9 магични факти за „Сто години самотија“!

Кога Габриел Гарсија Маркес почина во 2014 година, неговата родна Колумбија прогласи тродневна жалост за книжевната суперѕвезда, кој беше познат по прекарот „Габо“. И покрај тоа што напиша многу одлични книги, тој е најпознат по неговиот роман „Сто години самотија“, кој го следи несреќното, понекогаш и инцестоидно, но секогаш впечатливо семејство Буендија кое живее во измисленото село Макондо. Во продолжение прочитајте 9 интересни факти за едно од најголемите ремек-дела во историјата на книжевноста.

mss_garciamarquezg_7_3_002

„Сто години самотија“ беше книжевен хит и бестселер уште од самиот почеток

Гарсија Маркес го завршил романот некаде при крајот на 1966 година, а книгата била издадена следната година. Оттогаш книгата се има продадено во 50 милиони примероци, преведена е на 25 јазици и според достапните податоци, од сите издадени книги и писанија на шпански јазик, само Библијата е пред „Сто години самотија“ во поглед на продадени изданија. Гарсија Маркес во 1973 година, во разговор со списанието „Атлантик“, изјавил: „Немаше да ја прочитам книгата ако јас не бев тој кој ја напишал. Јас не читам бестселери и популарни книги.“

Малку фалело „Сто години самотија“ да не биде воопшто напишана

Маркес објавил 4 книги на шпански јазик пред „Сто години самотија“, но толку многу се обесхрабрил што во период од 5 години целосно се откажал од пишување. Но, сепак, не можел од глава да ја извади идејата за книгата. Кога се решил повторно да обиде, неговата сопруга била таа која заработувала за живот, додека тој целосно се нурнал и посветил на пишувањето, без воопшто да има слика за тоа како и во кој правец треба да се движи заплетот.

Во едно интервју тој кажал: „Во период од 18 месеци, ниту еднаш не сопрев со пишување, сѐ додека не ја завршив книгата.“ Ракописот бил толку голем, а приходите на семејството толку мали, што тој имал пари да ја прати по пошта само првата половина од романот. Но, по грешка тој ја испратил втората половина, а издавачот бил толку заинтересиран што веднаш му ја побарал и првата половина и самиот тој ја платил поштарината за пакетот.

5c80c4ffc17bc

Популарноста на романот била нешто слично како онаа на Битлси

Два дена откако бил издаден по малку психоделичниот роман, албумот Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band на Битлси излегол во продажба. И двете изданија имале сличен тек: Гарсија Маркес станал предводник на латиноамериканското книжевно движење наречено „Ел Бум“, а Марио Варгас Љоса и Карлос Фуентес исто така биле дел од ова движење. Сите луѓе, професори, физички работници, па и сексуални работнички ја купувале, читале и зборувале за книгата.

Оваа книга беше толку привлечна за сите, што ги надминуваше и класните разлики, како и тешките политички и културолошки пресврти во тоа време. Пол Ели напишал во „Венити Фер“: „Оваа книга се сметаше за првата книга која ја обедини книжевната култура на шпански јазик, кој долго беше поделена на неколку нивоа: помеѓу Шпанија и Латинска Америка, градот и селото, колонизаторите и колонизираните.“

Човекот кој ја превел „Сто години самотија“ на англиски јазик, заслужува своја биографија

Кубанско-американскиот професор по книжевност, Грегори Рабаса, бил криптолог за време на Втората светска војна, одгатнувал кодови, ја посетувал Белата куќа и танцувал со Марлен Дитрих. Тој течно зборувал седум јазици и испитувал важни воени заробеници.

По препорака на книжевен колега, Маркес чекал една година за Рабаса да се ослободи и за да може да ја преведе книгата. Кога „Сто години самотија“ конечно излегла на англиски јазик и се појавила на тој книжевен пазар, тој бил толку задоволен од резултатот, што му рекол на својот преведувач дека англиската верзија на романот била подобра и од неговата, оригинална верзија.

gabriel-garcia-marquez-one-hundred-years-of-solitude

Издавањето на книгата довело до промена на име на една компанија за банани

Маркес целиот живот бил политички и општествено активен и многу често пишувал против капитализмот. Инспирацијата за колонијалната компанија за банани опишана во романот била масивната корпорација „Обединето овошје“ (United Fruits), компанија која Маркес со свои очи гледал како го уништува градот во кој пораснал, па така, книгата била дел од причината поради која компанијата го променила своето име во „Чикита“.

Гарсија Маркес бил решен дека никој нема да направи екранизација на „Сто години самотија“

Постојат неколку екранизации на неговите дела, како на пример „Љубов во време на колера“, филм кој во 2017 година беше холивудски хит со Хавиер Бардем и Бенџамин Брет во главните улоги. Кога филмскиот продуцент Харви Вајнстајн (кој сега веќе е осуден за сексуално малтретирање и силување) му пристапил на Маркес со идејата да се екранизира овој роман, Гарсија му рекол: „Мора да ја снимиме целата книга, но  секоја година, во текот на 100 години, да објавуваме по едно поглавје кое ќе трае две минути“.

Сепак, минатата година беше објавено дека Нетфликс ги откупил правата од неговото семејство и ќе се сними серија според книгата.

Самиот концепт на магичен реализам бил еден вид политичко дејствување за Маркес, како и за оние кои го следеле

Џуно Диаз, американскиот писател со доминиканско потекло, го нарекол магичниот реализам „алатка која им помага на луѓето од Карибите појасно да ги гледаат работите во нивниот свет, надреалниот свет, во кој има повеќе мртви отколку живи, повеќе бришење и молчење отколку јасно искажани работи“.

Салман Ружди го препознал неговото сопствено искуство во Латинска Америка од страниците на Маркес. Поетот Нии Паркес од Гана, кажал дека писателот „го научи Западот како да чита за реалност која е толку различна од нивната, а тоа за возврат ги отвори вратите за други писатели како мене и други писатели од Африка и Азија.“

13

Маркес случајно навлегол во уште еден жанр: Медицински реализам 

Гарсија Маркес си имал свој концепт за магичниот реализам и неговото потекло, но понекогаш она што си замислувал и мислел дека е нешто сосема измислено, излегувало дека е нешто што навистина постои. Во првиот дел од романот, епидемија на несоница го погодува Макондо. Жителите почнуваат да забораваат зборови за одредени работи и концепти. Хозе Аркадио Буендија дури ги означува секојдневните објекти низ местото.

Ова когнитивно нарушување всушност првпат се појавува во медицинската стручна литература во 1975 година, 8 години по издавањето на книгата. Се нарекува „семантичка деменција“ и Маркес точно ги опишува ефектите од овој тип на дегенерација на фронталниот и темпоралниот лобус во мозокот.

Маркес не ја сметал книгата за нешто премногу магична

Она што другите го нарекуваат магичен реализам, Маркес го нарекува „проживеано искуство“. Тој еднаш кажал дека сѐ што напишал, тој го знаел, искусил или го чул уште пред да наполни 8 години. Во 1988 година тој рекол: „Треба само да ги отворите весниците за да ги видите неверојатните работи кои ни се случуваат секојдневно. Во моите книги, нема една реченица која не е заснована на реалноста.“

 

Извор.

Leave a comment