Овој април дефинитивно започна на невообичаен начин. Се разбудивме вчера и нѐ пречека снегот, кој дефинитивно не е очекуван на 1 април. Покрај целата возбуда околу коронавирусот, ова дефинитивно е уште една од лудите работи кои се случуваат во 2020 година.
Сега повеќе од кога било ни се потребни книги. Книгите носат утеха во тешки моменти, а ова навистина се тешки времиња за сите нас. Денес на блогот можете да ја прочитате традиционалната листа со препораки за читање составена од книгите кои ги прочитав изминатиот месец.

Март беше месец на одлични книги и ќе забележите дека овојпат (како ретко кога) сите книги се оценети со 5, затоа што навистина беа одлични и токму овие книги ми се најдоа во овие тешки времиња и од секоја од нив понесов некаква лекција, поука, а некои од нив имаа значително влијание врз тоа како се чувствувам.
„Браќата Карамазови“ – Фјодор Достоевски

Издавачка куќа: МАГОР
Оцена: 5/5
Осврт: Што да кажам за оваа книга, а да не погрешам? Толку сум воодушевена од овој прекрасен роман, што мислам дека како и да се обидам да објаснам како влијаеше на мене ќе биде неуспешен.
Достоевски секогаш бил меѓу моите омилени писатели, а оваа книга мислам дека е неговото најврвно дело. А, да се каже тоа за човек кој ги има напишано „Злосторство и казна“ и „Идиот“ (помеѓу останатите), тоа навистина кажува многу.
Начинот на кој Достоевски ја развива приказна, начинот на кој нежно ги изнесува бројните теми, дискусии и размислувања за многу различни прашања е неверојатно прекрасен. Оваа книга полека ви влегува под кожа, едноставно мора да се чита со уживање, за искуството при нејзиното читање да биде целосно и потполно. На крајот на оваа книга ќе бидете поинаква личност, а ни самите нема да знаете зошто.
Приказната се врти околу тројцата браќа Карамазови и нивниот комплициран однос со нивниот татко. Секој син е карактерно целосно различен и секој од нив е олицетворение на различни идеи. Дуалноста на човековата природа, која токму тука се нарекува „карамазова“ природа игра клучна улога.
Со право се смета за основоположник на психолошкиот роман. Такво длабоко навлегување и анализирање на човекот и неговата душа ретко се среќава во друг роман. Не би можела повеќе од ова да ви кажам без да издадам премногу од заплетот, така би ви препорачала од дното на моето срце да ја прочитате оваа книга. А ако веќе сте ја прочитале, препрочитајте ја!
„Шиндлерова листа“ – Томас Кенили

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Уште една феноменална, прекрасна книга која ќе ве допре, ќе ве трогне, но истовремено ќе ви даде трошка надеж дека и во моменти на најголемо зло, постои добрина, постои истрајност и луѓе кои и покрај сѐ, сепак ќе ја направат вистинската работа.
Книгата е напишана според вистинската приказна за Оскар Шиндлер, германски бизнисмен и индустријалец кој за време на Втората светска војна отвора фабрика во Краков, Полска. Гледајќи го сето тоа злосторство, нечовечност и ужас, сведочејќи го пеколот кој Евреите го преживуваат, Шиндлер успева да скрои план и да спаси повеќе од 1000 Евреи од сигурна смрт. Како ќе го направи тоа, ќе мора да го прочитате во книгата.
Книгата е прекрасно напишана, не случајно ја има добиено Букеровата награда. Кенили на прекрасен начин ја изнесува оваа приказна. Имајте на ум дека одредени сцени се претешки за читање, затоа што многу јасно и недвосмислено ја опишува монструозноста на нацистите во тој временски период, како и страдањето на невините луѓе кои се бореле за гол живот и кои и покрај целиот пекол сакале да преживеат, кои со последниот здив не се откажувале, иако сѐ околу нив не им давало надеж дека има излез од таа темница.
Но, како што дискутирав за оваа книга на Goodreads, еден корисник многу убаво кажа: „Онаму каде што има по еден Хитлер, секогаш ќе има еден Шиндлер.“ Сознанието дека има добри луѓе, кои ќе застанат пред неправдата, на каков начин и да е тоа, дава некаква утеха и спокој. Топла препорака!
„Трчањето ме учи“ – Кокан Ајановски

