„Џејн Ер“ на Шарлот Бронте е една од најпознатите и најсаканите книги на сите времиња. Направени се еден куп екранизации, модерни и старовремени верзии на оваа приказна која и после толку векови сѐ уште маѓепсува и нѐ тера да размислуваме за пораките и за самиот текст. Денес на блогот имате можност да прочитате една одлична анализа која неодамна беше објавена на страницата на „Економист“.

Една од најголемите убавини на читањето е среќавањето на ситуација која е позната во поглед на чувството, но непозната во контекстот. Тоа е нешто слично како кога ќе стигне читателот до деветтото поглавје на „Џејн Ер“, во кое нараторот, неухрането сираче во морничаво викторијанско добротворно училиште, опишува како животот е превртен наопаку за време на епидемија на тифус.
Ослободена од училницата, таа е оставена сама на себе и на природата околу себе, многу слично на она што им се случува на милиони луѓе во 2020 со пандемијата на КОВИД-19. Училиштето е сместено во величествена селска природа, а сето ова се случува во мај: „И сето ова го уживав често и целосно, слободна, ненадгледувана и речиси целосно сама.“
Сите протагонисти на Шарлот Бронте се осамени до одреден степен и нејзината навика директно да му се обраќа на читателот уште повеќе го зголемува тоа чувство: се добива впечаток дека нејзините ликови немаат никој друг кому би му се обратиле и довериле. Но, додека во „Вилет“, уште еден одличен роман за еден „аутсајдер“, самотијата претежно е извор на мизерија, во „Џејн Ер“ (првпат објавена во 1847 година) самотијата е позитивна состојба, а во најмала рака, барем е продуктивна состојба.

Самотијата е таа која го гради и обликува карактерот на Џејн. Малтретирана од нејзината тетка – старател, изолирана од нејзините ужасни братучеди и без ниту еден пријател сѐ додека на 10 години не ја пратат во училиште, таа се врти кон своето внатрешно јас за насоки и упатства. Иако таа често зборува со речникот на Библијата, нејзиното чувство за морална цел, кое го движи дејството, е целосно нејзино и често е исклучиво поврзано со нејзината осаменост.
Во клучните моменти таа е сосема сама. Во моментите кога таа станува учителка и го напушта училиштето за да работи како гувернанта на ќерката на Едвард Рочестер, богат земјопоседник, таа е „прилично сама во светот“, иако „шармот на авантурата го ублажува тоа чувство“ и „сјајот на гордоста го затоплува“.
Подоцна, кога сфаќа дека мора да го напушти Рочестер, човекот во кој е вљубена, затоа што е веќе женет, таа прави изолацијата, дури и онаа од најлошиот вид, да звучи оживувачки: „Јас се грижам за себеси. Колку повеќе сум осамена, без пријатели и непостојана, толку повеќе ќе се почитувам себеси.“

Секако, во текот на развојот на приказната, Џејн има интензивни врски со другите: прво со Хелен Брнс, болежливата другарка од училиштето која умира на нејзините раце и подоцна со Рочестер, со кого има неверојатно исполирани и духовити дискусии.
Прикажувањето на нивната врска, особено нивното повторно соединување, е неверојатно емотивно и трогателно. Но, токму како осамена личност во опасен свет, хероината на Бронте на своите читатели им ги нуди своите најважни лекции, а токму тие периоди означуваат некои од најубавите делови на книгата.

Иако посакува да избега од неа, самотијата ѝ дава можност да набљудува. Таа има навика да се отстранува и отуѓува себеси од другите, а тоа прави да биде слободна за да ги набљудува и анализира. Кога Рочестер ги забавува своите богати пријатели и ја поканува да им се придружи, таа седи наполу сокриена од завеса, за да „може да гледа без да биде гледана“.
Нејзината самотија исто така придонесува за одличните пасуси во кои има одлични интроспективни анализи, како и описи на самотничките прошетки. Нејзините највпечатливи заклучоци и размислувања не му ги дава на Рочестер, туку на читателот. Џејн Ер, како и многу луѓе, е најдобра кога е сама.
