Тони Морисон за длабокото и интимно значење на слободата…

Тони Морисон, американската писателка која за жал нѐ напушти во 2019 година, е една од најпознатите современи авторки во американската книжевност. Нејзините длабоки и емоционални увиди во човечката душа, како и постојаниот копнеж за слобода кој се јавува во нејзините дела ја прават писателка со која читателите многу лесно се поврзуваат и тоа е причината поради која таа ја доби Нобеловата награда за книжевност во 1993 година и е првата Афроамериканка која ја добила оваа престижна награда.

06morrison-videosixteenbynine3000-v3

Едно од делата најзаслужни за нејзината слава, но и за Нобеловата награда е делото „Љубена“, кое е инспирирано од вистинска приказна за една жена која сака да избега од ропството и превисоката цена која мора да ја плати за својата слобода.

Во продолжение прочитајте го овој извадок, токму од таа книга, кој најдобро ги доловува нејзините размислувања за слободата:

„Заслушан во галебите во Алфред, Џорџија, немаше право ниту дозвола да ужива во нив затоа што таму маглата, галебите, сонцето, бакарната руда, месечината, сѐ им припаѓаше на луѓето со пушки. Некои од нив, ситни човечиња, некои мажишта, ама немаше ниеден што не можеше да го смачка како мува, само ако сакаше.

Тоа беа мажи чија машкост лежеше во пушките и не ги збунуваше тоа што без пушки ним  и врапците ќе им се смеат. И овие „мажи“ на кои само баби можат да им завидуваат, можеа, ако им дозволиш, да ти забранат да ги слушаш гугутките или да ја сакаш месечината. Па да се заштитиш, мораше да сакаш ситни нешта.

Да си избереш најмали sвезди од небото за себе; а одвај да легнеш со лицето нагоре и да ја ѕирнеш избраната, над кафезот, преку ендекот, пред да заспиеш. Да украдеш малку срамежлив трепет од неа низ окованите дрвја. Тревка, гуштер, пајак, клукајдрвец, литмара, мравјалник. Сѐ друго поголемо, не доаѓаше предвид. Жена, дете, брат – голема љубов како спрема нив, ќе те расцепеше на две во Алфред, Џорџија.

Знаеше точно што му велеше таа: Да дојдеш некаде кај што ќе сакаш по сопствен избор – без да ти треба дозвола за сакање – ете тоа, тоа е слобода.“

Извадокот е од: Морисон, Тони. Љубена. Скопје: Полица, 2021
Превод: Драги Михајловски и Зоран Анчевски

Leave a comment