Мирослав Крлежа бил еден од највлијателните југословенски интелектуалци. Тој е хрватски писател кој со својата проникливост и интересен начин на опишување, многу лесно и интересно опишува општествени појави. Во еден извадок од својот роман „На работ на паметта“, насловен како „За човечката глупост“ тој дава одлично и остроумно излагање на она што тој го смета за човечка глупост.
На моменти длабоко и филозофски, на моменти духовито и шеговито, тој ја анализира човечката глупост која може да се појави во различни форми и текстот е толку добар, што ве уверувам дека ќе добиете чувство дека голем дел од споредбите и описите се напишани вчера. Со оглед на тоа дека се работи за подолг текст, решив да го поделам во два дела и да го објавам во период од два дена. Во продолжение уживајте во овој текст исто онолку колку што и јас уживав додека го преведував.

Навечер, во интимен, полугласен разговор со самиот себеси, никако не можам всушност логички да го оправдам тоа што во последно време толку се вознемирувам заради глупостите на луѓето. Кога туѓата глупавост би била незгодна како нашата сопствена забоболка, тоа некако и би можело да се објасни: расипаните заби го расипуваат расположението, од забоболка не може да се спие. Но, вака? Како „вака“? Па вака: сѐ во животот е подредено на подлабоки закони на природата што науката во последно време ги нарекува „природни закони“: зошто, на пример, лебот намачкан со путер секогаш паѓа на онаа страна која е намачкана со путерот, а никогаш обратно? Случајно? Не! Закон.
Универзален закон. Или: Зошто чадот од локомотивата е секогаш навален на онаа страна од која човекот го набљудува пејсажот од воз кој јури? Ова се, видете, неодговорени прашања, затоа што овие проблеми се сосема нејасни, дури, би можело да се каже, необјасниви, а човечкиот ум е тажно беспомошен, но ако некој се вознемирува од човечката глупост, тоа значи дека и самиот тој не е баш претерано надарен со разум.
Не треба да се биде дел од суровите, полуписмени „мислители“ кои „мислат“ дека поимот дожд е поматеријален од поимот Бог, па кога многу важно, дури – може да се каже – патетично изјавуваат дека дождот е едноставно дожд, односно дека дождот не е ништо друго освен тоа што е, односно „дожд“, односно дека дождот е „природна појава“ и дека не е никаков божји дожд, а потоа од тоа слободоумно кокодакање не може да се каже ниту еден мудар збор, како со тоа префрлување на дождот во графата „природни појави“ да е решено и последното отворено прашање на човечкото размислување од првиот дожд до денес.

Па повелете вие, на ваков еден „слободен мислител“ да му кажете дека поимот детеологизиран дожд не ви е баш сосема јасен и дека вие лично баш и не верувате дека небесните водоводни направи се од божествено потекло, но дека шетањето по дожд во секој случај ви е помило од залудно надмудрување, тој господин Инквизитор ќе ве заколе во името на „слободната мисла“, исто како што ве колел вчера во име на кој било друг императив: ако сте се сомневале во тоа дека дождот е Божји, тоа било смртоносно исто како што денес е смртоносно да се сомневаш дека поимот „дожд“ не е објаснет со тоа што сме го сместиле во категоријата „природни појави“, итн. – ни самиот не знам што всушност сакав да кажам?
И ова сега што го мудрувам јас, занесен во овој свој солилоквиум, не е богзнае колку интелигентно, но кога веќе дозволив да се понесам од човечката глупост и кога и самиот по природа сум бил толку глупав што не сум успеал тоа да го спречам, сега ми е залудно да се жалам на глупоста на универзумот! Одгатнувањето на човечката глупост не е толку едноставна задача!
Без разлика дали човечката глупост е божјо дело или не, таа не се губи во своето дејствување. Од една до друга човечка глупост, патувањето често трае со векови: како светлината на згасната ѕвезда, глупоста никогаш не пропуштила да допатува до крајот на своето одредиште. Мисијата на глупоста е, веројатно, космичка, во повисока, дождлива, нетеологизирана смисла на зборот: глупоста е небесна сила која делува како тежина или како светлост, како вода и, воопшто, како космички елемент.
Глупоста е заљубена во себеси и нејзиното самољубие е безгранично. Глупоста е обвиткана со достоинство и струки, титули и чинови, глупоста носи златни лордмајорски ланци и ѕвечка со билки и кандила, глупоста носи цилиндар на својата големоучена глава, а таа цилиндрична глупост е елемент што го проучував прилично внимателно, затоа што помеѓу тие цилиндри ја имав честа и среќата да живеам еден мал, незначителен живот на скромно граѓанско лице, толку скромно што исчезна скоро до невидливост.

