Пред околу 2 години, на блогот пишував дека благодарение на писателот Ден Браун, преку донација од 300.000 евра дадена на библиотеката „Ритман“ во Амстердам, илјадници окултни текстови кои датираат уште од пред 19 век, а се поврзани со алхемија, астрологија, магија и теологија ќе бидат дигитализирани и достапни на јавноста. Инаку, целата акција и процедура е наречена „Херметички отворено“.

Па, конечно ова се случи! Илјадници книги од овој проект се достапни во нивната дигитална читачка соба. Страницата сѐ уште е во бета верзија и луѓето од библиотеката „Ритман“ признаваат дека сѐ уште работат на подобрување на изгледот и ефикасноста. Но, за обожавателите и студентите на овој вид записи, малите неудобности или неправилности се мала цена во споредба со пристапот кој го добиваат кон стотици навистина ретки окултни текстови.

Посетителите треба да знаат дека овие книги се напишани на неколку различни јазици. Латинскиот јазик, академскиот јазик на Европа за време на Средниот век и уште неколку векови подоцна, е јазикот кој доминира во овие книги и она што е интересно е што се работи за специфичен латински јазик, полн со жаргони и алхемичарска терминологија. Има книги и на германски, холандски и француски јазик, па така, на оние кои ги владеат овие јазици ќе им биде полесно при навигирање низ текстовите, иако има и голем број текстови на англиски јазик, за оние кои го владеат овој јазик.
Покрај задоволството да се листа низ стара, ретка книга, дури и виртуелно, оние кои добро го разбираат англискиот јазик можат лесно да најдат збирка од книги преку кликнување на опцијата „Place of Publication” (Место на издавање) во филтерот за пребарување и потоа треба да изберат Кембриџ или Лондон, места каде се издадени неверојатни дела како делото „Човекот – глушец фатен во стапица“ на Томас Вон, издадено во 1650 година.

Се работи за архаичен англиски јазик, со користење зборови кои порано се користеле во англискиот јазик, а целата содржина е бизарна. Оние кои веќе се среќавале со ваков тип на пишување, без разлика дали тоа било преку историски студии или работата на помодерни интерпретатори како Алистер Кроули или Мадам Блаватски, ќе препознаат голем дел од формулите: Пронаоѓањето на траги од магични поврзаности помеѓу флората, фауната и астрономските феномени, внимателното одбирање имиња, астрологија и долги лингвистички етимологии, криптични, кодирани митологии и медицински процедури. Иако преку популарните медиуми сме навикнати да ги гледаме магичните книги како готвачи, полни со рецепти, реалноста е многу поинаква.

Додека човек ги разгледува овие богатства во библиотеката, може да си замисли магионичари какви што гледавме во „Фауст“ на Гете. Но, библиотеката не содржи само окултни книги. Алхемичарите од дамнешните времиња проучувале и филозофија, медицина, дури и теологија. На пример, ако пребарувате Кембриџ во полето за место на издавање, ќе го најдете делото од горенаведената слика, „Збирка на филозофски записи“ од Хенри Мор и како што се наведува на страната на библиотеката „Линда Хол“, „еден од најпознатите платонисти од Кембриџ, кој најмногу се прославил во средината на 17 век и направил сѐ што можел за да го поврзе Платон со христијанството и да го вметне сето тоа во британската природна филозофија.“
Оние го студираат или студирале европска интелектуална историја добро знаат дека присуството на Мор во оваа збирка не е аномалија. Со векови, било тешко, дури и невозможно, да се раздели проучувањето на теологијата, филозофијата, медицината и науката (или „природна филозофија) од проучувањето на алхемијата и астрологијата. Исак Њутон е познат пример на математичар/научник/алхемичар/верувач во чудни апокалиптични предвидувања.

За пристап до библиотеката – кликнете тука.
Сега засега има 2.154 достапни записи, а планот е оваа бројка да изнесува 35.000, кои секако ќе бидат надополнувани со текот на времето. За новости, следете ги Фејсбук страниците: Ritman Library и The Embassy of the Free Mind
