Времињата кога Хемингвеј бил во принуден карантин со својата сопруга, синот и љубовницата…

Во почетоците на летото во 1926 година, првата жена на Ернест Хемингвеј, Хедли, била во карантин со нивниот син, кој се заразил со магарешка кашлица. На 21 мај, таа му напишала писмо на својот сопруг, кој во тоа време бил во Шпанија, да го информира дека во нивниот дом поканила една сосема невообичаена гостинка: Паулин Фајфер, љубовницата на Хемингвеј.

Лесли М.М.Блум во „Град и село“ (Town & Country) вели дека она што следело биле неколку чудни недели на изолиран соживот помеѓу Хемингвеј, Хедли, Фајфер, малото дете и неговата дадилка, со специјални појавувања на Ф. Скот и Зелда Фицџералд.

hemingway-lead-1585068650
(Извор на сликата: Town & Country)

Во тие неколку години, семејството Хемингвеј живеело во Париз и Хедли во периодот пред да влезат во карантин открила дека Хемингвеј има вонбрачна врска со Фајфер, уредничка во „Вог“, која била весела, ентузијастична и елегантна, за разлика од Хедли која била кротка домаќинка. Иако Хедли не била среќна поради неверството, таа на крајот се помирила со фактот дека нејзиниот сопруг планирал да продолжи со двете врски.

Додека Хемингвеј бил во Мадрид за да гледа борба со бикови, Хедли и нивниот тригодишен син Џек (нагалено „Бамби“) се преселиле во убава и луксузна вила во Антиб, Франција, која била во сопственост на други Американци, Џералд и Сара Марфи.

За жал,  додека биле таму, на Бамби му била дијагностицирана магарешка кашлица (заразна респираторна болест) и докторите ѝ наредиле на Хедли да се самоизолира со него и таа морала да ја напушти вилата на своите пријатели. Тие, заедно со дадилката на Бамби се преместиле на помал имот во Антиб, имот кој го изнајмиле од познатите пријатели: Ф. Скот и Зелда Фицџералд кои исто така летувале на истото место, но на друг имот.

622626-wikimedia-hemingways_and_pauline
(седнати околу масата од лево: Џералд и Сара Марфи, Паулин Фајфер, Ернест  и Хедли Хемингвеј, фотографирани во Шпанија во 1926 година, пред карантинскиот период)

На почетокот таа го уверувала дека сѐ е добро и дека не треба да се грижи и редовно му пишувала писма. Во едно од нив му напишала на Хемингвеј дека „Марфиеви и Фицџералдови држат голема дистанца од нас, отровните“, иако напоменувала дека постојано им праќале храна и други потребни продукти. Хедли се мачела со чувството на несигурност, неизвесност и осаменост, иако прошетките низ град и чаша виски ѝ помагале да се справи со несреќата и стресот.

Наскоро Хедли му соопштила на својот сопруг дека ја поканила Фајфер „да помине ако сака“ и му напишала дека би била „одлична шега и подбивање со целиот свет доколку ти, Фајф и јас го поминеме летото заедно.“ Фајфер (која веќе ја прележала болеста кога била мала) наскоро се појавила во Антиб, а по неа се појавил и самиот Хемингвеј, кој со своето доаѓање ја поставил сцената за она што сигурно било една од почудните и најклаустрофобичните домаќинства во книжевната историја.

Зачудувачки, прославениот писател сметал дека полната куќа со две спални соби била „прекрасно место за пишување“, иако во неа заедно со него престојувале неговата лута сопруга, љубовницата, дете со заразна болест и дадилката.

ehph-05180p-1585068220
(Хемингвеј со синот, извор)

Марфиеви и Фицџерaлдови правеле сѐ што можат за да го одржат духот и моралот на своите пријатели. Секоја вечер тие ги паркирале своите автомобили пред куќата и си правеле коктел-забави и пијанки со тоа што обата пара стоеле од другата страна на оградата и со тоа се придржувале до препораките и наредбите за одалеченост.

За среќа, Бамби оздравел по неколку седмици и дружината се префрлила во хотел. Фајфер не заминала и воопшто не се одвоила од нив. Според сеќавањето на Хедли, таа, за време на доручекот, често легнувала во нивниот кревет за да јаде со нив. Но, она што започнало како „одлична шега“, на крај се покажало како премногу за затегнатите односи на Хедли и Ернест, па така тие се развеле во јануари 1927, само неколку месеци подоцна. Хемингвеј во текот на 1927 година се оженил со Фајфер, брак кој траел сѐ додека тој не ја запознал американската писателка Марта Гелхорн.

За повеќе интересни (и повремено скандалозни) детали за раната кариера на Хемингвеј, прочитајте ја книгата „Сите се однесуваат лошо: Вистинската приказна позади „И сонцето изгрева“, ремек делото на Хемингвеј“ на Лесли М.М.Блум.

 

Извор 1.
Извор 2.

Leave a comment