Ѓаволот дојде во градот. Но, не се грижете, сѐ што сака тој е да направи шоу со магија. Оваа апсурдна премиса го сочинува централниот заплет во ремек-делото на Михаил Булгаков, „Мајсторот и Маргарита“. Напишан во Москва, за време на 30-тите години на 20 век, овој надреален спој на политичка сатира, историска фикција и окултен мистицизам, денес е познат како еден од најдобрите, но и најчудните романи на 20 век.

Приказната почнува кога средбата на двајца членови на московската книжевна елита е прекината со појавувањето на еден чуден господин кој се претставува себеси како Воланд, академик од странство, кој бил поканет да држи предавање за црна магија. Додека странецот навлегува во филозофска дебата со двајцата соговорници и прави злокобни предвидувања за нивните судбини, читателот одеднаш е пренесен во Ерусалим во 1 век. Читателот го гледа Понтиј Пилат кој неволно го осудува Исус Христос на смрт.
Додека наративот постојано се менува меѓу овие две времиња и околини, гледаме дека Воланд и неговата придружба: Азазело, Коровјев, Хела и една огромна мачка по име Бегемот, имаат неверојатни магични моќи кои ги користат за да ја постават својата изведба оставајќи траги од хаос и вчудоневиденост.
Голем дел од црниот хумор во романот потекнува не само од главниот ѓаволски неранимајко, туку и од околината во која се случува. Приказната на Булгаков се случува во истото време и место каде е напишана – СССР во најсилниот период на сталинизмот.

Таму, уметниците и писателите работеле под притисок на многу строга цензура и често биле подложени на затвор, прогонство или стрелање, доколку биле обвинети дека ја поткопуваат идеологијата на државата. Дури и кога ќе добиеле одобрување, нивната работа, заедно со домувањето, патувањето и сѐ останато – биле следени и контролирани од крута бирократија.
Во романот, Воланд го манипулира овој систем, заедно со материјалот од кој е направена реалноста. Додека гледаме глави отсечени од телата и пари како паѓаат од небо, граѓаните на Москва реагираат за својот ситен сопствен интерес, а со тоа Булгаков илустрира како советското општество создавало и поттикнувало алчност и цинизам и покрај идеали кои тврдело дека ги поседува. И оваа нарација намерно ја спојува чудноста на надприродните настани со секојдневната апсурдност на советскиот живот.
Можеби ќе се прашате: Како успеал Булгаков да објави толку субверзивен роман за време на опресивен режим? Па одговорот е: Не успеал баш. Тој го создавал романот околу 10 години.

Но, иако можеби поради личното заземање на Сталин тој бил заштитен од тежок прогон, голем дел од неговите драми и текстови биле отстранети и забранети да бидат продуцирани и поставени на сцена. Со тоа тој бил безбеден, но замолчен. По смртта на Булгаков во 1940 година, ракописот останал необјавен. Цензурирана верзија на романот била издадена во 60-тите години на 20 век, а изданија со оригиналната приказна и ракопис циркулирале во тајните книжевни кругови. Целосниот текст бил објавен дури во 1973 година, 30 години по неговото завршување.
Искуствата на Булгаков со цензурата и уметничката фрустрација даваат една автобиографска нишка во вториот дел на романот, кога конечно се запознаваме со ликовите од насловот на книгата. „Мајсторот“ е неименуван писател кој со години работел на еден роман кој на крајот го изгорел затоа што бил одбиен од издавачите, исто како што се случило со Булгаков и неговите дела.
Но, главната протагонистка тука е Маргарита, љубовницата на Мајсторот. Нејзината посветеност на напуштениот сон на нејзиниот љубовник има чудна поврзаност со ѓаволестите испади на екипата на Воланд и ја носи приказната до својата надреална кулминација.

И покрај својот црн хумор и комплексна структура, „Мајсторот и Маргарита“ во својата срж е размислување и дијалог за уметноста, љубовта и искупувањето, книга која никогаш не се губи и не тоне во цинизам.
Долгото време кое било потребно за да се објави книгата и нејзиното преживување и покрај сите тешкотии и неверојатности е само доказ за она што Воланд му го кажува на Мајсторот:
„Ракописите никогаш не горат“
Во продолжение погледнете го прекрасното видео на ТЕД-ЕД на англиски јазик:
