Како што сите знаеме, ова не е најубавиот период во кој живееме. Постојано живееме во неизвесност поради новиот коронавирус, не можеме многу да се движиме и да се гледаме со пријателите, ниту пак да шетаме на ова убаво време. Денес на блогот можете да прочитате еден интересен текст од страницата „Бук Рајот“ која зборува за тоа што и како да читаме во периоди кога светот е ужасно место. Иако текстот е постар, сепак совршено одговара и за времињата во кои живееме.

Кога се случуваат ужасни работи и кога насекаде низ вестите и социјалните мрежи гледаме само лоши вести, книгите се токму она што ни е потребно. Но, како да одлучите што да читате кога се чувствувате ранливо, луто, депресивно или збунето? Има многу начини како да го искористите читањето како алатка која ќе ви помогне да ги надминете вашите стравови или да им се спротиставите на тешките чувства и не постои еден вистински начин за тоа. Но, еве денес неколку предлози кои би можеле да ви помогнат.
Книгата како начин за бегство од реалноста
Ако сакате читањето да ве оттргне од сѐ што се случува, земете предвид неколку работи. Романтичните и љубовните романи се добар жанр во турбулентни времиња, за тоа што овие приказни обично завршуваат со среќен крај, па знаете дека на крај сѐ ќе биде во ред. Ако ви е потребна утеха и смирување, како и потсетник за тоа што сѐ може да направи љубовта, љубовните романи и романсите се добар избор.
Понекогаш можеби сакате сосема да заборавите дека светот постои. Во тој случај, најдобро решение е да се свртите кон научната фантастика или фантастичните книги. Иако некои книги од овие жанрови може да се многу слични со реалниот свет или да навлегуваат во тешки морални прашања, има книги кои се вртат околу градење нови светови, книги кои ја подгоруваат фантазијата и тука треба да почнете и да отидеме кога сакате да направите пауза од светот во кој живееме.
А зошто не се обидете со хумор? Мемоарите на комичари или кратки есеи имаат една цел: Да ве насмеат. А ефективни можат да бидат и мемоарите на други славни личности кои имале интересен и возбудлив живот.

Нешто лесно, нешто што предизвикува среќа
Кога светот е тешко и негативно место за живеење, можеби не ви е потребно бегство од него, можеби едноставно ви е потребна полесна и потопла верзија на светот во кој живееме. Зошто едноставно не ја препрочитате вашата омилена книга од детството/младоста? Тоа сигурно ќе ви врати убави спомени и ќе стави насмевка на вашето лице. Повторно земете ја во рака книгата која секогаш ви носи некаква утеха и која речиси ја знаете напамет. Препрочитувањето на книгите кои ви донеле среќа и мир е одличен начин за да вметнете малку ред во хаосот околу вас и да се чувствувате поспокојно.
Исто така е пожелно и да прочитате нешто „пуфкасто“, тоа се книги кои се еквивалент на прегратката. Книги кои кога ги читате прават да чувствувате топлина околу срцето и кои прават да верувате во убави нешта. Ова се книгите кои обично луѓето ги опишуваат како „шармантни“, оние кои би ги препорачале и на вашата баба, оние кои најчесто се одвиваат во некои мали градови и селца и кои секогаш имаат некоја безвременска порака за читателот.
Доколку сакате само некој да ви каже дека сѐ ќе биде во ред, постојат и такви книги кои лесно може да ги најдете.

А можеби сакате да почувстувате нешто?
Ако се чувствувате рамнодушно кон сѐ и имате потреба да почувствувате нешто, обидете се со драми и тажни приказни. Тажните книги исто така можат да бидат лесни, но можат да бидат и темни, слатки или тешки. Сѐ зависи што сакате да читате. Размислете за тонот, предметот и стилот кој го претпочитате и најдете го следното четиво.
Соочете се директно со темнината и мрачните теми
Ако едноставно не ви се чита нешто среќно и лесно, сосема е во ред да читате нешто тешко и тажно. Ако целата оваа ситуација ве прави напнати и исплашени, може да читате нешто што одговара на тонот, но да ја промените темата. Има многу книги кои навлегуваат во тешки теми, но истовремено и даваат чувство на утеха и од нив може да се извлечат добри лекции. Во овие ситуации можете да читате и белетристика, но и нефикција (мемоари, стручна литература, итн.)
Мозокот нека ви биде зафатен
За да избегнете премногу простор за премногу анализирање и постојано читање лоши вести, занимавајте го вашиот мозок со читање. Ова е одлично време да научите нешто. Обидете да читате книги од кои ќе научите интересни факти на различни теми. Или уште подобро, ако дома имате некоја дебела и огромна книга која со месеци (па и години) сте ја одложувале, сега е најдобро време да ја прочитате.

Направете нешто различно
Имате проблем да се концентрирате? Променете нешто, направете нешто различно од она што обично го правите кога читате. Обидете се со книги или жанрови кои обично не ги читате. Зошто не им дадете шанса на аудиокнигите? Ако обично читате проза, обидете се со поезија! Ако обично читате белетристика, дајте ѝ шанса на стручната литература и нефикцијата. Излезете од вашата комфорна читачка зона, ќе откриете еден цел нов свет!
Без оглед на тоа кој пристап ќе го одберете, запомнете дека нема точен или правилен начин за читање, особено во периоди кога ни се чини дека сѐ е мрачно и ужасно. Она што вам ви одговара е секогаш правилно и точно. Она што секогаш треба да го имате на ум е дека читањето ви помага да се грижите за себеси и да го пронајдете она што ви е потребно во моменти кога сѐ изгледа дека е надвор од ваша контрола.
Ова се само неколку интересни совети, а во рубриката Кафе и книги препорачува можете да најдете многу интересни и разновидни предлози кои одговараат на секој од горенаведените предлози и совети.
