Летото си тече, а ова лето дефинитивно не е како сите останати лета досега, со оглед на целата ситуација. Но, на сите ни е потребен малку одмор и оддишка од сѐ околу нас, а тоа ако ништо друго секогаш можеме да го најдеме во книгите. Денес на блогот можете да ги прочитате моите препораки за читање составени од книгите кои ги прочитав изминатиот месец.
„Шумот на времето“ – Џулијан Барнс
Издавачка куќа: АРТКОНЕКТ
Оцена: 5/5
Осврт: Досега неколку пати имам препорачувано книги од Џулијан Барнс (тука и тука, како и „Папагалот на Флобер“, книга која поодамно ја имам прочитано, па не била досега споделена на блогот, но искрено ја препорачувам).
Џулијан Барнс е мојот убедливо омилен современ активен писател, можеби единствено е само зад Кундера. Оваа книга е една неверојатно раскажана приказна за рускиот композитор Шостакович и неговото навигирање и преживување низ комунистичкиот режим на Сталин.
Она што е неверојатно во оваа приказна е тоа што е раскажана во прво лице, односно од перспективата на Шостакович. Според мене, тука Барнс секогаш бил најдобар, во пренесување на внатрешните монолози и размислувања на неговите ликови, но и во изнесување одреден вид на животна биографија, преку поврзување на различни точки.
Книгата следи неколку клучни животни период на Шостакович, но и истовремено дава остроумен и генијален увид во суровоста на репресивниот режим на Сталин, слободата на говор, уметност и создавање кои речиси биле и невозможни во тој период. Иако приказната е заснована на вистинскиот живот на Шостакович, односно главните детали од неговиот живот, Барнс ја користи својата писателска слобода и талент да се обиде да замисли како се чувствувал тој и како навистина размислувал.
Неверојатно напишана книга, ви ја препорачувам со цело срце, како и останатите дела на Барнс. Уживав во секој говор, размисла, а и на моменти застанував за да размислам за одредени работи кои беа изнесени во неа.
„Јазли и Бежанци“ – Петре М. Андреевски

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Тешко е за Петре М. Андреевски да се каже нешто што веќе не е кажано и напишано, особено пофални зборови. Ова е уште едно такво четиво кое не смеете да го пропуштите. Ова издание е составено од дебитантската стихозбирка на Петре М. Андреевски, „Јазли“ и „Бежанци“, последното и недовршено дело.
Двете на свој начин носат некаква прекрасна уникатност и во вас ќе разбудат посебни чувства. Кога ја читате „Јазли“, се насетува остроумноста и талентот на Петре М. Андреевски и начинот на кој прави да ја чувствувате блиска неговата поезија преку тоа како допира до вас.
„Бежанци“ од друга страна е искучително потресна приказна за прогонството на Македонците од Егејска Македонија. Оваа тематика ја обработува преку приказната на една мајка која не знае што се случува со нејзиниот сопруг, но нема друг избор освен да ја напушти куќата и да бега со своите три деца, од кои едното е сериозно болно. Тешките избори и мисли кои се вртат во главата на една мајка, жена, сопруга се толку тешки и длабоки, но и се осврнуваат на повеќе различни теми, од кои голем дел се и со национални мотиви.
Навистина ми беше тешко од емотивен аспект додека ја читав приказната, иако е кратка, но дефинитивно препорачувам да го прочитате ова дело!
„Хеј, нисам ти то причала“ – Момо Капор („Еј, тоа не сум ти го зборувала“)

Издавачка куќа: ЛАГУНА (кај нас ја има и во „Топер“)
Оцена 5/5
Осврт: Момо Капор отсекогаш ми бил интересен како писател, но најчесто сум читала извадоци од негови романи, мисли и цитати, како и по некое интервју, но сега првпат конечно имав можност да прочитам некое пишано дело од него. И многу ми е жал што не сум започнала порано.
Ова всушност е вториот дел на книгата „Белешките на една Ана“ (којa допрво треба да ja читам). Преку записите од секојдневниот живот, младата Ана ни ги изнесува своите ставови за животот, семејството, општеството, љубовта, пријателството, меѓучовечките односи… Темите се сосема секојдневни, но одлични! Каков увид прави Момо Капор во најосновните човечки карактеристики! И тоа го прави на еден прониклив, остроумен и духовит начин, што ве тера да не ја пуштите книгата од рака додека не заврши, а кога ќе заврши, жал ви е што мора да се разделите со белешките и заклучоците на Ана.
Толку уживав во книгата, што не памтам кога последен пат ми се случило да се смеам на глас додека читам и тоа непрекинато, постојано, на секои неколку страници. Велат дека делата на писателите најдобро се проценуваат кога ќе дојде на ред да ги читаат следните генерации. И тука се докажува генијалноста на Капор. Додека читате, не можете, а да не повлечете паралели со сегашноста, не може да не сфатите колку малку всушност се променило во овие децении и дека луѓето секогаш и во секое време ги искусуваат истите чувства и односи, само секако малку на поразличен начин и во малку поизменета форма.
Од срце ви ја препорачувам оваа книга, одлична! Истовремено ви дава увид во едно време кое повеќе не постои, но кое сепак можете да го поврзете со времето во кое живееме, но и ви дозовлува едноставно да уживате и да се забавувате додека читате и да се смеете на глас, а тоа е дефинитивно она што ни е потребно на сите!
„Папокот на светот“ – Венко Андоновски