Нашиот домашен, автохтон, таканаречен, народен расен „хомо цилиндриакус“, кој по правило секогаш стои на чело на една таканаречена „културна (цилиндрашка) установа“, вака размислува за себе во сјајот на своето граѓанско достоинство:
„Во име на седум илјади доктори на нашите цилиндрашки науки, јас стојам на чело на тие исти наши науки како нејзин најучен претставник, најдостоен за сечија почит! Секој мој збор до ден денешен бил на свое место и во моите големоучени расправи што ги печатеше нашата цилиндрашка академија нема ниту една единствена правописна грешка, а нашиот правопис се знае дека е прилично заплеткан.
Самиот факт што нашите правописи, сезонски се менуваат, самиот тој факт говори за натпросечната надареност на нашата цилиндрашка, калиграфска, правописна раса! Јас сум претседател на дваесет и три друштва и самовилата, која стои над колевката на секое новороденче, мене ми предвидела дека ќе бидам покровител и застапник, почесен претседател и претседател, двигател, идеолог, говорник над гробови и говорник кој открива споменици, а со текот на времето станувам и бронзена појава во еден од нашите паркови.
Во сенката на мојот цилиндар, јас сум, со достоинство на редовен телефонски претплатник, личност за која четири полни реда со насловите и поднасловите на моите граѓански функции се испечатени во книгата на телефонски претплатници, јас сум човек кој од принцип никогаш никому не потпишал меници и кој никогаш на отплата не купил ниту една кутија сардини, затоа што својот уреден и угледен живот го проживеав во рамките на своите куповни можности, без долгови, без морална, граѓанска или каква било дамка, без политичка сенка, без патриотска дамка, отворен како трговска книга, секогаш достапна секому на увид, пропишан, учтив, хармоничен, јасен, срдечен, за себе и за своите ближни примерен патриот, примерен граѓанин и примерен работник, човек сопружник, кој никогаш не спиел со никого освен со сопствената госпоѓа, која веднаш уште во првата ноќ од нашиот среќен брак ја направив мајка на иден господин доктор и иден претседател и иден цилиндраш, затоа што нам Господ ни заповедал: „Размножувајте се, цилиндрашки господо доктори и раѓајте идни цилиндрашки господа доктори“, затоа затоа Универзумот беше создаден за да се множиме и размножуваме ние, цилиндрашите, говорниците пред споменици и над отворени гробови на великаните, сами во последната низа на великани и идни носители на улици и плоштади во нашиот главен град и престолнина, во нашата метропола, во нашата илјадагодишна цивилизација.“

Дали може да се нарече човек, еден наш таков господин доктор, свесен носител на многубројни ордени, човек кој е секогаш подготвен да умре на „Ѕидот на христијанството“?
Тој испробан и докажан борец за национални идеали, таа тријада на нашата илјадагодишна култура, тоа е сивата маска на нашиот докторски бал, појава која сѐ уште не е целосно разоткриена, а дури и ако некој ја разоткрие, што ќе остане од неа?
Три дипломи, седум научни трудови во кои тој се обидел да докаже како одредени феномени можат да се множат или делат или класифицираат, дваесет и две кариери, како и дваесет и два животни успеси, една катедра, три катедри, една оставинска расправа, една непрекината и постојана количина досада од десет до петнаесет илјади денови, во која особено се издвојува неделната досада (околу две илјади здодевни, дождливи недели), со прошетки во ботаничката градина, со златни риби под фонтаната и со цигара на клупа под некоја липа, неколку патувања во северните големи градови (во трета година, во лоши хотели), без какви било други особени интереси, страсти или возбудувања, односно со еден збор: една маска со чевли број четириесет и два, со два или три златни моста, со копање на носот во темни соби каде што клокоти котелот врз шупливото седиште, сиво, досадно лице меѓу еден куп останати досадни, сиви лица, примерок меѓу масата на слични примероци, човек на кого воопшто не може да му се пристапи на човечки начин, затоа што несомнено припаѓа на времето пред ерата на поплавата на човечка глупост, кога таквите јадни животни се бранеле со оклопни, непробојни плочи од сопствената носорозна супстанција, и покрај секој интелигентен доказ за спротивното. За што друго е човечкиот ум денес, ако не за нервозен немир, односно за невротично дрндање за дилувијалните околности на реалноста?

