Драги читатели, љубители на книгата и пишаниот збор,
Среќен Светски ден на книгата!
23 април е официјалниот Светски ден на книгата прогласен од страна на УНЕСКО. На блогот веќе имам пишувано за историјата на Светскиот ден на книгата и зошто се прославува и тоа можете да го прочитате тука.

Денес ги славиме книгата и книжевноста, книгите, тие верни придружници, верни пријатели и молчеливи советници. Книгите кои секогаш се покрај нас и во добри и во лоши времиња, кои нѐ учат, кои се тука за да изнудат насмевка од нашето лице дури и кога сме тажни, да нѐ утешат и да ни помогнат да избегаме од светот и реалноста.
А многумина од нас навистина сакаат да избегаат од реалноста, особено сега кога сме затворени дома и кога се бориме со чувството на непријатност и неизвесност за она што стои пред нас. Многумина од нас се чувствуваат осамени и изолирани и во овие моменти, книгите цврсто нѐ држат за рака и ни помагаат да го надминеме овој период.
Има многу малку работи и проблеми околу кои книгата не може да помогне. Најубавите совети и најголемата утеха сум ја добивала преку некои од омилените книги и автори, луѓе кои не се ни повеќе живи, но преку своите зборови ја пренесуваат својата мудрост и векови по својата смрт.

(„Читајте, за никогаш да не се чувствувате осамени!“)
Верувам дека во изминатиот период секој еден од нас им се посвети на книгите и ја почувствува љубовта и среќата која добрата книга ја нудри. Денес го славиме овој ден на секој можен начин. Споделете ја вашата омилена книга, омилен извадок, некоја интересна слика поврзана со книги. Што и да одлучите, уживајте во книгите!
Денес на блогот имате можност да ја прочитате светската порака на УНЕСКО по повод Светскиот ден на книгата и авторските права, а под неа можете да ја прочитате македонската порака, односно пораката за македонските читатели. Годинава пораката ни ја испраќа проф. д-р Методи Чепреганов, еден од нашите најистакнати невропсихијатри. Истовремено, на блогот ги споделувам пораките и слоганите на УНЕСКО кои исто така можете да ги преземете и споделувате.
Среќен нека ни е Светскиот ден на книгите! Да уживаме уште долго со нив!

(„Читајте… за да не постојат странци“)
Пораката на УНЕСКО по повод Светскиот ден на книгата и авторски права:
Зошто денес читањето е поважно од кога било?
Денес, повеќе од кога и да било, во време кога повеќето училишта ширум светот се затворени и кога луѓето се принудени да го ограничат времето поминато надвор, моќта на книгите треба да се искористи во борбата против осаменоста, за засилување на врските меѓу луѓето и да ги прошири нашите видици, притоа стимулирајќи го нашиот дух и нашата креативност.
Во текот на април, како впрочем и низ целата година, многу е важно да најдеме време за читање, сами или со нашите деца. Ова е време да се слави и одбележи важноста на читањето, време да ги поттикнуваме децата да станат идни читатели, да им пренесеме доживотна љубов кон книжевноста и интеграција во работниот свет.
Преку читањето и одбележувањето на Светскиот ден на книгата и на авторските права, кој секоја година се одбележува на 23 април, ние се отвораме кон другите и покрај далечината, и можеме да патуваме со благодарение на нашата имагинација.

(Читајте… нека ви пораснат крилја и патувајте)
Од 1 до 23 април, УНЕСКО споделуваше цитати, песни и пораки за да ја престави и симболизира моќта на книгите и да поттикне читање колку што е можно повеќе. Со создавањето на чувство на заедничка заедница преку споделените четива и споделеното знаење, читателите ширум светот можат да се поврзат и заеднички да се борат против осаменоста.
Во овие околности, ги повикуваме и покануваме учениците, студентите, наставниците, професорите, читателите ширум светот, како и книжевната индустрија и библиотеките да сведочат и да ја изразат нивната љубов кон читањето. Ве поттикнуваме да ја споделите оваа позитивна порака со другите преку користење на хаштазите #StayAtHome (#ОстаниДома) и #WorldBookDay (СветскиДенНаКнигата)
Од нашата страница можете да ги преземете цитатите, пораките, да ги отпечатите материјалите, да ги залепите на ѕидовите, да ги споделувате по социјалните мрежи или да ги објавите на вашата интернет-страница, тоа може многу да помогне! Тука можете да ги преземете сите материјали!
Колку повеќе луѓе ќе допреме, на толку повеќе луѓе ќе може да им се помогне.

