К.С.Луис е најпознат по својот книжевен серијал за магичната земја Нарнија, земја во која многу деца (па и возрасни) посакуваат да отидат. Но, сепак тој има напишано голем број дела и написи, а едно од нив, кое дефинитивно заслужува поголемо внимание е делото „Четири љубови“. Во него, тој ги истражува различните видови љубов, а во еден одреден дел, тој се задржува на пријателството.
Денес на блогот можете да прочитате еден прекрасен извадок за убавината на пријателството и зошто оваа врска и однос е толку различна од сите други односи кои ги имаме во животот. Во продолжение прочитајте го извадокот.

„Заљубените трагаат по приватност. Пријателите ја наоѓаат оваа самотија околу нив, оваа бариера помеѓу нив и „толпата“, без оглед на тоа дали го сакаат тоа или не.
[…]
Во кругот на вистинските Пријатели, секој човек едноставно е она што е: тој внатре е сам. Никому не му е гајле за семејството, професијата, класата, приходите, расата или минатото на другиот. Секако дека на крај ќе ги дознаете повеќето од овие нешта. Тие ќе си излегуваат на површина, малку по малку, да се претстави одредена слика или аналогија, да служат како основа за некоја анегдота; но никогаш самите по себе.
Тоа е благородноста на Пријателството. Се среќаваме како суверени принцови на независни држави, во странство, на неутрална територија, ослободени од нашите контексти. Оваа љубов (во суштина) ги игнорира не само нашите физички тела, туку целото наше олицетворение кое се состои од нашето семејство, работата, минатото и врските. Дома, покрај тоа што сме Питер или Џејн, имаме и општ карактер; сопруг или сопруга, брат или сестра, шеф, колега или подреден. Не и меѓу нашите Пријатели. Тоа е врска на расплеткани или соголени умови. Еросот има голи тела; Пријателство голи карактери.
Оттука (ако не ме сфатите погрешно) доаѓа и исклучителната самоволност и неодговорност на оваа љубов. Јас немам должност да бидам нечиј пријател и ниту еден човек на светот нема должност да биде мој пријател. Нема побарувања, нема чувство на неопходност. Пријателството е непотребно, како филозофијата, како уметноста, како самиот универзум… Тоа нема нужна вредност за преживување; но тоа е една од оние работи што му даваат вредност на преживувањето.“
