Во овие моменти на осаменост, книгите можат да бидат нашиот пасош…

Џордан Киснер е писателка која неодамна ја издаде својата прва книга, збирка есеи насловена како „Слаби места“, која беше објавена во март, токму во време на избувнувањето на пандемијата со која денес се соочуваме. Поради целата таа ситуација, таа била принудена да ја откаже својата книжевна турнеја и во гостински текст за „Њујорк Тајмс“ таа пишува за моќта на книгите и воедно споделува што чита во овие времиња. Денес на блогот прочитајте го овој интересен текст, а најдолу може да пристапите и до оригиналниот текст во „Њујорк Тајмс“.

29Books-essay-superJumbo

На почетокот на март, јас искусив една нова радост: ја објавив мојата прва книга, збирка есеи кои истражуваат како Американците наоѓаат смисла во својот живот и што прават кога нивните вредносни системи за смислата на нивниот живот почнуваат да се разнишуваат.

Книгата ја создавав околу седум години. Додека ја пишував, имав можност да патувам низ Америка: бев во една колонија во Мејн, отидов во Ларедо за да присуствувам на дебитантски бал каде девојките се облекуваа во чест на Џорџ и Марта Вашингтон, бев во мртовечници во Кливленд, возев до едно место во Калифорнија. Но, во поголемиот дел од времето, седев во мојата соба и пишував.

Пишувањето книга е фундаментално осамена и прицврстена активност. Некои луѓе се природно добри во ова. Јас не сум една од нив. Јас сакам движење, соработка и авантури. Јас го сакам тој дел од мојата работа кој ме поврзува со нови места и луѓе. Пишувањето на книгата донесе многу задоволства, но исто така беше и осамена активност.

Па затоа многу се радував на следниот чекор: патувањето и социјализирањето кое доаѓа со книжевните промоции. Ова требаше да биде време на неосаменост, време на авиони и возови, краток интервал полн со движење, луѓе и разговори, прегратки и дискусии. Кога една книга излегува од печат, една од задачите на писателот е да биде со луѓе, да биде малку во светот пред повторно да се врати на тишината зад своето биро. Ова во моментот е невозможно.

image

Предизвиците и анксиозноста на писателите кои ги испраќаат книгите во светот избледуваат пред дивеењето на глобалната пандемија. Нема ништо што подобро придонесува да го ставите своето професионално разочарување во перспектива како грижењето за здравјето и безбедноста на вашите сакани. Сепак, писателите кои јас ги знам, помеѓу купувањето намирници за своите соседи и проверувањето на своите постари роднини, се тажни заради одложените книжевни турнеи и ја искусуваат болката на фактот дека нешто на коешто работеле толку напорно можеби ќе ја пропушти шансата да пронајде своја публика. Во нашата индустрија постои една неизвесност, не само во нашата, во сите индустрии е така. За мене најчудно е тоа што морам мирно и неподвижно да седам дома, одејќи по истиот под, фатена во истата седечка, осамена рутина како и сите останати што ги знам. 

Пролетта е особено чудно време за да ни биде наложено да бидеме дома, затоа што обично е време кога сѐ расцветува, сѐ излегува од „зимски сон“, сите се собираат заедно за прослави, матури, дипломирања. Ова обично е годишното време кога ги отвораме нашите прозорци, излегуваме од дома и одново излегуваме во светот, одиме на пролетни одмори, ги планираме летните одмори. И затоа чувствуваме дека ова е неприродно време да бидеме принудени да останеме дома и да ги намалиме нашите периметри на движење и да ги ограничиме само на нашите домови, со исклучок на патот кон супермаркетот или аптеката.

female-woman-home-book

Во последните неколку денови, седејќи на една маса во близина на прозорецот и гледајќи низа божури кои полека се издигнуваат од празната земја, прелистував книги, и така го открив овој пасус од „Дрво кое расте во Бруклин“, роман на Бети Смит од 1943 година за девојче кое расте во Вилијамсбург во првите две децении на 20 век:

