На денешен ден во 1818 година се родила Емили Бронте, која го има напишано еден од наубавите романи на сите времиња: „Оркански височини“, првпат објавен во 1847 година. Овој роман секогаш го наоѓаме на листите со препораки за книги кои мора да ги прочитате во животот и со право, оваа приказна е вистинско, врвно, книжевно ремек-дело.
Во чест на годишнината од раѓањето на Емили Бронте, подолу можете да прочитате една многу интересна анализа од Кетрин Хан, напишана за порталот „The Conversation“, во која дава еден интересен увид за романот кој и после толку години, сѐ уште еден од најзборуваните и најанализираните. Прочитајте го текстот во продолжение.

Кога ќе се спомне „Оркански височини“, прва асоцијација е врската меѓу Кети и Хитклиф, но нивната љубовна приказна е само еден дел од генералната слика. Тие постојат во разработена и детална мрежа од полу-инцестни врски меѓу семејствата Ерншоу, Линтон и Хитклиф. Преку приказната за повеќе генерации, книгата навлегува во прашањето дали големата, но разорна страст е подобра од смиреноста на содружништвото и топлината на домаќинството.
Првиот дел од книгата се фокусира на љубовта помеѓу Кети и Хитклиф, но вториот дел повеќе се фокусира на нивните потомци, особено ќерката на Кети, Кетрин Линтон и внукот на Кети, Харитон Ерншоу. Уште од моментот кога „Оркански височини“ била првпат издадена, контрастот меѓу двете генерации ги поттикнувал читателите да ги поставуваат истите прашања. Дали Бронте всушност ја критикува возбудливата, но измачена врска на Кети и Хитклиф со тоа што ги споредува со Кетрин и Харитон? Или помладиот пар, по нивните претходници, го претставуваат обновувањето на досадната нормативност и конвенција?
Генерации на шаблони
Од самиот старт, „Оркански височини“ ги поттикнува читателите да гледаат во генерациите во однос на нивната поврзаност. Бронте вметнува сложен шаблон кој станува очигледен преку раскажувањето на нараторот на книгата, Локвуд. Во едно од раните поглавја, Локвуд ја поминува ноќта во готските „Височини“, каде ги открива оние имиња изгравирани на рамката на прозорецот. Тој се присетува и вели:
„Тие чкртаници, меѓутоа, не беа ништо друго, туку едно име што се повторуваше со секакви букви, големи и мали – Кетрин Ерншоу, тука и таму тоа беше заменето со Кетрин Хитклиф, а потоа и со Кетрин Линтон. Во рамнодушната капнатост ја потрев главата на прозорецот и продолжив да читам Кетрин Ерншоу -Хитклиф – Линтон, додека не ми се затворија очите; но не се одморија ни пет минути кога блескави бели букви се појавија од темнината, јасно како привиденија – воздухот беше исполнет со Кетрини…“

Оваа „Кетринова супа“ ги претскажува главните настани кои следуваат. Првата Кетрин, Кети, на почетокот од романот е Кетрин Ерншоу, пред да го земе презимето Линтон, по нејзината венчавка со Едгар. Нејзината ќерка е родена како „Кетрин Линтон“, а потоа станува „Кетрин Хитклиф“ откако насила се мажи со Линтон Хитклиф, синот на Хитклиф. Во последното поглавје, втората Кетрин е верена со Харитон, и е на раб да стане Кетрин Ерншоу. Како што откриваат имињата, романот всушност дава една верзија од приказната, а потоа ја раскажува истата приказна само во обратен распоред.
Визијата на Локвуд сугерира дека овие имиња и нивните прикачени идентитети лебдат слободно, подготвени да бидат признаени или отфрлени, спред сопствена волја. Имињата и идентитетите во „Оркански височини“ делуваат менливи и непостојани. Романот постојано ги менува ликовите и нивните имиња со цел да ги замислиме во нови комбинации. Во процесот, разликата помеѓу генерациите и нивниот прикачен симболизам почнува да се топи и да ја снемува.
Кружејќи ја приказната
Шаблонот на имиња исто така сугерира дека „Оркански височини“ повеќе е циклична отколку линеарна приказна. Повторувањата воведуваат различни компликации во однос на тоа како ги читаме двете половини од наративот во тоа како меѓусебно се поврзуваат.
Од една перспектива, циркуларната структура нѐ спречува да носиме претпоставки дека „Оркански височини“ е приказна за страст осудена на пропаст која на крај е надмината и заменета со зрела љубов. Од друга страна, може да се интерпретира и како труфално враќање на првата генерација. Почнуваме со Кетрин Ерншоу, а на крај се враќаме пак на (друга) Кетрин Ерншоу.

Секако, „Оркански височини“ е пресофистициран роман за да ни даде „или-или“ одговор за тоа дали е подобра страста или заедништвото во форма на придружба. Ако се навлезе малку подлабоко, Кетрин и Харитон поседуваат голем дел од истите карактеристики како нивните претходници, но не во толкава екстремност и во посмирена форма.
Во последното поглавје, читаме како парот чита заедно во неодамна одново засадената градина, детаљ кој ни укажува дека насилството и хаосот во „Височините“ конечно е припитомен. Тие симболизираат хармонична синтеза на многуте спротивности, особено природата/воспитувањето и страста/заедништвото, кои најмногу се истакнуваат во романот. Во оваа хибридна околина, фактот дека помладата Кетрин го зема моминското презиме на нејзината мајка истовремено остава впечаток на некакво враќање и обновување.
Имињата кои се повторуваат во романот, како и неговиот целосен дизајн наговестуваат и други можности. Поточно, би можело да се каже Бронте повеќе била заинтересирана за ткаење на комплексен наратив отколку одговарање на прашањата кои самиот роман ги поставува. Со тоа, таа создала книжевна и филозофска сложувалка која продолжува до ден-денешен да ги разгорува мечтите и фантазиите на многумина автори, режисери и уметници (и читатели).
