Откако за влакно избегнал смртна казна, Достоевски го напишал ова прекрасно писмо…

Фјодор Достоевски несомнено е еден од највлијателните писатели на сите времиња. Но, неговиот живот бил тежок и полн со многу неверојатности. Една од нив било избегнувањето на смртна казна и минувањето на неколку години од животот во работен камп во Сибир.

На веб-страницата „Brain Pickings” го пронајдов ова многу интересно писмо кое тој му го пратил на својот брат, па подолу имате можности да прочитате извадоци писмото во кое тој пишува за љубовта кон животот и неговата состојба на ум. Во продолжение прочитајте го текстот, кој е делумно преземен од веб-страницата, со дополнителни мисли и објаснувања.

1vcblrikizr3gnc4utxydba
(Извор на сликата)

„Планирам да работам неверојатно многу“.  Младиот Достоевски ова го напишал додека размислувал за неговата книжевна иднина, молејќи ја неговата сиромашна мајка да му купува книги. На 27 години тој бил уапсен затоа што припаѓал на едно книжевно друштво кое ширело и пренесувало книги кои во тоа време царскиот режим ги прогласил за опасни и заради тоа добил смртна казна.

На 22 декември 1849 година, тој бил однесен на јавен плоштад во Санкт Петерсбург, заедно со уште неколку затвореници, каде што требало да бидат стрелани како предупредување за народот. Им ги прочитале смртните казни, ги облекле во рувото за егзекуција (бели кошули) и им дозволиле да го бакнат крстот. Ритуалистички мечеви биле скршени од нивните глави. Едновремено по тројца луѓе биле свртени со грб кон столбовите каде требале да ги егзекутираат. Достоевски, кој бил шести по ред, станувал силно свесен дека му остануваат само уште неколку моменти живот.

И потоа, во последен момент, било прочитано помпезно соопштение во кое било наведено дека царот им ги поштедува животите. Целиот спектакл бил оркестриран како еден вид сурова претстава за јавност, за да го прикаже деспотот како владетел со добро срце. А потоа им ја прочитале вистинската казна: Достоевски бил осуден на 4 години во работен камп во Сибир и дополнителни неколку години задолжителна воена служба во воените служби на царот, во прогонство.

brucefiringsquad
(Илустрација на Ралф Брус: Стрелачки вод и спас за Достоевски во последен миг)
Извор: Illustration Art Gallery

После сѐ, тој имал речиси 40 години додека да добие можност сериозно да го фати перото во рака и да продолжи да ги следи своите книжевни амбиции. Но, тогаш, во тие сирови моменти кои следеле по избегнувањето на смртта за влакно, тој чувствувал големо олесување, здобивајќи се со нова љубов и почит кон животот.

Ова можете да го забележите и во „Идиот“, која е една од моите омилени книги.  Тука според мене најмногу се забележува влијанието на ова искуство врз него. Токму таму има дел кога кнезот Мишкин зборува за ценењето на животот и дека кога сме соочени со сериозна животна опасност, си велиме дека ќе го смениме целиот живот само да ја имаме можноста да се извлечеме и да преживееме, а впрочем лесно можете да забележите дека таа тема често се провејува низ книгата.

fyodor-dostoevsky-prints
(Извор на сликата: Мелинда Хагман, society6)

Освен во своето дело „Идиот“, тој својата новостекната љубов кон животот ја преточил и во писмо кон својот брат Михаил, напишано неколку часови по исценираната егзекуција. Во него, Достоевски пишува:

„Брате! Јас не сум обесхрабрен и го немам загубено срцето. Животот е насекаде, животот е во нас самите, а не надвор од нас. Покрај мене ќе има луѓе, а да се биде човечко суштество помеѓу луѓе и засекогаш да се остане таков, и без оглед на околностите да не станеш обесхрабрен и да не го загубиш срцето – тоа е смислата на животот, тоа е неговата задача. Јас го сфатив тоа.