„Оттогаш, светот беше нејзин за читање. Таа никогаш повторно нема да биде осамена, никогаш нема да ѝ недостасуваат интимни пријатели. Книгите станаа нејзини пријатели и имаше книга за секое расположение. Имаше поезија за тивко дружење. Имаше авантура кога ѝ се здосадуваше од тивките часови. Имаше љубовни приказни кога влезе во адолесценција, а кога сакаше да почувствува блискост со некој друг, читаше биографии. На тој ден кога првпат откри дека може да чита, таа даде завет дека ќе чита по една книга дневно сѐ додека е жива.“

Овој пасус ме потсеќа на тоа зошто читав како дете: Голем дел од детството вклучуваше досада, лежев на стомак на тепихот, како и сега во моментот, посакувајќи да можам да видам повеќе од овој голем и простран свет кој тогаш беше достапен за мене на седумгодишна возраст. Причината поради која се заљубив во книгите е тоа што тие беа пасош за други места и животи. Книгите го имитираа патувањето. Во книгата, јас можам да одам насекаде и да бидам кого било. Долго време немав читано книга водејќи се според оваа примарна мотивација, но сега повторно ми изгледа особено привлечно.

book-read-reading-blanket-79697crop

Сега, без оглед на тоа колку неопределено ќе трае овој период, јас сум затворена во куќа со пет луѓе и куче. Во нашата куќа има и бубамари: нашата неподвижност е уште позабележлива поради нивното постојано движење и мавтање со крилјата. Уште нема ни една недела (текстот е напишан во март, м.з), а нам веќе ни е досадно, лежиме на подот, посегнувајќи по книгите.

Мојата листа за читање во моментот е полна со книги кои будат чувство на одредени места, чувство кое е толку силно што тие прават да заборавам дека моментално е март и дека јас сум внатре. Некои се нови, некои се стари, некои се мои долгогодишни омилени книги, а некои од нив премиерно ќе ги читам во следниот период. Можеби некои од нив и вас ќе ве однесат на некое поубаво место.

„Прирачник за чистачки“, Лусија Берлин

Постхумната збирка кратки раскази на Берлин нуди портрет на средината на 20 век, години видени преку очите на млади жени (голем дел од нив се засновани врз самата Берлин) живеејќи во неверојатни околности.

„Џастин“, Лоренс Дурел

Ова е првиот роман од „Квартетот Александрија“ на Дурел и нѐ запознава со главната љубовна приказна во тетралогијата: помеѓу двајца луѓе и помеѓу еден човек и еден град.

„Енигмата на пристигнувањето“, В.С. Наипол

Овој полуавтобиографски роман го следи периферниот живот на Наипол додека тој се обидува да се справи со искуството и чувството да се биде новодојденец, набљудувач и одметник на места кои се далеку од неговото место на раѓање. 

„Воден жиг“, Јосиф Бродски

Оваа пофалба и омаж за Венеција, делумно тетратка со впечатоци, делумно прозна поема, е составена од вињети кои ги опишуваат двете декади кои Бродски ги поминал таму за време на зимските месеци. На порталот okno.mk, можете да прочитате извадок од ова дело

„Планините пеат“, Нгуен Фан Ке Маи

Дебитантскиот роман на виетнамскиот поет Нгуен Фан Ке Маи следи неколку семејни генерации за време на политичките превирања во Виетнам во 20 век.

„Светата фирма“, Ени Дилард 

Халуцинаторна, морничаво убава приказна за двегодишна релативна изолација на остров во северозападниот дел на Пацификот.

„Абигел“, Магда Сабо

Романот на Сабо за 14-годишната Џина Витај и нејзиното растење за време на Втората Светска војна е нејзиното најпопуларно дело во Унгарија, нејзиното родно место.

 „Фантомската патарина“, Нортон Џастер

Ова не е реална локација, но оваа книга за деца за потрагата на младиот Мајло да ги спаси и врати прогонетите принцези Рима и Разум во разнишаното Кралство на мудроста е совршениот патувачки роман и замислениот свет кој ни го пренесува е толку живописен, целосен и интелигентен што човек чувствува дека навистина патува.

Извор.

Leave a comment