Во 1849 година, речиси две декади пред издавањето на „Малите жени“, младата тинејџерка Луиза Меј Алкот ја напишала „Дневникот на тетка Нели“, незавршена приказна која ја открил Ендру Гули, уредник во списанието „Стренд“. Тој на почетокот на годината ја нашол приказната закопана во архивите на библиотеката на универзитетот Харвард. Списанието „Стренд“ ја објави на своите страница, а доколку сакате, можете да го купите електронското списание на следниот линк.

Оваа приказна од 9000 зборови се развива преку серија од записи во еден дневник, кој ѝ припаѓа на тетка Нели, немажена 40-годишна жена која гледа како Ени Елертон, нејзината внука, која е сираче, се натпреварува со нејзината другарка Изабел Лавинг, за симпатиите на Едвард Клифорд, младо момче со топло срце. Срамежливата природа на Ени е во целосна спротивност на живата остроумност на Изабел и нејзините „фини, весели манири“, а според Нели, тие можеби „кријат ладно, нечувствително срце.“
Проникливите забелешки на главниот лик, кои се однесуваат на човековата природа се уште поимпресивни кога ќе сфатите колку била млада Алкот кога ги напишала. Еден пример за тоа е: „Колку често сме измамени од веселата и светла надворешност и не ни сонуваме за темнината која се наоѓа внатре“.
Ендру Гили изјавил: „Кога од познатиот истражувач на животот и делото на Алкот, Ден Шали открив дека Алкот имала 17 години кога го напишала ова, јас бев многу изненаден. А ете пред вас имате некој кој успеал да ја сфати психологијата на некој кој бил многу постар од неа. Таа создаде лик кој бил толку независен и толку пред своето време.“
Ако ја имате читано Алкот или го имате гледано филмот „Малите жени“, овој опис можеби ќе ве потсети на еден друг, многу попознат лик на Алкот и тоа воопшто не е случајност. Гули мисли дека тетка Нели дефинитивно во многу сегменти ја одразува Џо Марч.
За жал, никогаш нема да дознаеме како таа планирала да ја заврши приказната, бидејќи прекинува на пола реченица, со неколку аспекти кои не се завршени. Списанието „Стренд“ планира да ги поттикне читателите да испратат текстови со нивна замисла за тоа како би завршила приказната, иако сѐ уште нема многу детали околу тоа.