Ние нервно вознемирените поединци сме опкружени со идиоти, сопственици на имот, сопственици на фабрики за сода-вода, господа граѓани и малограѓани, кои носат кора од диња на главите кога меѓусебно се закопуваат, и што може човек да прави со еден ваков близок сограѓанин, таков примерен патриот и член на централниот комитет на таа и таа партија, кој е градски татко, советник, сопственик на фабрика, филантроп и јавен работник, кој со својот сопствен потпис во својот сопствен партиски весник јавно протестира против тоа што денес се употребуваат товарни возила, кога тоа како прво, го убива нашиот сопствен коњски превоз, а како второ „го расипува и уништува системот на канализациони цевки и одводни канали, изградени кај нас на старомоден цигларски начин“.
Под „товарни возила“, овој наш учтив граѓанин (иронично) подразбира воени камиони, а бидејќи тој нема граѓанска смелост да протестира и да се буни против воените паради, тој ги објавува своите длабоки мисли во своето партиско тело на еден симболичен начин.
Тој се изразува во алегории. Бидејќи топката се запалила на седумдесет и седум страни, бидејќи неговата еднокатница на улицата именувана по исушениот неспособник и таканаречен поет Аладар Кипријан Балентековиќ изградена врз дваесет милиони скршени, изрешетани и просејани черепи на неговите европски сограѓани, бидејќи останаа уништени не знам колку десетици европски градови во грмотевици и невреме што ја крена Европа како стар згужван лист од весник, бидејќи цела Азија падна во крв, во чума, во оган, во пропаст, во катастрофа како миниран каменолом, господинот Градски советник и сопственик на станови од улицата Кипријан Хиперион Балентековиќ протестира против употребата на „товарни возила“, затоа што ги „руши канализациите“, и врз основа на тоа се загрозува правилниот одлив на тоалетните цевки од неговата скапоцена и важна еднокатна зграда.
Во принудниот бунт против „товарните возила“, прислушувајќи како пукаат карпите од неговата сопствена куќа, како му се тресе кровот над главата и чашите кои ѕвечкаа во креденецот во трпезаријата, господинот Советник се бунтува против современата реалност од витешка перспектива: тој живее во златната рамка на старомодната олеографија, онаму каде што витезите во оклоп се борат со чудовишта на турнир, тој ги замислува своите кочијашки идеали во пурпур и хермелин, умирајќи за поимот „татковина“, во пурпурен оган и мавтајќи со знамиња, во крстоносна екстаза на еден гест како што се волшебните движења на знаменосецот и бајрактарот кои загинуваат во бара од крв „за Светиот крст и златната слобода“, каде што „Светиот крст“ ја означува негова барокна Света Марија на Божиќ и Велигден, а „Златната слобода“ всушност ја претставува неговата ситнобуржоаска фабрика „Сода-вода“ или неговата машина за грицкалици за нокти, а двајца гологазовци му ги прават во пивницата, а господинот Сенатор продава пакет од овие грицкалици под заштитникот знак со хералдички орел кој носи златен крст во своите канџи како симбол на нашата – илјадагодишна „златна слобода“, „златна“ слобода на правење грицкалици за нокти, полнење шишиња со сода и заштита на одводните канали.

Човекот лебди неколку сантиметри над реалноста. Влезете во еден таков „слободарски“ поглед на светот врамен во златна рамка, кој тука стои пред нас како четворобоен испечатен примерок од која било феудална драма или битка или триумфално крунисување и објаснете му на таквиот ваш господин сограѓанин дека неговата кочијашка логика се движи на пилешки нозе, и што ќе ви одговори? Или дека сте морално болен тип или странски платеник или, во најдобар случај, нешто не е сосема добро со вашата глава.
Со години живеев во овој наш смрдлив калабалак, речиси глувонем, притаен и повлечен во себе како полжав и вистински ползавец и со години размислувам за човечката глупост, нејасно чувствувајќи како од различни човечки постапки произлегува чудна, мрачна, внатрешна сила која им го попречува секое движење на луѓето, која на луѓето никако не им дозволува да живеат целосно и непосредно, една опасна сила, која всушност ги труе и растворува луѓето; Оваа секојдневна појава на човечка глупост ја толкував како природна работа: „Човекот застана на задните нозе, одеше како двоножец, а глупоста се влече зад него како сенка!“
Глупоста е сестра на мракот, глупоста би сакала двоножецот повторно да го врати кај негоите четвороножни роднини во природата, глупоста не му дозволува на човекот да отпатува кон ѕвездите, како што и силата на гравитацијата не му дозволува да лета! Јас всушност ги сакав луѓето. Јас, всушност, им простував на луѓето, се воодушевував на човечките способности, а кога ќе се појавеше човечката глупост и кога некакво прекрасно воздигнување на човечката волја или занес ќе го привлечеше кон себе, во калта и нечистотијата на неизмиени зборови, јас го толкував распаѓањето на таквото благородно и племенито човечко движење сосема природно, добронамерно и помирувачки: „И птиците уморни паѓаат и не летаат вечно, зошто луѓето треба постојано да лебдат над своето достоинство? Или: „Поединецот што сака да се издигне над своите сограѓани е како тркало на матна патека; Тоа се тркала, но и тоа ќе се извалка!“
Човечката глупост е мрачна сила под нас, тоа е хаотична сила на исконски суштества под нас, кои луѓето сè уште не ги совладале, но кои сепак ќе ги надвладеат, без трошка сомневање, и тука лежи смислата и значењето на човековиот напредок: степенот на поединечните цивилизации е обратнопропорционален со степенот на човечка глупост.
(продолжува…)
