Херман Хесе со право заклучил дека: „Без зборовите, без пишување на книги, не постои историја, не постои концептот на човештвото.“ Веројатно токму затоа книгата, како ниту еден друг производ на човечкиот дух, била уништувана и забранувана, затоа што многу цивилизации се втемелени токму на книгата како производ.
Свештенството на различни антички народи со векови било крилото на знаењето, т.е писменоста, давајќи им магичен карактер, а нивното откривање е второто големо прометејство, после пронаоѓање на огнот.

Од сумерските глинени плочки, египетскиот папирус, преку Гутенберговата печатница, книгата поминала низ долг развоен процес на обликување, употреба, но и уништување и забрани.
Античко доба
Првата асоцијација на стариот век и книгите е библиотеката во Александрија, изградена за време на Птоломеј и Сотер. Се претпоставува дека во неа имало повеќе стотици илјади книги, а некои податоци укажуваат и на милионска бројка.
Александриската библиотека била едно големо сонце околу кое се вртел интелектуалниот живот во тоа време, па големите умови како Еврипид подарувале книги, а Архимед и Еуклид работеле во неа.
Затоа и не е ни чудо што повеќе пати била мета на уништување, затоа што во неа се наоѓала сржта на една епоха, на еден поредок и секој кој сакал да направи преврат не можел да го изостави нејзиното уништување. Оваа библиотека била спалувана неколку пати, најзначајни се: римското (48 п.н.е), христијанското (391 н.е) и исламското (642 н.е.)

Покрај уништувањето на Александриската библиотека, античкото доба помни и неколку слични „акции“. Најпознатата од нив, овековечена во есејот „Ѕидот и книгите“ на Борхес, е случката позната како „Палење книги и закопот на учениците“ кој се случил во Кина, во 3 век п.н.е.
Царот Чин Ши Хуанг ја обединил Кина и сакајќи да раскине со минатите времиња, ги запалил речиси сите книги и убил многу учени луѓе од претходниот поредок и само чудо ги спасило делата на Конфучие.
Среден век
Ерата која има предзнак на мрак во својата суштина, мора да биде спротиставена на слободното издавање книги, па во овој период се забележани либрициди (термин кој се однесува на масовно уништување книги, м.з) во Јапонија, Блискиот Исток, па сѐ до Англија.
Покрај останатото, овој период ќе биде запомнет по доминацијата на Католичката црква, која покрај уништувањето на забранети книги, кои биле прогласени за еретички четива, за време на папата Павле IV, во 1559 година издала и список со имињата на овие книги, наречен Index Librorum Prohibitorum. („Индекс на забранети книги“, м.з). На овој список се нашле многу дела на Кеплер, Џордано Бруно, народните преводи на Библијата, итн. Овој список е укинат дури во 1966 година. (Да, да, добро прочитавте 1 9 6 6 година, 20 век)

Во Средниот век, за субверзивни книги се сметале оние кои не се сложувале со црковната догма, дури и ако нивната содржина била световна, како на пример делата на Галиео Галилеј. Единствениот зрак светлина во средновековната темнина била Гутенберговата машина за печатење, која се појавила на средина на 15 век. Овој пронајдок ќе го „забрза“ текот на историјата и ќе го промени целото човештво.
Современиот либрицид
Технолошко – техничките откритија довеле до полесно издавање на книги, но книгата сѐ уште се гледала како најсубверзивен човечки производ. Моќта на книгата во 20 век највеќе им пречела на тоталитарните идеологии, особено на нацистите, кои најсурово се пресметувале со нив. Не е случајно тоа што една од првите работи кои Хитлер ги наредил по доаѓање на власт во 1933 година е да се запалат „неподобните“ книги, а врвот е достигнат со големото палење на 10 мај на плоштадот „Опернплац“ во Берлин.
Делата на Ремарк, Троцки, Хајне, Велс и други писатели биле уништени како дел од антисемитската пропаганда и спречувањето на „крварењето на духот на германскиот народ.“

Бомбардирањето на Народната библиотека во Белград во 1941 година со фосфорни бомби за полесно да изгорат, исто така е знак за тоа дека книгите биле гледани како голема опасност.
Иднината на книгите
Начините на сузбивање на читањето можеби најдобро се опишани во дописката меѓу Орвел и Хаксли, каде првиот тврдел дека книгите ќе бидат уништувни и забранувани, додека другиот сметал дека ќе бидат заменети со тривијални содржини и со тоа ги предвидел механизмите на современата масовна култура.
Како ниту еден друг човечки производ, книгата е симбол на културата, цивилизацијата и знаењето. Таа е чувар на повеќевековно интелектуално наследство кое нѐ довело до овој степен на развој, како и патоказ за тоа како во иднина да ги премостиме сите препреки кон напредокот.
И како што кажал поетот Хајнрих Хајне:
„Онаму каде што палат книги, на крајот ќе палат и луѓе.“
