Денес на блогот читаме прекрасна македонска поезија, една прекрасна песна од Матеја Матевски, кој нѐ напушти пред две години.
На пат – Матеја Матевски
Ноќва
како затнат оџак
е темна и зачадена.
Маглите се чадат
од прегорените мечти
во душата.
Невидливиот пат е копнежот
залутан
во празната исполнетост
на темнината.
Јас сум
ѕвезда што тлее
и која патот низ ништото
сè уште не ја истрошил.
И ноќта
и патот
и копнежот со мене
се остаток од нешто
што ќе биде.

