Зошто треба да ја прочитате „Сто години самотија“?

На денешен ден во 2014 година, почина неверојатниот писател Габриел Гарсија Маркес. Влијанието на Маркес врз книжевноста е неверојатно и огромно, а и ден денес неговите дела и стил на пишување инспирираат многу писатели и писателки ширум светот.

Тој напиша многу дела како „Љубов во време на колера“ (која во последниот период, имајќи ја предвид ситуацијата со новиот коронавирус некако доби една нова и поинаква популарност), „На полковникот нема кој да му пишува“, „Хроника на една најавена смрт“ и многу други, но неговото најпознато дело, или неговиот magnum opus, како што често го нарекуваат, е „Сто години самотија“.

maxresdefault

Денес на блогот имате можност да прочитате неколку причини поради кои мора да ја прочитате оваа книга, а тоа можеби ќе ве поттикне да ја прочитате или да ја препрочитате. Кога првпат ја прочитав „Сто години самотија“, дефинитивно останав без зборови и после толку години, сцените од книгата сѐ уште ми се пред очи.

Прекрасна и неверојатно впечатлива и уникатна книга, во секој поглед. Дури и Нетфликс минатата година објави дека ги има откупено правата за да направи серија врз основа на книгата, па така би било одлично да ја прочитате пред да излезе серијата. Најпрво прочитајте го транскриптот на македонски јазик, а најдолу можете да ја погледнете одличната анимација на Ted-Ed, како и оригиналната нарација, која е на англиски јазик.

***

Еден ден во 1965 година, додека патувал кон Акапулко со своето семејство, комумбискиот новинар Габриел Гарсија Маркес, ненадејно ја свртел колата, ја замолил својата сопруга да се грижи за семејните финансии во месеците кои следувале и се вратил дома. Одеднаш добил идеја за нова книга: „Многу години подоцна, додека беше соочен со стрелачкиот вод, генералот Аурелијано Буендија се сеќаваше на тоа далечно попладне кога неговиот татко го одведе за да го открие мразот.“

why-should-you-read-one-hundred-years-of-solitude-1024x575-1

Во текот на следните 18 месеци, овие зборови ќе се најдат запишани и ќе станал дел од романот „Сто години самотија“. Роман кој ќе ја истурка латиноамериканската книжевност во водечките редови на глобалната имагинација, носејќи му ја на Габриел Гарсија Маркес Нобеловата награда за книжевност во 1982 година.

Што е она што ја прави оваа книга толку впечатлива? Романот ги следи хрониките на среќите и несреќите на семејството Буендија во текот на седум генерации. Со своите богати, детални реченици, огромниот број на ликови и заплеткан наратив, „Сто години самотија“ не е лесна книга за читање. Но, се работа за книга која носи многу поволности и задоволство, со своето епско распоредување на интензивни романси, граѓанска војна, политички интриги, светски авантури и многу повеќе ликови наречени Аурелијано отколку што можете да замислите.

Но, овој роман не е само историска драма. „Сто години самотија“ е еден од најпознатите примери за книжевниот жанр познат и како магичен реализам. Тука, надприродните настани или способности се опишани со многу реалистичен тон, како да се дел од секојдневието, додека пак реалните настани од човечкиот живот и историја се покажуваат како полни со фантастична апсурдност. Надреалните феномени во измисленото село Макондо се беспрекорно испреплетени со настаните кои навистина се случувале во Колумбија.

2019030702430351640

На самиот почеток, дејството и самото место во книгата се дел од митска состојба на изолација, но постепено се изложуваат на надворешниот свет, доживувајќи несреќи во текот на дејството. Како што минуваат годините, ликовите стареат и умираат, но се враќаат како духови или едноставно се реинкарнираат во следната генерација. Кога американска компанија за овошје пристигнува во градот, истовремено пристугнува и романтичниот механичар кого постојано го следат жолти пеперутки. Една млада жена одеднаш се издигнува и исчезнува лебдејќи.

Иако романот се движи напред низ неколку генерации, времето минува речиси на еден циничен начин. Голем дел од ликовите имаат слични имиња, па и одлики со нивните предци, чии грешки често ги повторуваат. Чудни предвидувања и посети од мистериозни Роми отвораат простор за престрелките и стрелачките водови на граѓанските војни кои се повторуваат. Американска компанија за овошје отвора плантажа во близина на селото и на крај масакрира илјадници работници кои штрајкуваат, а тоа е всушност повикување на вистинскиот „Банана масакар“ од 1928 година.

Во комбинација со магичниот реализам на романот, ова создава чувство дека историјата е надолна спирала пред која ликовите се беспомошни и не можат да избегаат од неа. Под магијата се наоѓа приказната за шаблоните во колумбиската и латиноамериканската историја од колонијалните времиња, па сѐ до денес. 

original

Ова е историја која самиот автор ја искусил на своја кожа. Габриел Гарсија Маркес пораснал во Колумбија која била растргната од граѓанската војна помеѓу конзервативната и либералната партија. Тој живеел и во автократско Мексико и како новинар го покривал венецуелскиот државен удар во 1958 година. Но, неговите баба и дедо од мајчина страна имале најголемо влијание врз него.

Николас Рикардо Маркес бил одликуван ветеран од времето на Војната од 1000 дена, чие документирање на бунтовништвото кон колумбиската конзервативна влада ги обликувало социјалистичките и левичарски гледишта на Маркес. Од друга страна, постојаното присуство на  суеверност кај госпоѓа Транкулина Игуаран Корес станала основа за стилот во „Сто години самотија“. Нивната малечка куќа во Аракатака, каде Маркес го поминал своето детство, била главна инспирација за селото Макондо.

Со „Сто години самотија“, Габриел Гарсија Маркес пронашол уникатен начин да ја долови уникатната историја на Латинска Америка. Тој успеал да ја прикаже чудната реалност на живеењето во пост-колонијално општество, кое е принудено да ги преживува трагедиите од минатото.

И покрај целиот овој фатализам, романот сепак нуди надеж. Во својот говор по примањето на Нобеловата награда, Маркес зборувал за долгата историја на граѓански преврати и немир во Латинска Америка. Сепак, тој го завршил својот говор потврдувајќи ја можноста за создавање на подобар свет, како што вели тој, „каде никој нема да може да одлучува како другите ќе умрат, каде ќе се докаже дека љубовта е вистинска, а среќата возможна и каде расите осудени на сто години самотија, конечно и засекогаш, ќе имаат втора шанса на Земјата.“

Leave a comment