Постојат настани кои се случуваат во нашите приватни животи и во нашата колективна историја кои делуваат категорично непоправливо, моменти во кои основите за благодарност и надеж се губат некаде далеку, некадe под нивоата на тагата и страдањето, па така ние за момент престануваме да веруваме дека тие постојат.
Но, ние во себе, го имаме неверојатниот капацитет да се издигнеме над тие моменти и да ја погледнеме целосната слика со сета нејзина сложеност, комплементарност и временски замав и некако успеваме во она што го гледаме да пронајдеме не само илузорна утеха, туку и најголемата утеха која постои: перспективата.

Американскиот писател Џон Штајнбек (27 февруари 1902 – 20 декември 1968) на многу интересен начин ја доловува оваа човечка состојба во едно извонредно писмо до неговиот пријател Паскал Ковичи, кој наскоро по тоа писмо на одреден начин ќе стане негов книжевен кум. Ова писмо е напишано на 1 јанури 1941, додека Втората Светска војна била во полн ек, туркајќи го човештвото кон неверојатна темнина.
Ова писмо е дел од збирката „Штајнбек: Живот во писма“, која ни дава многу интересни увиди во умот на Штајнбек, а на блогот веќе еднаш имавте можност да го прочитате писмото до неговиот син, на тема заљубување и љубов.
Џон Штајнбек во писмото напишал:
„Зборувајќи за среќна нова година, се прашувам дали која било друга година имала помалку шанси да биде среќна. Изгледа како целото човештво да се препушти на некој вид интровертност – како да гледаме внатре во нашите невротичности. И она што го гледаме не е баш убаво… Па затоа влегуваме во оваа среќна нова година, знаејќи дека нашиот вид не научил ништо и дека како вид не може да научи ништо – и дека искуството од десетици илјади години не оставиле никаков впечаток на инстинктите на милионите години кои претходеле.“

Но, Штајнбек, кој го посветил својот живот на одбрана на ранливите и славејќи го потенцијалот на човечкиот дух, одбивал да се препушти на „очај, дефетизам, цинизам, амнезија и претпоставки“ на кои често им се препуштаме како еден вид на самоодбрана од доминантното зло. Штајнбек во писмото додава една интересна забелешка за неделивавата дуалност на човечката природа и цикличнот карактер на цивилизацискиот континуитет кој ние го нарекуваме историја:
„Не е дека сум изгубил секаква надеж. Сета добрина и хероизми одново ќе се издигнат, па потоа повторно ќе бидат срушени и повторно ќе се издигнат. Не е дека злото победува, тоа никогаш нема да победи, поентата е во тоа што никогаш не умира. Јас не знам зошто очекуваме дека ќе умре.
Прилично e очигледно дека потребни се две страни на едно огледало за да се создаде огледалото, дека се потребни две сили во човекот, пред тој да стане човек. Јас еднаш го запрашав (влијателен микробиолог во тоа време, м.з) Пол де Круф дали тој би сакал да може да ги излечи сите болести и тој рече: „Да“.
Тогаш јас спомнав дека луѓето кои ги сака и толку многу сака да ги излечи се производ од сета таа нечистотија, болести и злоба, нивната глад и суровост. Излечи ги тие и нема да имаш луѓе, туку сосема нов вид на суштества кои не би ги препознал и најверојатно нема да ти се допаѓаат. “

Поентата на Штајнбек е доволно суптилна за да биде погрешно сфатена како морален релативизам, но всушност се работи за сосема спротивното: тој напоменува дека нашите човечки недостатоци не ја негираат нашата добрина, ниту нашата желба да се подобриме, туку всушност на одреден начин истовремено го обезбедуваат горивото за тоа, како и аршинот со кој го мериме нашиот морален напредок.
Овие размислувања ги поврзува со редот и хаосот на смртните недостатоци на нацистичкиот режим и основите за надеж дека овие злосторства ќе се преживеат и издржат:
„Интересно е да се набљудувва германската ефикасност, која, од гледна точка на машината е ефикасна, но (барем јас мислам така) од гледната точка на механичарите е самоубиствена. Сосема е сигурно дека човекот најдобро напредува (во најмала рака) во состојба на полу-анархија. Во такви услови тој е силен, креативен, зависен, подвижен. Но, зароби го со правила, храни го и направи го здрав и мислам дека ќе умре исто како што умира и заробениот волк. Нема да се изненадам ако видам згрижена, испланирана нација како пропаѓа од една страна, а од друга страна како една хаотична, гладна и копнежлива нација се издигнува и преживува. Верувам дека ниту еден добро организиран план не успеал со 100% успех.
За среќа, тој бил во право, планот на Нацистите за светска доминација пропаѓа, човештвото ги преживува овие неверојатни злосторства и потоа сме започнале револуција околу циклусот на изградба и рушење, создавајќи одлична уметност и книжевност, правејќи одлични научни откритија, истовремено носејќи ги во себе паралелните капацитети за добро и зло, како што тоа секогаш бидува.
Па кога гледаме како злото излегува на површина и го напаѓа нашиот морален и човечки прогрес, како што одвреме-навреме се случува, дури и во најтешките моменти во тие периоди, треба да се присетиме на оваа одлична перспектива на Штајнбек и неговата луцидна верба во човечкиот дух.
