Писатели и трчање: Мураками го руши митот за писатели кои пушат цигари и пијат кафе!

Оноре де Балзак пиел 50 шолји кафе на ден. Зад него не заостанува ни Волтер кој пиел 40 шолји кафе на ден. Хемингвеј страствено пушел луле и уживал во алкохол, а и поголемиот дел од писателите не ја испуштале цигарата од рака во своите инспиративни налети. Сите тие дневни ритуали биле еден посебен дел од нивната личност.

Кога гледаме филмови за големи писатели или читаме нивни биографии, цигарите се некако како неизоставен дел од нивниот опис. Дури и на повеќето фотографии се со кафе или цигара. Дали цигарата е основна мотивација или тоа е само залепена етикета на писателите како дел од нивната навика?

Дали нездравиот начин на живот на писателите е неопходен за големи дела да произлезат од нив?

Јапонскиот писател Харуки Мураками го тврди сосема спротивното.

c3287041-939c-4704-bb4b-ecc424c76482-2060x1236-770x560-1

„Уметничкиот чин во основата на својата структура обединува елементи на нездравото и антисоцијалното. Ако веќе се надеваме дека долго ќе се занимаваме со оваа писателска професија, тогаш мислам дека мораме да изградиме природен имунитет кој ќе може да се спротистави на овој опасен отров во нас. На тој начин ќе можеме успешно и соодветно да се спротиставиме на уште поголем отров. Со други зборови, ќе можеме да создаваме уште моќни приказни.“

Иако долги години бил пушач, тој денес наоѓа не само мотивација, туку и задоволство во физичката активност. Трчањето станало негово хоби, навика и најважно од сѐ, извор на неизмерна креативност. Толку многу што напишал цела книга за тоа.

Во книгата „За што зборувам кога зборувам за трчање“, Мураками ја поистоветува маката при пишувањето со маката додека трча.

„Во писателската професија, нема порази или победи. Најважно од сѐ е дали она што сте го напишале го исполнува критериумот кој вие самите сте го поставиле и тука не вредат изговорите. Во таа смисла, пишувањето роман личи на трчање маратон. За создавателот, таа мотивација лежи во него самиот, тивко и постојано и не мора да има видлив облик или критериум кој може да се види со око.“

1-635x400-1

Мураками досега истрчал голем број маратони и трки, тој има истрчано и ултрамаратон од 100 КМ.

„Додека трчам, не морам да разговарам со никого, ниту да слушам нечии приказни. Доволно е само да го гледам пределот околу мене или да се фокусирам на самиот себеси. Тоа за мене беа драгоцени моменти кои не би ги менувал за ништо.“

„По правило трчам во „празнина“. Или обратно, можеби трчам за да стекнам празнина. И во таа празнина понекогаш се вгнездува некоја мисла.“

Од неговата 33-та година, нема ден (освен кога бил болен), а Мураками да не трчал. Тогаш сфатил дека целиот живот е еден вид повторување, но не во негативна смисла.

murakami

„Колку и да имам наталожено искуство и години, сѐ се сведува на повторување на истото. Мислам дека некои процеси не претрпуваат измени. А ако неизбежно мора да бидеме дел од еден таков процес, сè што можеме да направиме е да се обликуваме (или да се изобличиме) преку постојано повторување и да го прифатиме тој процес како дел од нашата природа “.

„Да изгориш во рамките на своите индивидуални граници, дури и заради мал успех, е суштината на трчањето, а во исто време и метафора за животот (за мене тоа е исто така метафора за пишувањето)“.

Оваа книга настанала како збир на записи направени по трчањето, претежно со нафрлени мисли. Подредена е врз основа на датумот и местото на трчање и е напишано во форма на кратки есеи. Со неа, Мураками го руши митот за писател кој пуши и пие кафе и докажува дека има многу други, поздрави методи за создавање креативни дела и уметност

Се разбира, на секој уметник му останува самиот да го открие својот извор.

Извор.

Leave a comment