Говорот на Фокнер на денот кога ќерка му матурирала: Не се плашете!

На почетокот на 50-тите години на 20 век, еуфоријата помеѓу Американците која настанала по победата во Втората светска војна ѝ го отстапила местото на чувство и атмосфера на страв и сивило. Сите политички настани во тој период, особено со почетокот на Студената војна со СССР, придонеле кон чувство на несигурност и неизвесност за иднината особено кај младите.

img

Токму во ваква клима, во 1951 година, Вилијам Фокнер добил молба од својата ќерка да дојде и да одржи говор во нејзиното средно училиште во Мисисипи по повод церемонијата на доделување на дипломите и завршувањето на средно училиште на нејзината генерација. Во тоа време, Фокнер бил на врвот на својата слава. Само неколку месеци претходно, во ноември 1950 година, тој отпатувал во Шведска за да ја прими Нобеловата награда за книжевност. Во неговиот говор во Стокхолм (кој можете да го прочитате тука), тој рекол дека една од најлошите работи е човек да се плаши:

„Трагедија на нашето време е генералниот и универзален физички страв кој толку долго сме го трпеле, што веќе и едвај го поднесуваме. Не постојат веќе проблемите на духот. Постои само прашањето: „Кога ќе бидам кренат во воздух?“

Фокнер се надоврзал и ја проширил оваа тема за време на говорот пред генерацијата на неговата ќерка, кој се случил на 28 мај 1951 година на кампусот на Универзитетот во Мисисипи.

20120331_bkp507

Овој настан бил нешто како домашна победа на Фокнер кој се има отпишано од средно училиште и никогаш не се стекнал со диплома. Видеото, кое може да го погледнете на крајот од оваа објава, е од еден краток документарец кој бил објавен во 1952 година, кој едноставно бил наречен „Вилијам Фокнер“. Два пасуси од говорот се скратени во видеото, но во текстот подолу можете да го прочитате целосниот текст. Фокнер почнува со цитирање на еден извадок од „Премисите“ на Хенри Естен: „Ах, кога младоста би знаела, а кога староста би можела.“ Во продолжение прочитајте го македонскиот превод на говорот:

„Пред многу, многу години, многу пред да се родите вие, еден мудар Французин рекол: „Ах, кога младоста би знаела, а кога староста би можела.“ Сите знаеме на што мислел тој: дека кога си млад, имаш моќ да направиш сѐ, но не знаеш што да правиш. А потоа, кога веќе ќе остариш и кога набљудувањето и искуството ти дале некои одговори, ти си уморен, исплашен, не ти е гајле, сакаш да бидеш оставен на мир, сѐ додека ти самиот си безбеден. Повеќе го немаш капацитетот или волјата да жалиш за неправди, освен за своите.

Па така, вие, млади мажи и жени, кои седите вечерва во оваа соба и во илјадници други соби како оваа на планетава Земја, имате моќ да го промените светот, засекогаш да се ослободите од војни и неправди и страдања, доколку знаете како и доколку знаете што да правите. И според стариот Французин, бидејќи не можете да знаете што да правите затоа што сте млади, тогаш секој кој стои тука со глава полна со бели влакна би требало да биде способен да ви каже.

faulkner_header_reversed_5-2

Но, можеби овој што го гледате не е толку стар и мудар како што неговите бели влакна се преправаат дека е. Бидејќи тој не може да ви даде едноставни одговори, ниту пак шаблони. Но, тој може да ви го каже ова, затоа што тој верува во тоа. Најголемата закана денес е стравот. Не од атомската бомба, дури ни стравот од неа, затоа што ако бомбата падне тука вечерва, сѐ што ќе направи е – ќе нѐ убие, што реално е ништо, бидејќи со тоа што ќе го направи тоа, ќе ја изгуби единствена моќ која ја има над нас, а тоа е стравот од неа, плашењето од неа.

Опасноста не лежи во тоа. Нашата опасност лежи во силите во светот кои постојат денес, кои се трудат да го искористат стравот на човекот за да му ја одземат неговата индивидуалност, неговата душа, обидувајќи се преку страв и подмитување да го сведат на дел од топла која не размислува, давајќи му бесплатна храна која не ја заработил, лесни и безвредни пари за кои не работел.

Економиите и политичките системи, комунистички или социјалистички или демократски, како и да сакаат да се наречат, тираните и политичарите, американски, европски или азиски, како и да сакаат да се нарекуваат себеси, би го свеле човекот на една послушна топла за сопствено возвишување и моќ или затоа што и тие самите се збунети и исплашени, исплашени или неспособни да веруваат во капацитетот на човекот за храброст, издржливост и жртвување.

1583784898960

Ова е она што мораме да отфрлиме, ако сакаме да го смениме светот за мирот и безбедноста на човекот. Луѓето во толпата не се луѓето кои можат и кои ќе го спасат човекот. Тоа е самиот поединец, создаден според ликот на Бог за да има моќ да избира помеѓу добро и лошо и да биде способен да се спаси себеси, затоа што тој вреди да биде спасен.

Тоа е човекот, поединецот, мажи и жени, кои секогаш ќе одбиваат да бидат исплашени или подмитени за да ги предадат, не само правата, туку и обврските, да бираат помеѓу правда и неправда, храброст и кукавичлук, жртвување и алчност, сожалување и свесност – кои секогаш ќе веруваат не само во правото на човек да биде слободен од неправда, измама и алчност, туку ќе веруваат и во должноста и одговорноста на човекот да се увери дека правдата, вистината и сочувството се спроведени на дело.

Затоа, никогаш немојте да се плашите. Никогаш не се плашете да го кренете својот глас за искреност, вистина и сочувство и истовремено против неправда, лажење и алчност. Ако вие, не само вие кои вечерва седите заедно во оваа соба, туку сите илјадници млади луѓе кои денес, утре или следната недела седат или ќе седат во други соби како оваа, го направите ова, не како генерација или генерации, туку како поединци, мажи и жени, вие ќе го промените светот.

EFSw-wrXkAA43qB

Во една генерација, сите Наполеоновци, Хитлеровци, Цезарци, Мусолиновци, Сталиновци и сите други тирани кои сакаат моќ и возвишување, како и обичните политичари и останати неработници, кои самите се збунети, игнорантни или исплашени, кои го користеле, користат или се надеваат дека ќе користат човековиот страв за заробување на човекот, ќе исчезнат од лицето на планетата Земја.“

Кога завршил со говорот, Фокнер му го дал својот примерок на уредникот во локалниот весник. Наводно, на забавата по церемонијата, тој рекол: „Знаете, никогаш не знаев колку убава може да биде оваа церемонија. Ова е првата на која сум имал можност да присуствувам.“

Подолу погледнете го видеото од говорот (Од 11:17 минута):

Извор.

Leave a comment