКАЗНИ – Антологија на изолацијата“ е хроника што од денес ја создаваме заедно, со кратки раскази што ги очекуваме од секој од вас што во овие моменти наоѓа инспирација и сила за пишување.“

Најдобрите раскази од предизвикот ќе бидат објавени во издание што ќе остане како антологија да сведочи за, како што велат тие, „бурниот – на моменти и нереален – период кој се надеваме дека набрзо ќе заврши и дека никогаш нема да ни се повтори“.

Доколку сакате да пишувате или пак отсекогаш сте сакале да се обидете да го правите тоа, земете учество во овој интересен предизвик кој истовремено можеби и ќе ви помогне да ги процесирате и сопствените чувства во врска со овој период. Нема ограничувања во поглед на стилот и обемот на расказите, а најдобрите раскази ќе бидат објавени во книга. За авторите на најдобрите раскази постои можност за подолгорочна соработка со ТРИ. Расказите треба да ги испратите на електронската адреса: redakcija@kniga.mk, а рокот е до крајот на април!

Па, што чекате? Тастатурата е пред вас, само треба да ја ослободите вашата внатрешна креативност и фантазија!

Leave a comment