Роберт Фрост е еден од најпознатите американски поети на 20 век, неговите песни и поеми и ден денес се меѓу најчитаните и најсподелуваните. Неговите поеми инспирирале и луѓе како Џон Ф. Кенеди и Џорџ Р.Р. Мартин. Иако повеќето луѓе го знаат по неговата поема „Патот што не го одбрав“, сепак тоа е само трошка од наследството што Роберт Фрост го оставил, а според него, сите луѓе сосема погрешно ја толкувале таа песна.

Денес прочитајте неколку интересни факти за него.
Тој го добил името по конфедерацискиот генерал Роберт Е. Ли
Вил, таткото на Фрост, побегнал од дома кога бил многу млад, затоа што сакал да се приклучи на Конфедерациската армија. Иако бил фатен и вратен на неговите родители, таткото Фрост никогаш не ги заборавил своите херои и на крај го крстил својот син по еден од нив.
Два пати се откажувал од факултет
Прво се запишал на универзитетот „Дартмоут“ и издржал цели два месеци. Во подоцнежниот живот изјавил: „Јас едноставно не бев за тоа место.“ Тој ја добил својата втора шанса во 1897 година кога се запишал на „Харвард“, но издржал две години пред да го напушти факултетот за да се грижи за својата сопруга и своето дете. Подоцна кажак: „Не можеа тука да направат студент од мене, но го дадоа најдоброто од себе“. Сепак, на крај успеал да си ја земе дипломата, „Харвард“ му доделиле почесна диплома во 1937 година.
Заработил 15 долари од својата прва поема
Објавена во весникот „Њујорк Индепендент“ во 1894 година, кога имал 20 години, првата платена поема на Фрост се викала „Елегија за мојата пеперутка“. Сумата којашто ја добил тогаш е еднаква на денешни 422 долари. Во тоа време, за таа поема тој добил пари кои вообичаено ги добивал за две недели работа како учител.

Езра Паунд му помогнал да биде забележан и да стекне следбеници
Езра Паунд, кој во тоа време бил етаблиран поет со значителен број следбеници, му помогнал на Фрост да допре до поширока публика со тоа што напишал одлична критика за неговата прва збирка поезија, насловена како „Волјата на момчето“. Фрост сметал дека тоа била најважната критика во неговите почетни години.
Паунд можеби и порано ќе напишел осврт на книгата доколку не се случило мало недоразбирање, тој еднаш му дал на Фрост визит карта, на која на местото каде што требало да ги пишува неговите приемни часови, пишувало: „Дома, понекогаш“. Фрост сметал дека „тоа не делувало како многу топла покана“ и избегнувал да го посетува. Кога конечно отишол, Паунд бил разочаран што не дошол порано и истиот ден го напишал освртот на поезијата на Фрост.
Тој верувал дека „Патот што не го одбрав“ била многу неразбрана поема
„Патот што не го одбрав“ често се чита во средно училиште и на факултет како потсетник дека треба да се тргне по нови патишта, но тоа не било намерата на Фрост, тој ја напишал поемата како приватна шега за неговиот пријател Едвард Томас. Тој и Томас често уживале во заеднички прошетки и Томас секогаш бил неодлучен за правецот во кој сакал да се движи. Кога конечно ќе одлучел, често се каел што не го одбрал другиот правец.
Фрост се изненадил кога неговите читатели почнале да ја сфаќаат поемата како метафора за силата на човекот да го пронајде својот пат. Откако ја читал поемата пред некои студенти, тој му кажал на Томас дека поемата била „сфатена пресериозно… и покрај сите мои напори преку моите гестови да направам да биде очигледно дека се шегувам… Моја вина…“
Тој е првиот поет кој читал на претседателска инаугурација
Џон Ф. Кенеди го поканил Фрост да чита на неговата инаугурација во 1961 година. Иако Фрост ја подготвил поемата „Посветеност“ специјално за церемонијата, имал проблеми да ги прочита зборовите кои биле бледо и ситно испечатени, а сонцето многу силно блескало. На крајот, тоа и не било многу важно, на крајот изрецитирал друго дело, „Дадениот подарок“, кое го знаел напамет.

(Фрост на инаугурацијата на Кенеди)
Читањето на Фрост го отворило патот за други идни појавувања на поети и писатели како Маја Ангелоу, Милер Вилијамс, Елизабет Александер и Ричард Бланко.
Тој надживеал четири од неговите шест деца
На Фрост трагедијата не му била непозната. Тој имал шест деца: Елинор, Ирма, Марџори, Лесни, Керол и Елиот (4 ќерки и 2 сина), а само две го надживеале. Елинор починала кратко откако се родила. Марџори починала додека се пораѓала, Елиот умрел од колера, а Керол се самоубил.
Тој и не бил некој земјоделец, барем според соседите
Иако тој обожавал да живее на својот имот во Њу Хемпшир, неговите соседи не биле нешто воодушевени од неговите вештини. Со оглед на тоа дека тој ги плаќал повеќето сметки преку неговата поезија, тој не морал да биде премногу посветен и ангажиран на земјоделскиот живот како поголемиот дел од неговите соседи, кои живееле од тоа, па така тие сметале дека тој е мрзлив.

(Куќата на Роберт Фрост)
Иако можеби неговите земјоделски вештини не биле како оние на професионалците, самиот имот правел чуда за неговото пишување. Според самиот Фрост: „Можам да кажам дека јадрото на моето пишување најверојатно е производ на оние години кога живеев на фармата, една-две милји одалечена од селото Дери накај Лоренс. Единственото нешто што имавме беше време и изолација. Тоа не можев однапред да го откријам, ниту пак нешто посебно го предвидов. Но, излезе дека беше вистинското нешто, исто како докторски рецепт.“
Тој го инспирирал Џорџ Р. Р. Мартин
Ако насловот на Мартиновата „Песна за мразот и огнот“ малку ве потсеќа на поемата „Оган и мраз“ на Фрост, тогаш да знаете дека сте во право. Мартин самиот изјавил: „Луѓето велат дека сум бил под влијание на поемата на Роберт Фрост и секако дека бев. Оганот е љубов, оганот е страст, оганот е сексуална ревност и сите тие работи. Мразот е предавство, мразот е одмазда, мразот е… знаете, тој вид на ладна нечовечност и сите оние работи кои се случуваат во книгите.
Никој не може да се мери со неговиот Пулицеров рекорд
Фрост ја добил Пулицеровата награда за поезија дури четири пати. Неговите награди биле за „Њу Хемпшир“ (1924), „Собрани поеми“ (1931), „Понатамошен опсег“ (1937) и „Дрво сведок“ (1943). Ниту еден друг поет не успеал да собере 4 Пулицерови награди.
Неговиот епитаф е преземен од една од неговите поеми
Записот на гробот на Фрост се всушност негови зборови: „Имав љубовна караница со светот“. Тоа е последниот стих од поемата „Лекцијата за денес“. Еве ја целата строфа:
И ако епитаф треба да биде мојата приказна
Јас би подготвил една кратка за себе.
За себе би напишал на мојот гроб:
„Имав љубовна караница со светот.“

(Епитафот на Фрост)
