Буковски: „Ако човек не го потроши залудно својот живот, тоа е достоинствено постигнување!“

Буковски често велел дека тој многу доцна се пробил на книжевната сцена и доцна започнал со пишувањето. Како и многу други познати писатели и тој имал обични работи, пред целосно да му се посвети на пишувањето. Во средината на неговите 30-ти години, тој се вработил во државната пошта на САД.

bukowski

Но, иако тој подоцна велел дека ниту едно практично ограничување може да ѝ стои на патот на вистинската креативност, тој се чувствувал заробен во оваа работа. Во своите 40-ти години тој сѐ уште работел како поштар, додека во слободното време пишувал колумни за авангардното списание „Отворен град“ и соработувал со друг поет за создавање на едно книжевно списание кое набргу згаснало.

Во 1969 година, годината пред да наполни 50 години, тој го привлекол вниманието на Џон Мартин, кој раководел со издавачката куќа „Блек Спероу Прес“ и му понудил месечна стипендија од 100 долари за да даде отказ од тогашното работно место и целосно да му се посвети на пишување. Буковски радо се согласил на ова. По помалку од две години, издавачката куќа на Мартин го издала неговиот прв роман, „Пошта“.

По 17 години, на 12 август 1986 година, Буковски му испратил прекрасно писмо на човекот кој прв го земал под своја закрила. Прочитајте го писмото во целост:

charles-bukowski-acrylic-portrait-prints

12 август 1986 година

Здраво Џон,

Фала ти за убавото писмо. Мислам дека не штети човек понекогаш да се сети од каде доаѓа. Ти ги знаеш местата од каде доаѓам. Дури и луѓето кои се обидуваат да пишуваат за тоа или да прават филмови за тоа, не успеваат да го доловат тоа како што треба. Тие го нарекуваат тоа „од 9 до 5“. Никогаш не е од 9 до 5, нема слободна пауза за ручек на тие места, всушност, на многу од тие места не одиш на ручек за да си ја задржиш работата. Потоа имаш прекувремени работни часови и сметководните книги некако никогаш не успеваат точно да ги пресметаат тие часови и ако се пожалиш за тоа, секогаш има некоја друга будалетинка за да те замени.

Ти ја знаеш мојата стара изрека: „Ропството никогаш не беше укинато, само беше проширено за да ги опфати сите раси.“

И она што боли е постојаното пропаѓање на човечноста во луѓето кои се борат за да ги задржат работите кои не ги сакаат, но кои се плашат од алтернативата. Луѓето едноставно се испразнуваат. Тие стануваат тела со плашливи и послушни умови. Бојата ја снемува од нивното око. Гласот станува грд. И телото. И косата. И ноктите. И чевлите. Сѐ.

Кога бев млад човек, не ми се веруваше дека луѓето ги покориле своите животи на тие услови. Како стар човек, уште не можам да поверувам. За што го прават тоа? Секс? Телевизор? Автомобил на месечни рати? Или деца? Деца, кои само ќе ги прават истите работи кои и тие ги правеле?

charlesbukowski11

Многу одамна, кога сѐ уште бев млад и кога лутав од работно место на работно место, јас бев доволно будалест да разговарам со моите колеги: „Еј, знаете дека шефот може да влезе тука во секој момент и едноставно да не отпушти?“ Тие само бледо ќе ме погледнеа. Јас кажував нешто коешто тие не сакаа да го прифатат во умот.

Сега, во моментов, во индустриите има неверојатно голем број отпуштања (челичните мелници се мртви, се случуваат многу технички промени во други места). Стотици, илјадници луѓе се отпуштаат и нивните лица се запрепастени.

„Јас вложив 35 години…“
„Ова не е фер…“
„Јас не знам што да правам…“

Тие никогаш не им плаќаат на робовите доволно за да можат да се ослободат, ги плаќаат токму онолку колку што е потребно да останат живи и да се вратат на работа. Јас можев да го видам ова. Зошто не можеа тие? Јас имав чувство дека клупата на паркот или бидувањето пијаница беше доволно добро. Зошто да не стигнам таму пред тие да ме турнат натаму? Зошто да чекам?

Со презир пишував против сето тоа и за мене беше ослободувачки да го исфрлам сето тоа с**ње од мојот систем. И сега кога сум тука, кога сум таканаречен професионален писател, откако си ги изарчив првите 50 години, сфатив дека постојат и други презири кои го надминуваат системот.

2926c9a4b206cd0238eb00717c2d584e

Памтам дека еднаш, кога работев како пакувач во една компанија за поправка на сијалици, еден од пакувачите одеднаш извика: „Јас никогаш нема да бидам слободен!“ Еден од шефовите поминуваше оттаму (неговото име беше Мори), се насмевна на глас, уживајќи во фактот дека овој кутар човек беше доживотно заробен.

Затоа, среќата која конечно ми се насмевна за конечно да заминам од тие места, без оглед на тоа колку долго ми требаше, ми даде еден вид на задоволство, среќното задоволство на чудото. Сега пишувам со стар ум и старо тело, далеку зад мене се времињата кога повеќето луѓе не би можеле дури ни да замислат да продолжат да ја работат оваа работа, но со оглед на тоа дека јас започнав прилично доцна, јас си должам на себеси да продолжам. И кога зборовите ќе започнат да се разнишуваат, а мене ќе ми треба помош да се качам по скалите и нема да можам да распознаам што е сина птица, а што е спојувалка, јас сепак чувствувам дека нешто во мене ќе памти (без оглед на тоа колку сум отиден) како успеав да се извлечам од убиствата, хаосот и мочуриштата и стигнав да починам на дарежлив начин.

Мене ми изгледа дека достоинствено постигнување е кога човек залудно не си го потрошил целиот живот, ако ништо друго барем за мене е.

Твојот човек,

Ханк

Извор.

Leave a comment