Џек Керуак за добрината и „Златната вечност“…

Некаде околу средината на 50. години на 20 век, книжевната икона Џек Керуак почнал интензивно да се интересира за будизмот и тоа воочливо се пренело и во неговото пишување. Во овој период, голем број филозофи и познати мислители од Западот почнале да размислуваат за идеите и филозофиите на Истокот. Освен во своето пишување, ова влијание најмногу се гледало во личните писма на Керуак, во кои тој слободно размислувал за концептите на будизмот и многу други интересни теми.

jackkerouac_robertfrank1

Едно такво писмо е писмото кое тој ѝ го испратил на Еди Керуак Паркер, неговата поранешна жена, 10 години откако нивниот брак бил поништен. Во писмото, напишано во јануари 1957 година, Керуак пишува:

„Има толку многу работи на кои можам сега да те подучам, во случај некогаш повторно да се сретнеме, поврзани со пораката која ми беше доставена под еден бор во Северна Каролина во една ладна зимска ноќ, осветлена од месечината. Во неа пишуваше „Ништо не се случи,“ затоа не се грижи. Сѐ е како сон. Сѐ одвнатре е екстаза.

Ние тоа не го знаеме поради нашите умови кои размислуваат. Но, во нашата вистинска сјајна есенција на умот, познато е дека сѐ е добро, сега, секогаш и засекогаш. Затвори ги очите, остави твоите раце и нерви да се опуштат и во период од три секунди престани да дишеш, слушај ја тишината внатре во илузијата на светот и ќе се сетиш на лекцијата која си ја заборавила, која некогаш одамна, ни била предадена во бескрајните, млечни, нежни како облаци, бескрајни светови. Сето тоа е една голема пространа разбудена работа. Јас ја нарекувам златната вечност. Таа е совршена.“


vv1

Понатаму Керуак размислува за „илузијата на цврстото „јас“, како и животот и смртта на планините:

„Ние никогаш не бевме вистински родени, ние никогаш нема навистина да умреме. Тоа нема никаква врска со замислената идеа за личното „јас“, другите „јас“, многуте „јас“ насекаде на светот. „Себе“, „јас“, тоа е само идеја, идеја на смртниците. Она што минува низ сѐ е една работа. Тоа е сон којшто веќе завршил. Не постои причина за страв, ниту за радост.

Јас ова го знам гледајќи во планините. Тие никогаш не покажуваат никаков израз, тие се како празен простор. Дали мислиш дека празнината на просторот некогаш ќе исчезне? Планините можеби ќе се срушат, но празнината на просторот, која е една универзална есенција на ум, пространата будност, празна и будна, никогаш нема да исчезне, затоа што никогаш не била ни родена.“

Тој на крајот го завршува писмото со една од неговите песни во слободен стил:

„Светот којшто го гледаш е само филм во твојот ум.
Камењата не го гледаат.
Благослови и седни.
Прости и заборави.
Шири добрина секој  ден, на сите.
и ќе сфатиш дека ти
веќе си во рајот.
Тоа е приказната.
Тоа е пораката.
Никој не ја разбира,
никој не слуша, тие сите
трчаат наоколу како кокошки со отсечени глави.
Јас ќе се обидам да им го пренесам тоа, но
ќе биде залудно, затоа ќе
завршам во колиба
молејќи се и
бидувајќи „кул“, пеејќи
покрај мојата печка на дрва,
додека правам палачинки.“

Извор. 

Leave a comment