(„Читајте…за ниту една култура да не остане незапознаена“)
Македонската порака по повод Светскиот ден на книгата и авторските права
„Умот царува, а книгата го храни“
проф. д-р Методи Чепреганов, невропсихијатар
Веќе повеќе од шеесет години се занимавам со проблемите на созревањето на психичкиот профил на личноста, на колективниот психо-профил (популарно наречен ментален склоп на еден народ) и на цивилизациската свест со име Планетарна совест или социјално сознание за односот кон Мајката Земја. Ќе си дозволам да го елаборирам, од моето богато психолошко-психијатриско искуство само психо-профилот на личноста.
Конфуциј, многу одамна, во своите капитални и вековни дела напишал дека УМОТ ЦАРУВА, А МОЌТА И СНАГАТА СЕ ГУБАТ, и ја означил најмоќната прошетка низ цивилизациските психо-емотивни основи на животот со мислата: да живееш и да постоиш значи да учиш, да работиш, да твориш, да креираш, да создаваш, да умееш, да почитуваш, да те краси емпатија, флексибилност и толерантност, значи да имаш изграден свој психолошки профил со високо инкорпорирани норми во совеста на сопствената личност.

(„Доброто читање е едно од најдобрите задоволства кои самотијата може да ти ги даде.“ – Харол Блум)
Симбиозата на нашата психа и тело го сочинува нашето постоење, нашето огледало и експресија на мисловните капацитети и дела во нашите интерперсонални односи кон надвор. Тоа е нашата совест, фундаментален еволутивен процес при кој на психофизичката обдареност од мајката природа со текот на времето личноста насобира и во себе вградува воспитување, едукација, знаење, искуство, социјални, морални, етички и духовни норми. Таа постепено созрева во средината во која постои, во средината на фамилијата и на опкружувањето.
Тоа се насушните норми кои ја формираат психичката архитектура на една личност кои го креираат и формираат нејзиниот психо-профил.
Модерната психологија, сознанието за зрела личност го надградува: во името на зрелоста со социјално кое означува збир од ментални процеси кои поддржуваат одредени наши социјални интеракции во нашите контакти со другите, со околината, со реалноста и со осмисленоста на специфичноста на нашите намери, планови, желби, замисли, верувања, емоции и дејства.

(„Книгите му даваат душа на универзумот, крилја на умот, лет на фантазијата и живот на сѐ.“ – Платон)
Капацитетот на социјалната когниција во името на емоционална интелигенција, нè води сите нас и управува со нашето социјално однесување, со нашата адаптација, како многу значаен фактор во примањето, но и во одговорот на нашите соодветни и реални, или несоодветни хистерични и непромислени социјални интеракции.
Денес, невронауката ја потврди архитектурата на нашиот психо-профил, со богатство на знаење што сме го внеле во нашите мемориски записи. Прашањето е кој ја оформува, осознава и инкорпорира менталната и емоционалната интелектуална зрелост на нашата личност?
Има само еден одговор. Книгата и богатиот резервоар на знаења. Книгата ни го евоцира минатото и таа меморија нè насочува со поуки; книгата ни ја проектира и осмислува иднината, како реална надеж, која со ум, знаење и работа, треба да ја оствариме и обистиниме и конечно книгата нè учи и нè држи под контрола како да го живееме мигот.

(„Соба без книги е како тело без душа.“ – Цицерон)
Најголемото слепило за една личност е ако книгата не му е пријател и секојдневен сопатник. Таа го храни, го оживува, му ја покажува насоката на неговото постоење, ги орнаментира и збогатува неговите мемориски квалитети и конечно му го осмислува и покажува начинот и насоката на неговата креација, живот, однос со околината, знаење, почит, духовност и постоење. Книгата е изворот, фундаментот и светлината во животната филозофија на нашата секојдневна егзистенција. Дружете се со неа и почитувајте ја како секојдневна насушна храна, којашто ќе ви го збогати умот и животот.
Македонската порака ја преземав од Фејсбук страницата на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“
***
Во продолжение ги споделувам и останатите слики со пораки и убави мисли. Како и оние погоре, така и под секоја слика ќе го ставам и превод на македонски јазик, за оние кои не го владеат добро англискиот јази. Слободно споделувајте ги овие мисли!

– „Книгите се уникатна пренослива магија.“ – Стивен Кинг

– „Книгите се како лек; доброто читање може да излечи будала.“ – Лиу Хјанг

~ „Книгите се за луѓе кои посакуваат да бидат на друго место.“ – Марк Твен ~

~ „Ниту еден човек не е остров сам за себе; секој човек е дел од континентот, дел од целината.“ – Џон Дон
***
Среќен Светски ден на книгата! ❤