Идејата влезе во моето месо и крв…  Главата која создаваше, која го живееше возвишениот уметнички живот, која препознаваше и се навикна на повисоките побарувања на духот, таа глава веќе е отсечена од моите рамена. Но, во мене останува срце и истото место и крв, кои исто така љубат, страдаат, сожалуваат и помнат. И тоа исто така е живот!“

5cb9c31715e9f9177e019953
(Извор на сликата:Russia Beyond, National Gallery of Norway)

И покрај неговата возбуда и среќа, движечката сила на неговото битие – неговиот идентитет како писател, го фрлило во длабок очај: „Дали е возможно никогаш повторно да не фатам перо во рака?“, се запрашува тој во мрачно исчекување на неговите 4 години во работниот камп.

Тој вели: „Ако не сум во можност да пишувам, јас ќе згаснам. Подобро да бидам 15 години заробен, но барем да имам перо во рака!“, Но, тој набргу се враќа на својата електрична благодарност за самиот факт што е жив и го убедува брат му дека не треба да тагува за него и продолжува:

„Јас го немам загубено срцето, не заборавај дека надежта ме нема напуштено… Покрај сѐ, јас денес бев на прагот на смртта, живеев со тоа спознание три четвртини од еден час, се соочив со последниот момент, а сега повторно сум жив!“

russian-writer-fyodor-mikhailovich-dostoevsky-in-kuznetsk
(Извор на сликата:

Продолжувајќи со своето прекрасно писание за основниот факт дека кога сета прашина на нашата самоправедност ќе стивне, она што останува меѓу добрите луѓе е само љубовта, тој го пишува следното:

„Ако некој ме помни по лошо, ако сум се карал со некого, ако сум оставил лош впечаток кај некого – кажи им да заборават на тоа ако успееш да ги сретнеш. Не постои огроченост или злонамерност во мојата душа, јас во овој момент би сакал да сакам и прегрнам барем некој од минатото.

Кога ќе погледнам назад во минатото и кога ќе помислам колку време било залудно потрошено, колкав дел од него е изгубено во заблуди, грешки, безидејност, во неспособност да се живее; ох, како не успеав да го ценам, колкупати направив грев кон моето срце и дух, а потоа моето срце се грчеше во болка. Животот е подарок, животот е среќа, секој момент можел да биде вечност полна со среќа. Ах, кога младите би знаеле…“

ccdd074bc47f26b50a7b69a86ef12d1a
(Извор на сликата: Елцин Јасинов, Dribbble)

Некаде при крајот, тој додава:

„Сега, менувајќи го својот живот, јас сум регенериран во нова форма. Брате! Ти се колнам дека нема да изгубам надеж и дека ќе го зачувам моето срце и дух во чистота. Ќе бидам прероден и тоа на подобро. Тоа е целата моја надеж, моја целосна утеха. Животот во затворот веќе доволно ме уби во однос на потребите на месото кои не беа целосно чисти; пред тоа јас по малку се грижев за себеси. Сега, лишувањата повеќе воопшто не ме допираат, па затоа не се плаши дека материјалните тешкотии ќе ме убијат.“

И за крај, би сакала да ги споделам со вас овие две кратки мисли од „Идиот“, како доказ колку длабоко ова искуство влијаело на Достоевски и неговата восхит и љубов кон животот:

„Дали знаете дека не знам како човек може да помине покрај дрво и да не биде среќен од самото гледање на дрвото. Како може човек да зборува со друг човек и да не биде среќен во неговата љубов кон него! Ах, само што јас не знам како да го изразам тоа… И колку убави работи има на секој чекор, што дури и најбезнадежниот човек сигурно чувствува дека се убави! Погледнете во некое дете! Погледнете во изгрејсонцето на Бог! Погледнете ја тревата, видете како расте! Погледнете ги очите кои ве гледаат и ве сакаат!“

„Ако тој е жив, тој има сѐ во своја моќ! Чија вина е ако тој не го сфаќа тоа?“

 

 

 

 

Leave a comment