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: „Папокот на светот“ е еден од најуспешните македонски современи романи, кој и после толку време сѐ уште го привлекува вниманието на читателите. Јас ја прочитав кога бев средношколка, а ја гледав и истоимената претстава која се играше во тоа време, но решив дека е време да ја препрочитам, сега кога сум во малку позрели години.
Се работи за една неверојатна приказна, односно би можело да се каже две неверојатни приказни кои сепак имаат допирна точка. Книга започнува со предговор на братот на авторот на книгата, кој ни ги дава основните информации за својот брат, авторот на романот. Потоа следува ракописот за романот „Папокот на светот“ напишан од братот на авторот на предговорот, приказна која се случува во IX век и ја следи мистеријата за една одаја во која се наоѓа мистериозен текст кој треба да биде одгатнет, заедно со пристигнувањето на уште помистериозниот лик Константин Кирил Филозофот, кој привлекува многу внимание и со себе носи неизмерна мудрост и знаење, но тоа привлекува и многу непријатели.
Потоа, ние сме пренесени во помодерни времиња, каде што го следиме автобиографскиот приказ на братот на сметководителот, именуван како Јан Лудвик, каде читаме за неговите средношколски денови и неговиот копнеж и невозвратена љубов, но и неговото одбивање да се стане дел од колектив, од партија и да ја изгуби својата индивидуалност. Одлична книга, неверојатен стил на пишување, а со оглед на тоа дека погоре го спомнав и Дејвид Мичел, додека ја читав оваа книга, не можев, а да не си приспомнам дека и двајцата писатели имаат неверојатна способност да спојат навидум неспоиви приказни кои на прв поглед немаат врска едни со други, но се поврзани на еден неверојатно длабок и спиритуален начин.
Исто така, доколку сте ја прочитале оваа книга и ви се допаднала, би сакала да ви ја препорачам и „Азбука на непослушните“, првиот роман на Венко Андоновски, одлична приказна, дејството ќе ви се допадне многу доколку ви се допаднал (особено) првиот дел од книгата.
„Илјадагодишната есен на Јакоб де Зут“ – Дејвид Мичел

Издавачка куќа: ИЛИ – ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт: Дејвид Мичел е еден од најдобрите модерни писатели без никаков сомнеж. Неговиот роман „Атлас на облаците“ веќе беше препорачан на блогот, а и оваа книга дефинитивно треба да биде на вашата листа за читање.
Книгата ја раскажува животната приказна на Јакоб де Зут, кој е млад заљубен дечко кој прифаќа да работи како писар и да отплови за Јапонија, на малиот остров Деџима, со цел да заработи доволно пари за да може да го добие благословот од таткото на девојката која ја сака и да се омажи за неа. Кога ќе пристигне, сѐ што сака е да си ја работи работата за која што е ангажиран, но како што поминува времето, други работи му го привлекуваат времето, но и срцето, а животот уште еднаш покажува дека воопшто не се грижи за нашите планови, туку си тече според својот тек.
Одличен приказ на далечната и мистериозна Јапонија на крајот на 18 и почетокот на 19 век. Мичел целосно ве пренесува во тој свет и нурнувате толку длабоко, што кога ќе заврши книгата, ќе ви треба подолго време додека се свестите дека живеете во друго место и век. Имајте предвид дека ова е тип на книга која се чита бавно, со многу фокус, наменета е за бавно навлегување, заплеткување и отплеткување на дејството, не е наменета да се прочита на едно седнување, затоа што така не би уживале целосно во неа.
Неговиот стил на пишување е магичен. Оцената 4 е само затоа што сметам дека „Атлас на облаците“ е за нијанса подобар роман, но верувајте дека подеднакво ќе уживате и во оваа приказна, особено ако сакате да запознавате далечни и непознати светови од други времиња.
„Убави девојки“ – Карин Слотер

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3/5
Осврт: Доколку сте љубител на трилери, оваа книга сигурно ќе ви се допадна и е одлична за читање додека сте на годишен одмор (без оглед на тоа дали сте дома или не).
Клер и Лидија се две отуѓени сестри кои, по низа на настани кои се случуваат откако нивната сестра ќе исчезне, целосно прекинуваат комуникација. Притоа нивниот живот се развива во две сосема различни насоки. Но, откако сопругот на Клер ќе биде убиен во она што навидум изгледа дека е грабеж, двете сестри се поврзуваат сосема случајно, но истовремено и сосема навремено. Како што се развива приказната, дознаваме грозоморни детали за исчезнувањето на нивната сестра и неверојатната болка низ која двете повторно мораат да ја искусат и повторно да проживеат низ неа. Двете се решени овојпат да ја дознаат вистината и да ги отплеткаат сите сплетки.
Не се работи за револуционерен роман во овој жанр, но приказната ќе ви го задржи вниманието, а и се работи за приказна со лесен стил на пишување, па добро ќе ви дојде доколку сакате да се одморите од сѐ.

