Вака – така, си дојде и јуни и наскоро ќе започне летото. Иако верувам дека за никого оваа 2020 година не е онаква каква што требаше да биде, сепак можеме да најдеме забава и утеха во книгите. Денес на блогот прочитајте ја традиционалната листа со препораки од книги кои ги прочитав изминатиот месец. Меѓу другите се наоѓа и еден прекрасен класик, кој морате да го прочитате!
„Одвеано од виорот“ – Маргарет Мичел

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Ах, што да кажам и напишам за оваа книга и за оваа приказна, а што веќе не е кажано и не е напишано. Искрено, ова е една од топ пет најдобри книги кои ги имам прочитано. Кога ја прочитав последната реченица, ми се стегна срцето, како да морав да се разделам со добри пријатели, со ликови со кои толку длабоко и човечки се поврзав.
Ова е од оние книги за кои секогаш ќе жалите што нема да имате можност повторно да ги прочитате за првпат. Ова е една од оние книги кои го менуваат животот и после која никогаш нема да бидете исти. Барем јас така се чувствував. Оваа книга повеќето ја знаат и од истоимениот филм кој е еден од најпопуларните филмови во историјата, а врската меѓу Рет Батлер и Скарлет О’Хара е една од најпопуларните на сите времиња.
Според мене, Рет Батлер е најмоќниот машки лик кој некогаш се појавил во книга. Уште од првите редови кога се појавува, физички можете да ја почувствувате неговата енергија и невозможно е да го игнорирате неговото присуство. Едноставно, секогаш кога ќе се појави на страниците, засенува сѐ останато. Скарлет, од друга страна, е еден од најнеподносливите главни ликови на сите времиња, но сепак е напишана на начин на кој не можете да не сочувствувате со неа и да немате сочувство и разбирање за некои од работите кои ги прави, иако се морално непростливи.
Но, не се работи само за Скарлет и Рет. Целата книга е преполна со прекрасни ликови, начинот на кој Мичел ја развива приказната е прекрасен, едноставно сосема ве внесува во периодот од крајот на 17 век и никогаш целосно не излегувате од него, барем не додека ја читате книгата. Описите, развојот на ликовите и нивните меѓусебни односи прави да чувствувате дека секој еден од нив ви е близок и дека сте седеле заедно со нив. Деструктивноста на војната, гордоста на Југот, ужасниот и траорен расизам, уништените животи… Едноставно вие го преживувате тоа заедно со сите луѓе во книгата. И тоа ја прави оваа книга едно од најголемите ремек-дела кои некогаш сум ги прочитала во животот. Топло ви ја препорачувам! Навистина е огромна книгата, но вреди секоја реченица!
Единствена замерка која ја имам за книгата е преводот. Има грешки кои навистина не би смееле да се дозволат и пропуштат при лекторирањето и се надевам дека во следното издание на книгата ќе бидат поправени.
„Пурпурни и бели цветови“ – Мишел Фабер

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Дејството на оваа книга се одвива во втората половина на 19 век, во викторијанска Англија, во Лондон. Лондон во тоа време се развива и е еден од најмодерните градови, но истовремено има и една друга, многу погрда страна која сите се трудат да ја игнорираат. Сиромаштија, болести, проституција на сите страни, луѓе кои живеат во беда.
Главниот лик во оваа книга е Шеќерче, млада девојка која не знае ништо друго освен сиромаштија и проституција. Девојка која има амбиции, која сонува и која кога би имала повеќе среќа во животот, би добила образование и убав живот. Таа случајно го запознава Вилијам Рекам, син на познат бизнисмен во Лондон, кој цел живот е сонувач и не сака да го продолжи бизнисот на татко му. Тој и Шеќерче започнуваат страсна врска и таа мисли дека среќата ѝ се насмевнала во животот. Но, како што се развива приказната, сфаќаме дека работите не се толку лесни.
Одлична книга, неверојатно напишана книга. Нарацијата е многу необична, нараторот директно му се обраќа на читателот и имате чувство дека заедно шетате низ викторијанскиот Лондон. Топло ја препорачувам оваа книга!
„Тркачот“ – Ричард Бахман (псевдонимот на Стивен Кинг)

Издавачка куќа: АРС ЛИБРИС
Оцена: 3/5
Осврт: Доколку ви се допаѓаат дистопии и футуристички приказни, како и делата на Стивен Кинг, оваа книга ќе ви се допадне. Сместена е во САД, во една навистина мрачна и траорна атмосфера, каде сѐ се снима и контролира. Главниот лик живее беден живот, нема пари за ништо, а неговото дете е многу болно, а тие не можат да си дозволат ни најосновни лекови.
Затоа решава да се пријави на едно реално шоу кое ќе им ги реши финансиските проблеми, но од друга страна значи дека наверојатно ќе го изгуби својот живот. Тој тогаш ја започнува неговата најважна трка – трката за неговиот живот. Интересна, мрачна приказна, која открива еден корумпиран систем. Доколку сакате акциони филмови, оваа приказна исто така ќе ви се допадне.
„Се случи една есен“ – Лиса Кејпас

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3.5/5
Осврт: Доколку сакате романтични и љубовни приказни, особено од оние во кои главните ликови започнуваат како „куче – маче“, односно не се поднесуваат, па потоа се развива неверојатна хемија, оваа книга е за вас.
Лилијан Боуман е Американка која заради бизнисот на татко ѝ престојува во Англија, кај шармантниот, но чуден лорд Вестклиф. Таа е таму со нејзината сестра и пријателките и се надеваат дека ќе најдат сопруг. Но, Лилијан е независна и своеглава, а тоа највеќе го нервира лордот Вестклиф. Но, и покрај сите разлики и несогласувања, сепак има некоја неверојатна хемија и привлечност која и двајцата не можат да си ја објаснат. Оттука започнува да се развива приказната за разликите кои полека почнуваат да се топат. Книгата брзо се чита, не е најквалитетно четиво, но добро е за досадно попладне заедно со кафе.
„Лавиринт на духовите“ (Дел 1 и Дел 2) – Карлос Руис Зафон

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 3/5
Осврт: Доколку сте љубител на „Сенка на ветрот“ и книгите на Зафон, сигурно ќе уживате во книгава, затоа што ќе ви даде интересни одговори и на своевиден начин ја заокружува приказната која започна со „Сенка на ветрот“.
Кај нас приказната е поделена во две книги, прв и втор дел. Алиса Грис и инспекторот Варгас го истражуваат мистериозното исчезнување на министерот Ваљс. Но, она што изгледа како едноставен случај, се претвора во испреплеткана завера во која се вмешани многу луѓе. Освен одредени нови ликови, се враќаат и старите добро познати ликови од првичната приказна и претходните делови и сите се некако меѓусебно поврзани.
Според мене, Зафон непотребно ја испреплеткува приказната и има 350 страници повеќе отколку што би требало. Затоа и е поделена во два дена, иако не би требало. Некои делови премногу се развлекуваат, а некои се сосема непотребни. Но, ако ве интересира што ќе се случи и сакате да знаете повеќе одговори, тогаш сигурно ќе ги пронајдете во книгата.
