Џ. Д (Џером Дејвид) Селинџер денес е најпознат по неговата книга „Ловец во ‘ржта“ (некаде ја преведуваат и како „Игра во ‘ржта“) објавена во 1951 година и по неговиот повлечен живот далеку од јавноста. Тој бил одлучен да ја заштити својата приватност, а тоа често вклучувало ангажирање на неговите адвокати во барањата да не се дозволуваат јавни дискусии за неговиот приватен живот.
Неговата личност и неговото одбивање да има има контакт со надворешниот свет привлекло многу внимание, не само на неговите обожаватели и читатели, туку го привлекло и вниманието на Холивуд, што водело кон создавање на документарец кој и ден денес покренува многу расправи, дискусии и спорови.

Има неколку клучни моменти во неговиот живот што длабоко влијаеле на неговиот живот.
Во 1941 година, тој започнал љубовна врска со Уна О’Нил, за која верувал дека е љубовта на неговиот живот. Но, нивната врска завршила кога тој бил повикан во армијата во 1942 година. Уна потоа се омажила со Чарли Чаплин. Селинџер дознал за свадбата додека читал весник и тоа за него било неверојатен личен удар.
Но, ова не се споредувало со неговите искуства додека бил војник во Втората светска војна. Тој се борел во битката на „Денот Д“ и бил во Европа. Во Париз се запознал со Ернест Хемингвеј кој многу влијаел на неговото пишување. Кога завршила војната, тој бил испратен во Германија за да ги испитува поразените нацисти.
Додека бил таму ја запознал својата голема љубов Силви, со која подоцна се оженил, но се развеле по само осум месеци брак. На крајот се покажало дека таа била поранешен нацистички службеник, нешто што тој го доживеал како голем удар и предавство. Според весникот „Дејли Мејл“, Селинџер тврдел дека таа била „зла жена која ме маѓепса“.

Тој сепак некако нашол енергија и волја да ја објави неговата легендарна книга во 1951 година, наспроти сите проблеми. Книгата најпрво била одбиена од „Њујоркер“, а потоа и од „Хархоурт Брејс“. Но, откако конечно била издадена, „Ловец во ‘ржта“ веднаш станала бестселер. Книгата во себе го содржи класичниот антихерој, а акцентот на книгата бил ставен на тинејџерската бунтовност и збунетост, нешто што било подеднакво интересно и за младите, но и за постарите читатели.
Но, многу е тажен фактот што книгата се поврзува со неколку трагични убиства, најпознато од нив е убиството на Џон Ленон. Марк Дејвид Чепмен, човекот што го уби Ленон, тврдел дека бил инспириран од книгата и од главниот лик Холден Колфилд. Со славата која книгата му ја донесе, дошла и желбата целосно да се изолира себеси и да ја штити својата приватност, која често била нарушувана во периодот по објавување на книгата. Две години по издавањето на романот, тој се преселил во Корниш, Њу Хемпшир и го поминал остатокот од животот во изолација.
Неговата ќерка Маргарет напиша и книга за нејзиниот татко и нејзиното растење во изолација со нејзиниот брат Метју и мајка им Клер, која на крај си заминала и го напуштила. Книгата се нарекува „Фаќач на соништа“ и беше издадена во 2000 година. Маргарет споделува неколку интимни детали од нивниот живот без контакт со надворешниот свет и чудниот карактер на нејзиниот татко.
Таа се сеќава дека тој бил опседнат со здравјето и дека ја пиел сопствената урина, затоа што верувал дека има многу поволности за здравјето. Дополнително, тој ја презел контролата врз здравјето на неговите деца и ги лекувал со хомеопатија и акупунктура употребувајќи дрвени штипки наместо игли. Тој исто така практицирал зен-будизам и проучувал и други религии како Хиндуизам и Скиентологија и постојано работел на неговото пишување.

Во текот на неговиот живот, тој имал неколку врски со жени кои биле значително помлади од него и сите завршиле со разделба. Според „Дејли Мејл“, тоа не било „толку Лолита синдром, колку копнеж и желба да открие невиност и потоа да ја обликува во посакуваниот облик.“
Шејн Салерно, познат по филмови како „Армагедон“, десет години ја истражувал фасцинантната личност на Селиџнер со цел да сними документарец кој едноставно бил насловен „Селинџер“. Има огромна дискусија за овој филм и критиките доаѓаат од различни места, најчесто напоменувајќи ја животната мисија на Селинџер да остане скриен во сенките.
Како што е објавено во „Гардијан“, како одговор на тврдењето дека Салерно интервјуирал околу двесте луѓе што лично го познавале писателот, неговиот син Метју рекол: „Во последните триесет или четириесет години, тој едвај имаше доволно луѓе во животот за да формираат круг.“ Наводно, никој од нив не сакал да учествува во овој филм.
Повеќе информации за Селинџер можете да прочитате тука, а тука прочитајте повеќе мисли од „Ловец во ‘ржта“, како и интересен увид во ликот на Холден Колфилд.
