Што читаше Кафе и книги во јуни?

Летото дојде на голема врата, заедно со жештините. Сите знаеме дека ова лето е многу понеобично од останатите од милион различни причини. Но, една работа е постојана и не се менува, а тоа е читањето книги. Сега, повеќе од кога било, потребни ни се книги и читање, особено на овие жештини. Па така, ако не знаете што да читате и се двоумите, денес на блогот ви ги препорачувам овие книги кои ги прочитав изминатиот месец.

Боемите“ – Петре М. Андреевски

979_49_52_14__22__4_2020boemite

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Што и да се каже за Петре М. Андреевски е малку. Едноставно е магичен и величествен!

„Боемите“ е одлично четиво за да се расположите и да се оттргнете од секојдневните грижи, но и да уживате во секој напишан збор. „Боемите“ е постхумно објавена и недовршена збирка раскази од Петре М. Андреевски.

Секој расказ со себе носи прекрасна енергија, но и ни насликува слика од едно Скопје кое повеќе го нема. Освен тоа, згодите и незгодите во расказите се напишани со одличен суптилен хумор, а неколку пати се насмеав и на глас. Прекрасни раскази од сѐ срце ви го препорачувам ова четиво! Еден куп интересни анегдоти, низ кои често се проткајуваат интересни и многу убави поенти.

Покрај „Боемите“, во оваа книга се наоѓа и стихозбирката „Пофалби и поплаки“, прекрасни стихови во кои се наоѓаат некои од моите омилени песни од Петре М. Андреевски (како на пример „Сеќавање“, „Тркалезни форми“).

Уживав во секој ред, секој стих… Петре е магичен! Треба да ја имате оваа книга во вашата домашна библиотека!

Куклата на Кокошка“ – Афонсо Круж

854_37_40_13__21__5_2018kokoshka

Издавачка куќа: „Полица“
Оцена: 5/5
Осврт: Афонсо Круж е искучително шармантен писател со извонредна смисла за хумор и одлично дозиран сарказам и иронија. Секогаш уживам кога ги читам неговите дела, а и оваа книга не беше исклучок.

Она што е многу интересно кај него е што успева тешки теми да ги пренесе со приказни кои имаат многу човечност, емоции и хумор во нив, а и самото раскажување му е толку „меко како памук“, а сепак има голема тежина од друга страна.

Приказната започнува со Исак, Евреј кој гледа како неговиот пријател го убиваат пред него. Тој успева да преживее криејќи се под штиците на една продавница за птици. Како што се расплетува приказната, дознаваме за уште неколку други приказни и се запознаваме со различни ликови, но сѐ е некако меѓусебно поврзано на одреден начин. Секако, тука е и необичната кукла на уметникот Кокошка, приказна која самата по себе е една неверојатна метафора.

Она што секогаш ме маѓепсува кај Круж е тоа што на моменти она што ви го раскажува може да делува неверојатно апсурдно и смешно, но на крајот секогаш останувате замислени и сте душевно побогати откако ќе прочитате негова книга. Прекрасна книга, ви препорачувам да ја прочитате!

На една свадба“ – Џули Џејмс

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт: Одлична романтична и шармантна книга! Кога почнав да ја читам мислев дека ќе биде само обична „лимонада“, но книгава навистина позитивно ме изненади.

И покрај тоа што приказната е релативно типична за романтичните и љубовни романи, сепак поседува многу шарм и хумор и е навистина убаво напишана, а ликовите имаат длабочина.

Приказната се врти околу Синди Синклер, која по раскинување на веридбата е многу изгорена и нема доверба во мажите, особено не во „фраери“ и „женкари“. Но, тогаш дознава дека нејзината сестра ќе се мажи, а братот на зетот, кој истовремено е и кум е токму онаков каков што таа не сака. Вон работи во ФБИ и генерално делува како да има несериозен пристап кон жените. Тие двајца се како куче и маче, но имаат и експлозивна хемија.

Стилот на пишување е лесен, се чита за едно попладне, но сепак развивањето на приказната е многу интересно, со досетливост и хумор, а и кога ќе ја завршите ќе имате убаво и позитивно чувство. Навистина ја препорачувам, особено сега на летниве жештини кога мора да го избегнуваме попладневното сонце и жештини.

„Кога Ниче плачеше“ – Ирвин Јалом

841_59_6_14__17__4_2012koga-nice-placese

Издавачка куќа: ТРИ:
Оцена: 4/5
Осврт: Ирвин Јалом е неверојатен во градењето дијалози и навлегувањето во човековата психа. Овој психолошки и филозофски роман ќе ве вовлече длабоко во тајните на душата и ќе ве натера да размислите за сопствената душа и болки.

Јалом спојува два многу интересни историски ликови: Јозеф Бројер, кој се смета за татко на психоанализата и Фридрих Ниче, еден од најпознатите филозофи на сите времиња. Бројер има своја ординација во Виена и е многу почитуван доктор, кого го мачат сопствени демони и несигурности.

Кога една таинствена жена ќе го замоли да му помогне на Ниче и да го спаси од неговиот очај, тој најпрво се смее на таа идеја, особено што Ниче не сака да се подложи на терапија. Но, има нешто што го тера да продолжи и да не се откажува. На крај прават договор: Бројер ќе ги лекува неговите физички симптоми, додека Ниче ќе му помага на Бројер да се спаси од сопствениот очај.

Секако, Бројер тоа го смета само за покритие додека тој се труди да му помогне на Ниче со своите методи. Но, ќе излезе дека и двајцата имаат што да си понудат еден на друг. Фројд исто така се појавува во романот и иако има споредна улога во книгата, мене многу ми се допадна начинот на кој е портретиран како лик.

На моменти недостига малку живост и енергија, но се работи за одлична книга. Потребна е концентрација и трпение, бидејќи целиот однос се развива многу бавно, но истовремено книгата изобилува со одлични дијалози и теми за дискусија кои верувам дека ќе ве замислат и вас. Препорачувам!

Прием во градината“ – Кетрин Менсфилд

36_33_43_0__3__4_2017korica-priem-3

Издавачка куќа: ПНВ Публикации
Оцена: 3/5
Осврт:  Кетрин Менсфилд е една од најдобрите писателки на кратки раскази. Нејзините описи, начинот на кој успева да каже толку многу во толку краток формат е едноставно фасцинантен.

Таа има подобри изданија и раскази од оние кои се наоѓаат во оваа конкретна збирка, но доколку немате што да читате, а сакате нешто кусо и убаво, сепак ви ја препорачувам оваа книга.

Уживав во нејзините описи и развој на приказните и одлично ми дојде во едно јунско здодевно попладне. Верувам дека после оваа збирка ќе сакате да пронајдете уште дела од неа, доколку не сте ја читале претходно. Доколку сте читале нејзини раскази и претходно, тогаш оваа кратка збирка ќе ве потсети зошто е толку талентирана и почитувана, иако можеби и не е најдоброто од неа.

Leave a comment