На Стивен Кинг му е жал што се чувствувате како да сте заглавени во роман на Стивен Кинг!

Во неговиот роман „Стојалиште“ од 1978 година, Стивен Кинг создаде приказна за пандемија на вирус која ја покосила светската популација. Откако изби целиот хаос со пандемијата, сите постојано велат дека 2020 година е како излезена од негов роман.

Денес на блогот можете да прочитате интересни извадоци од неговото интервју за медиумот „NPR“, поконкретно за емисијата/подкастот „Свеж воздух“ (Fresh Air). Прочитајте ги интересните извадоци од ова интервју, а целосното интервју кое трае 42 минути, можете да го слушнете на линкот на крајот од текстот.

Стивен Кинг ги разбира обожавателите кои велат дека искусувањето на цела оваа ситуација со COVID-19 е како човек да влегува во една од неговите хорор приказни. Тој вели: „Луѓето постојано ми велат: „Боже, како да живееме во приказна на Стивен Кинг. И мојот единствен одговор на тоа е: ‘Жал ми е.’“

Celebrities Visit SiriusXM - September 26, 2017

Кинг го продолжува разговорот и вели: „Пандемија како COVID-19 мораше да се случи. Никогаш не се појави сомнеж, ниту се постави прашањето околу тоа дека во нашето општество во кое патувањето е столбот на секојдневниот живот, кога-тогаш ќе се појави вирус кој широко би се распространил во јавниот живот.“

Иако тој се прослави како писател на хорор приказни, Кинг вели дека тој најмногу сака да го истражува „упадот на неочекуваното и чудното“ во животот на обичните луѓе. Неговата збирка кратки раскази „Ако крвари“ се фокусира на Холи Гибни, приватна детективка која навидум има и наприродни способности. Овој лик се појавува во неколку негови романи, вклучувајќи го и „Туѓинецот“, кој беше екранизиран во форма на серија на HBO.

Зборувајќи за ликот, Кинг вели: „Постојат луѓе кои ги имаат тие супермоќи. Луѓето слободно можат да велат дека сум писател на хорори и тоа е сосема во ред – сѐ додека чековите не се одбиваат, јас сум среќен со тоа. Но, мислам дека сепак правам повеќе и јас сум заинтересиран за мистеријата околу тоа што сме ние и за што сме способни.“

screen-shot-2019-09-06-at-9.35.06-am

Главни извадоци од интервјуто

За тоа како пандемијата ќе остави трага на оваа генерација

Што се однесува до мене, како тип кој е во своите 70-ти години, јас памтам како мојата мајка зборуваше за Големата депресија. И тоа дефинитивно остави лузна. Остави трауми зад себе. И мислам дека… мојата внука, на пример, не може да ги види своите пријатели и со нив комуницира преку Скајп. Таа е заглавена во куќата… кога таа ќе порасне и нејзините деца ќе речат: „Леле Боже, колку ми е досадно, не можам да излезам!“, мојата внука ќе им рече: „Ех, требаше да бидете присутни во 2020 година, затоа што тогаш со месеци бевме заглавени во куќата! Не можевме да излеземе. Се плашевме од бактерии!“

За тоа како пишувањето овозможува бегство од реалноста

Во текот на 20 часа во денот, јас живеам во истата реалност како сите останати. Но, во период од 4 часа, работите се менуваат. И ако ме прашате што се случува или како се случува, би ви рекол дека тоа е мистерија за мене исто како што е мистерија за сите други. И низ текот на сите овие години како го правам ова, откако го открив мојот талент на 7 или 8 години, сѐ уште се чувствувам како што се чувствував во раните години, дека го напуштам обичниот свет и го заменувам со мојот сопствен свет. И тоа е едно прекрасно, воодушевувачко чувство. И многу сум благодарен што го имам.

За одново промислување на делото кое го пишува, а чие дејство е сместено во 2020

Дејството во книгата која моментално ја пишувам е сместено во 2020 затоа што тогаш си мислев: „Ок, кога ќе ја објавам, тоа ќе биде во 2021 година, па така дејството ќе биде во минатото, безбедно во минатото.“ И потоа се случи сето ова и веднаш почнав да се навраќам на она што го напишав и видов дека една од работите кои се случуваат е кога два лика одат на патување и тоа баш во 2020.“ И си помислив: „Па не, не верувам дека некој годинава ќе оди на крстарење.“ И убаво разгледав сѐ и веднаш го поправив тоа и дејството го сместив во 2019 година, во време кога луѓето можеа да се собираат и да бидат заедно и на тој начин приказната ќе функционира поради тоа.

original-2

За тоа како се справува со стравот и анксиозноста поврзани со пандемијата

Краткиот одговор на ова е дека не се справувам. Она со коешто живеам и имам чувство дека многумина го преживуваат истото е „кабинска треска“.  Но, да се биде дома цело време… сѐ што можам да кажам е дека направив огромен прогрес при пишувањето на еден роман, затоа што навистина нема многу работи кои можат да се прават и тоа е добар начин да се избега од стравот. Не е паника. Не чувствувам терор, мислам дека и повеќето луѓе го чувствуваат истото, се работи за еден вид на постојана, вознемирувачка анксиозност каде човек си вели сам на себе: „Не треба да излезам. Ако излезам можам да го фатам чудово или да го пренесам на некој друг.“

За самиот хорор жанр во период кога светот е страшен

Па, тие се како соништа, зарем не? Човек може да отиде во свет за кој знае дека не е реален. Но, ако уметникот е добар: режисерот, писателот, дури и сликарот – во одреден период човек верува во тој свет, затоа што сликата и описот на тој свет е толку реален што човек може да влезе во него.  Но, сепак, секогаш има еден дел од нашиот ум кој сфаќа дека сето тоа не е реално и дека е сосема измислено.

Извор.

Leave a comment