Харуки Мураками е човек кој има многу интереси. Освен што е еден од најпознатите современи писатели, тој ужива да трча и одвреме-навреме да пушта музика на јапонски радио-станици. Неговото претходно гостување во една таква радио-емисија (за кое можете да прочитате тука) доживеа голем успех, па сега, поради целата ситуација со COVID-19, тој ќе биде специјален водител на една емисија на јапонска радио-станица, со цел да ги забавува жителите на Јапонија за време на овие тешки времиња.

Мураками ќе ги пушта своите омилени песни и ќе одговара на прашања на слушатели во двочасовна емисија која токму денес (22 мај, петок) ќе биде емитувана. Емисијата се вика „Stay at Home Special” и е именувана така заради неодамнешната молба на градоначалникот на Токио Јурико Коике кој ги замоли луѓето да седат дома и да престанат да излегуваат надвор.
Мураками изјави: „Се надевам дека моќта на музиката барем малку ќе ги оттргне грижите поврзани со коронавирусот кои периодов се наталожија.“
Во Јапонија, вонредната ситуација ќе трае до крајот на мај, иако властите најавија дека некои региони можеби ќе можат и порано да почнат да ги олабавуваат мерките доколку бројот на заразени остане под контрола.
Се надевам дека како и минатиот пат, така и овој, ќе излезе Јутуб листата со песните кои Мураками ќе ги пушта во етер, па ќе имаме можност и ние да уживаме во неговите омилени песни додека ги читаме неговите книги.
