И покрај целата криза со COVID-19, некои работи сепак си се одвиваат непречено, иако можеби во малку поинакви околности. Па така, пред неколку дена беа објавени добитниците на Пулицеровата награда во неколку категории.

Во категоријата за белетристика, награда ја однесе романот „The Nickel Boys” на Колсон Вајтхед. Овој роман е трогателна и длабока приказна која навлегува во злоупотребата која се случува во едно реформаторско училиште во Флорида во ерата на расна сегрегација во САД. И покрај тоа што се работи за длабоко емотивен приказ кој нема да остав никого рамнодушен, истовремено се работи и за моќна приказна за човечката издржливост, достоинство и искупување.
Овој роман инаку е инспириран од вистинска приказна за едно вистинско реформаторско училиште во Флорида каде учениците биле физички и сексуално злоставувани.
Главни конкуренти на Вајтхед во финалниот круг беа „Холандската куќа“ на Ен Пачет и „Училиштето Топека“ на Бен Лернер.

Ова е втората Пулицерова награда за белетристика за Колсон Вајтхед. Првата Пулицерова награда ја освои во 2017 година за неговиот роман „Подземната железница“.
На овој линк можете да ги дознаете и останатите добитници на Пулицерова награда, меѓу кои и оние за Драма, Поезија и други.
Да се надеваме дека набрзо ќе биде преведена и на македонски јазик!
Честитки!
