Интересни и малку познати факти за Олдос Хаксли!

Олдос Хаксли е еден од најпознатите британски писатели на 20 век. Неговото најпознато дело е „Храбар нов свет“, дистопија во која тој дава свое предвидување за иднината на човештвото и светот. Ова дело секогаш се наоѓа во топ 5 дистопии на сите времиња, заедно со „1984“ година на Џорџ Орвел и во изминатите децении постојано се прават споредби помеѓу овие две дела, односно се дебатира кое од овие две дела поточно ја предвидело иднината.

Досега на блогот често пишував за Орвел, а денес решив да му посветам една објава и на Олдос Хаксли и воедно да ви препорачам да ја прочитате „Храбар нов свет“ како задолжително четиво! Се работи за вистинско ремек дело! Денес на блогот прочитајте интересни и не толку познати факти за Хаксли!

gettyimages-517388008-2ae524cbbde34a63ac34432e3b989a34

Олдос Хаксли бил правнук на Метју Арнолд, еден од најпознатите поети и образовни реформатори во Велика Британија во 19 век. Оваа книжевна крвна поврзаност е важно да се спомене уште на самиот почеток од оваа листа, затоа што често паѓа во сенка во споредба со другите познати семејни врски на Хаксли – имено, неговиот дедо бил познатиот викторијански биолог Т. Х. Хаксли, кој го создал терминот „агностик“.

А кога веќе сме кај создавање термини и зборови…

На Хаксли му се препишува создавањето на зборовите: кучкесто (bitchy), дадаист, футурологија, нимфоманијак и снобски (snooty). Според Оксфордскиот речник на англискиот јазик, Хаксли е првиот кој ги употребил овие зборови. Друга интересна кованица е зборот „сексофон“, измислен музички инструмент кој поттикнува сексуална желба и копнеж, збор кој се појавува во „Храбар нов свет“, најпознатото дело на Хаксли, роман во кој рекреативниот секс е нешто кое се поттикнува.

aldoushuxley01

Многу луѓе знаат за постоењето на „Храбар нов свет“, но малкумина знаат за „Навраќање на Храбар нов свет“, продолжението кое Хаксли го напишал и кое било објавено во 1958 година. Всушност, и покрај името, не се работи баш за вистинско продолжение: се работи за нефикција, дело во кое Хаксли размислува, 25 години по издавањето на книгата, колку од неговите „предвидувања“ излегле точни. Неговиот песимистички заклучок е дека светот се движи кон П.Ф 632 (годината во која се одвива дејството во романот, иницијалите значат „По (Хенри) Форд“) многу побрзо отколку што очекувал.

Олдос Хаксли му предавал на Џорџ Орвел на „Итон“. Она што е многу интересно во овој податок е фактот дека идниот автор на еден од најдобрите дистопски романи („Храбар нов свет“) му предавал на идниот автор на еден од најдобрите дистпоски романи („1984“). Тој му предавал француски јазик. Овие интересни поврзаности не завршуваат тука. Во 1930 година, Хаксли бил еден од само десетте луѓе кои присуствувале на погребот на Д.Х.Лоренс.

aldous-huxley-riviera-cote-d-azur

Волт Дизни го одбил синопсисот на Олдос Хаксли за сценариото за „Алиса во Земјата на чудата“, затоа што „можел да го разбере само секој трет збор“. Сценариото на Хаксли, на кое работел во годините по Втората светска војна, е мешавина помеѓу игран филм и анимација и се фокусира на пријателството помеѓу Луис Карол (авторот на „Алиса во Земјата на чудата“) и Алиса Лидел (девојчето кое било инспирација за книгата).

Хаксли починал на 22 ноември 1963 година, истиот ден кога починал и K. С. Луис. Хаксли починал од Ларингеален рак (рак на гркланот) на 69 години (и конзумирал LSD кратко пред да почине). Смртта на двајцата писатели не добила посебно медиумско внимание, бидејќи се случила на ист ден кога се случил атентатот на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди во Далас.

3487

Подоцнежните дела на Хаксли имале значајно внимание врз контракултурата во 60-тите години на 20 век, особено врз Тимоти Лири, иако можеби неговото влијание најјасно се гледа од фактот дека групата The Doors го добила своето име според делото на Хаксли насловено како „Вратите на перцепцијата“ (оригиналниот наслов на англиски јазик: The Doors of Perception, м.з), во кое тој пишува за своите искуства од користењето на мескалин.

Самиот наслов „Вратите на перцепцијата“ Хаксли го позајмил од друг писател и корисник на опојни супстанци, Вилијам Блејк. Всушност, голем дел од насловите на Хаксли биле инспирирани од фрази од други дела или биле референци на други книжевни дела: „Сено од таванот“ е позајмено од делото „Едвард II” на Кристофер Марлоу, „Слепи во Газа“ е позајмено од фраза од драмата „Самсон Агонистес“ на Милтон, а „Оние пресушени лисја“ е фраза од „Превртени маси“ на Водсворт, па дури и „Храбар нов свет“ е наслов кој Хаксли го позајмил од драмата „Бура“.

 

Извор.

Leave a comment