На денешен ден се родиле двајца генијалци: Џорџ Орвел и Петре М. Андреевски!

Денес на блогот издвојувам една многу интересна случајност, два книжевни генијалци, еден британски, еден македонски, се родени на ист ден!

Џорџ Орвел и Петре М. Андреевски се родени на ист ден 25 јуни.

Џорџ Орвел се родил како Ерик Артур Блер на 25 јуни 1903 година во Индија, која во тоа време била британска колонија, па неговиот татко работел таму.

Петре М. Андреевски се родил на 25 јуни 1934 година во Слоештица, во близина на Демир Хисар.

BeFunky-collage

И двајцата се генијалци на своите времиња. Џорџ Орвел и по толку години сѐ уште ја маѓепсува читателската публика со своите мрачни предвидувања за иднината во „1984“, но и нѐ засмејува и нѐ тера да размислуваме со своите дела како „Животинска фарма“, „Отфрлен и на дното во Париз и Лондон“, итн.

Од друга страна, Петре М. Андреевски е еден од најзначајните македонски писатели и за тоа нема никаков збор, ни приговор. Тој подеднакво нѐ маѓепсува и разоружива со своите романи како „Тунел“, „Пиреј“, „Небеска Тимјановна“, како и со својата прекрасна поезија, особено со збирката „Дениција“.

Во нивна чест, одвоив по неколку прекрасни мисли и стихови од двајцата!

„Можеби човекот не сакаше толку да биде сакан колку што сакаше да биде сфатен.“ – Џорџ Орвел

Да беше толку убав животот, не ќе започнуваше со плачење“. – Петре М. Андреевски

„Сѐ додека не станат свесни, тие никогаш нема да се побунат, а сѐ додека не се побунат, тие не можат да станат свесни.“ – Џорџ Орвел

„Сѐ треба од овдека да почне, од кај нас и од нас да почне“ – Петре М. Андреевски

„Секој документ е уништен или фалсификуван, секоја книга е преработена, секој споменик, секоја улица, секоја зграда е прекрстена, секој датум е променет. А тој процес продолжува секој ден, секоја минута. Историјата престана.“ –  Џорџ Орвел

„Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска! Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева!“ – Петре М. Андреевски

„Во време на измама, кажувањето на вистината е револуционерен чин.“ – Џорџ Орвел

„А колку би било поинаку, кога болката би ја чувствувал и оној што ја предизвикува.“ – Петре М. Андреевски

„Ќе се сретнеме на местото каде што не постои темнина“ – Џорџ Орвел

„Нам на селаните, среќата ни е променлива, а несреќата постојана.“ – Петре М. Андреевски

„Секоја генерација си замислува дека е попаметна од онаа која била пред неа и помудра од онаа која доаѓа после неа.“ – Џорџ Орвел

„Не знам кој направил, но беше било така направено: секој да си одбере една страна во животот. Всушност, таа страна друг ни ја одбира, но сите ја засакуваме како сопствен избор. И едни стојат на едната страна, а другите – на другата. И не знаеш кој стои на погрешната страна. А не знаеш, зашто сите мислат дека се на вистинската. И се гледаат така, сите од својата страна се гледаат. И се мразат и со омразата што ја имаат и кон себеси. Така и се презираат, така и си завидуваат или само се клеветат. А можеби се љубат?” – Петре М. Андреевски, „Тунел“

„Ако сакаш да чуваш тајна, мораш да ја криеш и од себеси.“ – Џорџ Орвел

„А мене срцето ми се полни со болки, со чемери. Ама срцето човечко било бунар; само се полни а не се преполнува.“ – Петре М. Андреевски

„Ако слободата воопшто нешто значи, тоа е правото да им го кажеш на луѓето она што тие не сакаат да го слушнат.“ – Џорџ Орвел

“Кога ја љубев Дениција,
како да калемев светлина на мракот,
како да топев снегови фатени во движење,
како да станував единствен сведок
за бакнежот меѓу металот и громот.” – Петре М. Андреевски

 

 

Leave a comment