„Малиот принц“: Книга која лесно се чита, но тешко се заборава!

Денес се одбележува годишнината од исчезнувањето на Антоан де Сент-Егзипери, француски писател, новинар и авијатор. На 31 јули 1944 година, Сент – Егзипери го имал својот последен лет како дел од неговата деветта извидничка мисија за „Слободните француски воздушни сили“, од воздушната база која се наоѓала на Корзика. Тој никогаш не се вратил.

Неговото најпознато дело „Малиот принц“, ја раскажува приказната за еден авијатор, кому се расипува авионот и е заглавен во пустина, соочувајќи се со мали изгледи за преживување (инспирирано од сопственото искуство на авторот кога имал авионска несреќа и останал заглавен во пустина во Либија во 1935 година), кој се запознава со еден чуден млад принц, кој паднал на земјата од еден многу малечок астероид, на кој живеел сам со една роза. Розата го направила толку мизерен, што во момент на измачување, тој искористил  јато од птици за да го пренесат на други планети.

1944960159769501928

Како што напишал Бери Џејмс за „Њујорк Тајмс“: „Детска бајка за возрасни. „Малиот принц“ всушност е алегорија токму на животот на Егзипери: неговата потреба за сигурностите на детството и внатрешниот мир, неговиот мистицизам, неговата верба во човечката храброст и братството и неговата длабока љубов кон неговата сопруга Консуело, но истовремено и наговестување на измачената природа на нивната врска.“

Во спомен и чест на денот кој се смета и денот на смртта на Егзипери, на порталиот „Литерари Хаб“ беа издвоени делови од првичните и раните критики и осврти на книгата кога првпат била издадена на англиски јазик во 1943 година. Прочитајте дел од нив подолу:

Пол Џордан – Смит за „Лос Анџелес Тајмс“, 1943 година:

„Има еден стих во Новиот Завет кој луѓето често го цитираат, но ретко кој го сфаќа сериозно. Ако беше сфатен сериозно, денес немаше да ја распарчуваме планетата и цивилизацијата која живее на неа. Тој стих се наоѓа во Евангелието според Матеј и ни кажува дека сѐ додека не станеме како деца, не можеме да влеземе во Кралството. И се надевам дека никој нема да се навреди од оваа моја споредба ако кажам дека текстот може слободно да биде поврзан во контекст со книжевноста. Мислам дека голем дел од најмудрата книжевност е онаа која навидум е напишана за деца, како на пример приказните на Езоп и Ханс Кристијан Андерсен.

1z0wdqt-yj9m3ko5epqyh5a

И тие реченици исто така поврзете ги и со мојот осврт на една прекрасна книга која е напишана и илустрирана од Антоан де Сент – Егзипери и се вика „Малиот принц“. Се работи за една слатка и едноставно раскажана приказна за едно мало момче од еден мал астероид, која е толку полна со смисла и мудрост, што и најважните луѓе ќе најдат мудрост во неа; толку едноставно раскажана што дури и критичарите и универзитетските професори можат да ја сфатат нејзината убавина и значење; една тенка малечка книга полна со богата содржина; нешто лесно за читање и тешко за заборавање.“

Извадок од освртот на списанието „Киркус“, 1 април 1943 година:

„Во однос на моите претпоставки за тоа како оваа книга ќе се продава, мојата врата е ширум отворена. Може да добие шанса и да се пробие, може да биде прочитана од вистинските луѓе, оние ретки возрасни луѓе кои можат да ја преминат границата на Недојдија без да се свртат назад, кои можат интуитивно да ја почувствуваат таа недофатлива надворешна извртена граница на нереалноста која е целосно реална за децата. Ајде да кажеме дека оние кои ја сакаа неодреденоста на Бери, на Роберт Нејтан, кои ја читаа нивната „Алиса“ само за да избегаат, а не заради некоја самосвесна носталгија, тие ќе јa допрат заплетканата убавина на „Малиот принц“ и ќе се смеат над страниците и ќе ја сфатат едноставно и непретенциозно како и самиот Сент-Егзипери.

ea5b1e32431831.5ac238b3968d6

Можеби вербата во „малиот принц“ е предвесник на верувањето во гремлини, кој знае? Ова е бајка за возрасни, сигурно дека децата ќе ја прогласат за своја. Се работи за приказната за едно мало суштество кое му се појавило на Сент-Егзипери кога бил заглавен во Сахара, и кое му ја раскажало сагата за неговите егзотични патувања во потрага по вистината, од моментот кога го напуштил неговиот сопствен мал астероид и ги посетувал другите, сѐ додека не стигнал на Земјата. Токму лисицата која сакаше да биде припитомена е таа која ќе го подучи дека мора да се врати онаму од каде што дошол и таму да ја најде среќата и смислата на животот кои ги оставил зад себе.“

П. Л. Траверс (авторката на Мери Попинс) за „Њујорк Хералд Трибјун“ во 1943 година:

„…децата се како сунѓери. Тие во своите пори ја впиваат есенцијата на секоја книга која ја читаат, без оглед на тоа дали ја разбираат или не… „Малиот принц“ ќе блеска над децата со скриен мудар сјај. Ќе ги погоди и ќе се смести на некое место кое не е во умот и ќе сјае и тлее таму додека не дојде времето за да го разберат тоа што го прочитале.“

Извор.

 

 

Leave a comment