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Освен читањето, трчањето е исто така моја голема страст и љубов. Овие две активности секогаш успеваат да ме охрабрат, насмеат, израдуваат и да ми помогнат да се справам со тешки периоди. За жал, во овие денови и трчањето е значително ограничени.
Па затоа, книга за трчање беше совршен избор за една трчачка. Оваа книга е првенче на Кокан Ајановски кој е повеќекратен шампион во трчање во повеќе дисциплини. Се работи за збирка-раскази, тематски поделени во неколку целини.
Ако сте трчач, читањето на оваа книга ќе направи да ги почувствувате одново сите убавини кои ги чувствувате додека трчате, кои само трчачот може да ги најде. Доколку одамна не сте трчале, оваа книга ќе направи да посакате веднаш да ги облечете патиките и да се вратите на оваа активност која некогаш редовно сте ја правеле и ве исполнувала. Дури и ако никогаш не сте истрчале ни 100 метри, оваа книга може да ви подари неверојатни поуки за упорноста, љубовта, страста да се прави нешто и колку е важно човек да верува во своите соништа.
Доколку се чудите што е тоа толку привлечно во луѓето кои стануваат во седум часот наутро за да одат да трчаат, ѕирнете во оваа книга и ќе почувствувате интуитивно зошто трчањето е толку прекрасно, па можеби и вие ќе му дадете шанса на трчањето, активност која на многумина им го промени животот. Освен тоа, ова четиво ќе ве оттргне од постојаниот наплив на негативни вести кои секојдневно ги читаме и ќе ви даде чувство на спокој, мотивација и инспирација, а на секој од нас ни е тоа потребно во овие моменти. Освен тоа, навистина брзо се чита!
„Астрофизика за луѓе кои немаат време“ – Нил Деграс Тајсон

Издавачка куќа: АРС ЛИБРИС
Оцена: 5/5
Осврт: Не сте нешто по науката? Мразевте физика и хемија во средно училиште? Или сѐ уште не ги сакате, ако доколку сте средношколци?
Не е важно, не ја отфрлајте оваа книга! Јас иако имам сосема ограничени познавања во областа на астрофизиката, навистина уживав во секоја страница и се маѓепсав и заљубив во универзумот и неговата комплексност, а истовремено и во нашата планета, која е само една трошка во бесконечноста на универзумот.
Оваа книга е навистина едукативна и поучна и Нил Деграс Тајсон навистина се потрудил да објасни комплицирани концепти на многу едноставен, краток и јасен начин. Книгата е забавна и додека ја читате имате чувство дека и науката е забавна и дека универзумот и сите концепти кои сме ги читале во учебниците и сме ги сметале за сувопарни можат да бидат неверојатно магични, интересни и прекрасни.
Додека ја читате чувствувате колку Тајсон навистина го сака она што го работи, дека не го прави тоа механички и дека сака и другите луѓе да ја видат магијата на астрофизиката. Да, можеби некои термини и концепти ќе ви бидат тешки за разбирање, особено ако имате само основни познавања, бидејќи и мене на моменти ми беше тешко да следам одредени прашања и концепти, но исклучително сум среќна што ја прочитав оваа книга, затоа што по нејзиното читање излегов побогата со нови знаења и нова љубопитност кон науката. Не мора да ја научите цела книга напамет, доволно е заедно со Нил да се забавувате и да размислите за универзумот и неговото создавање, делување, како и многуте мистериозни работи за кои сѐ уште немаме одговор.
„Жед за живот“ – Ервинг Стоун

Издавачка куќа: ТОПЕР
Оцена: 5/5
Осврт: Како што веќе можеби и прочитавте на блогот, минатиот месец ја прочитав книгата „Писма до Тео“, збирка писма кои Винсент ван Гог ги праќал до својот брат во текот на неговиот живот. Тој и неговиот брат имале исклучително близок однос и Тео бил еднствениот човек на кој Винсент можел да се потпре. Според она што го прочитав, Стоун бил инспириран токму од овие писма за да го напише овој роман.
Романот го следи животот на Винсент, почнувајќи од неговото време во Англија, кога се заљубува во ќерката на жената кај која изнајмува соба. Всушност се смета дека токму од овој период започнува вистинскиот живот на Винсент, заедно со сите подеми и падови кои претстојат. Стоун има прекрасен стил на пишување, толку живописно опишува, што имате чувство дека сте присутни на секоја сцена.
Освен тоа, толку прекрасно и со толкава почит и умешност се труди да ја долови состојбата на ум на Винсент, неговата осаменост, копнеж за љубов, за разбирање, неговата потреба да создава нешто што ќе остане, што ќе помогне, што ќе исцели и нешто што има душа во себе. Ние денес сите знаеме дека тоа било сликањето, но Винсент поминал долг пат додека навистина се открие себеси, но тој бил една прекрасна, кревка душа, со сите свои мани и демони кои ги носел во себеси. Прекрасен роман и одлично четиво за еден голем уметник, еден од најголемите! Винсент ван Гог бил многу повеќе од увото кое си го пресекол, а оваа книга вметнува неверојатна човечност зад уметникот чии дела ги гледаме насекаде.
