Седум научни факти во одбрана на печатените книги!

И покрај сите очекувања, печатените книги во последниве години доживуваат целосно препородување и враќање назад на голема врата. Секоја година се зголемува бројот на продадени печатени книги во споредба со електронските книги. Според науката и научниците, ова се случува со многу добра причина – тие се подобри за нашиот мозок и здравје. Во продолжение прочитајте неколку причини зошто е тоа така:

Rural summer still life in the park among trees.

Впивате повеќе информации

Оние кои читаат печатени книги впиваат и запомнуваат нешто повеќе информации од заплетот на книгата, за разлика од читателите на електронски книги, барем така вели едно истражување кое било презентирано во Италија во 2014 година.

Во едно постаро истражување, се вели дека печатените книги исто така имале повисоки оценки во други области, како создавање и поттикнување емпатија, внесувањето во книгата и сфаќањето на концептот и наративот. Научниците велат дека овој ефект е поврзан со чувството кое се создава кога човек физички ја држи книгата во раце.

Со други зборови, гледајќи и чувствувајќи колкав прогрес направиле со приказната, преку обележување на страниците, читателите може да бидат поттикнати да имаат чувство дека тие ја самите ја отплеткуваат приказната – и во буквална и во метафоричка смисла. Дополнително, со печатените книги е полесно да се навратите назад и да си потврдите некоја информација околу која не сте биле сигурни, без да го изгубите темпото и да кликата и да скролате по вашата електронска направа.

image

Им помагаат на децата да станат подобри читатели

Едно истражување во кое биле вклучени деца на возраст од три до пет години, открило дека децата помалку ја разбираат приказната кога нивните родители им читаат приказна од електронска книга во споредба со кога им читаат од печатена книга. Истражувачите теоретизираат дека ова се случува затоа што електронската направа им го одвлекува вниманието и прави да им биде потешко да се фокусираат на самата приказна. Во едно друго истражување, учениците кои читале кратка приказна на електронска направа за читање биле помалку внесени и им било потешко да се сетат на точниот ред на настаните во книгата.

Подобри се за очите

Имајќи предвид дека поголемиот дел од работите и работните места се поврзани со тоа да гледаме во компјутер секој ден, мудро е да ги одмориме очите секогаш кога имаме можност за тоа. Едно истражување направено на 429 студенти открило дека речиси половина се жалеле на проблеми со гледање и болки во очите по читање електронски книги. Електронските книги можат да предизвикаат т.н „умор од екран“ што може да води кон замаглен вид, црвенило и сувост во очите, како и иритација. Со печатените книги, не мора да се грижите за ништо од ова.

notebook-pen-coffee-glass

Помали се шансите да ви биде одвлечено вниманието

Ова може и да не ве изненади, но луѓето кои читаат електронски книги почесто се соочуваат со различни типови на одлекување внимание, но не само затоа што интернетот и социјалните мрежи им се на дофат на прстите. Оние кои читаат дигитално многу почесто „скенираат“ и „бараат“ клучни зборови, отколку што навистина го процесираат она што го читаат. А со печатените книги, нема шанси да ви биде одвлечено вниманието од линкови, социјални мрежи или пребарувања за некој збор што сакате да го дознаете.

Според едно истражување, 67 проценти од студентите на факултет правеле и други работи додека читале електронска книга, наспроти 41 процент од оние кои читале печатени книги. Ако вашата цел е целосно да се внесете и да го разберете текстот пред вас, ова и не е баш најдобрата идеја.

Тие можат да ви помогнат да спиете подобро

Кога навечер се опуштате и полека почнувате да се подготвувате за спиење, читањето од екран или „скролањето“ по социјални медиуми се навистина лоши идеи. Еден куп истражувања дојдоа до истиот заклучок дека светлото од екранот може да се поигрува со нивото на мелатонин (хормон кој го регулира спиењето) и да придонесе да ви биде потешко да заспиете и да се чувствувате преуморно кога се будите. Во принцип, мозочната активност и внесувањето во приказната, работи кои се случуваат додека читаме, можат да ви помогнат доколку имате тешкотии со заспивање. Затоа, ако барате начин за полесно заспивање, држете се до печатените книги.

is-reading-before-bed-a-good-idea

Имањето домашна библиотека е поврзано со повисоки академски постигнувања

Учениците кои поседуваат книги и имаат домашна библиотека, имаат поголеми шанси да имаат подобри резултати на тестовите во училиште, барем така тврди едно истражување на читатели од 42 земји. Не е важно колку книги имате, но секоја дополнителна книга им помага на децата да имаат подобри резултати во училиште. Истражувачите веруваат дека имањето книги дома ги поттикнува децата да читаат за забава и разонода и потоа да зборуваат со своите родители за тоа што прочитале и научиле, а тоа сигурно ќе им помогне во училницата.

Дополнително го зголемуваат задоволството и желбата за читање

Едно неодамнешно истражување на студенти во САД, Словачка, Јапонија и Гермаија, покажало дека 92% од испитаниците претпочитале печатени книги кои можат да ги држат во рака и да ги допрат и да ги разлистуваат секогаш кога ќе посакаат да го направат тоа.

На прашањето зошто претпочитаат печатени книги, како дел од причините, студентите навеле дека имаат помалку извори на одвлекување на вниманието и помалку пристисок и болка во очите, но дополнителните причини биле поврзани со чувствата кои им ги побудуваат печатените книги.

Словачките студенти, на пример, рекле дека уживаат во мирисот на нигите. Научниците кои го истражувале хемискиот состав на стари книги, откриле дека страниците содржат малку мирис на ванила (од лигнин, состојка која има сличен мирис на ванилата, а се наоѓа во хартијата), како и мирис кој потсетува на трева.

Во оваа насока, мирисањето на стара книга е малку како задоволството кое човек го има од мирисање парфем или цвеќиња. Истражувањата исто така покажале дека печатените книги можат да нѐ направат посреќни, да нѐ инспирираат да патуваме и да нѐ поттикнат да носиме одлуки кои ќе ни го променат животот.

Затоа, не се грижете ако поминувате повеќе време од воообичаеното во книжарниците: Науката вели дека тоа е добро за вас!

Извор.

Leave a comment