Казуо Ишигуро, писателот кој ја доби Нобеловата награда за книжевност во 2017 година, на македонската читателска публика најпознат ѝ е преку книгите „Никогаш не оставај ме“ и „На крајот на денот“.
Неговиот стил на пишување е навистина уникатен и доколку досега не сте го читале, овие две книги се одличен почеток! Тука можете да прочитате предлози за редоследот по кој би требало да ги читате неговите дела.

Оние кои веќе ги читале неговите дела сигурно ќе се израдуваат на веста дека најновата книга на Ишигуро е завршена и дека веќе се подготвува нејзиното официјално издавање кое ќе се случи на 2 март 2021 година.
Ова е првата книга на Ишигуро по добивање на Нобеловата награда, а нејзиното име е „Клара и сонцето“. Засега нема многу информации околу романот освен она што е наведено на веб-страницата, а тоа е дека главна тема која се провлекува во романот е прашањето за љубовта и што значи да се сака.
Приказната се врти околу Клара, вештачки пријател со извонредни набљудувачки и забележувачки квалитети, која, од своето место во продавница, внимателно го забележува однесувањето на оние кои влегуваат во продавницата за да разгледаат или оние кои поминуваат покрај излогот. Таа се надева дека некој муштерија наскоро ќе ја избере неа и кога се јавува можноста дека нејзините околности засекогаш ќе се променат, Клара добива предупредување дека не треба премногу да се потпира на ветувањата на луѓето.
Да се надеваме дека наскоро по излегување на книгата, ќе можеме да уживаме и во македонска верзија на книгата!
